1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блумберг фрли 500 милиони долари „во ветар“ и се повлече

БГ /РТР
4 март 2020

Откако неславно помина на гласањето на ткн. супер-вторник во битката за номинацијата на демократите за претседател на САД, Мајкл Блумберг се повлече од трката, но неговото богатство остана во неа.

https://p.dw.com/p/3YshI
USA Florida | Mike Bloomberg
Фотографија: Getty Images/J. Raedle

Милијардерот Блумберг денеска од надежен кандидат се претвори во моќен поддржувач на поранешниот американски потпретседател Џо Бајден, кој извојува голема победа во битката да стане претседателски кандидат на Демократската партија на изборите на 3 ноември.
Блумберг, 78-годишен поранешен градоначалник на Њујорк и еден од најбогатите луѓе во САД, забележа очајни резултати на гласањето, победувајќи само во територијата Американска Самоа и покрај тоа што потроши 500 милиони долари на кампањата.
Најавувајќи дека се откажува од претседателската трка, тој го поддржа Бајден, кој пак сега се профилира како водечки кандидати наспроти самопрогласениот демократски социјалист, Берни Сандерс.

„Ќе работам на тоа тој да стане следниот претседател на САД“, соопшти Блумберг.

Во моментов е нејасно на кој начин Блумберг ќе го поддржи Бајден и што е следно во неговиот голем експеримент за политичко рекламирање. Запрашан како ќе изгледа поддршката, претставник на кампањата на Блумберг посочи на ветувањето дека инфраструктурата на неговата кампања ќе остане се до изборите во ноември за да им помогне на демократите да го поразат Трамп.

Блумбер го користеше рекламирањето како дел од неговата уникатна изборна стратегија во која го прескокна гласањето во неколку држави како и внатрепартиските дебати, а се фокусираше на гласањето во 14 држави на „Супер вторникот“.

Лавина од кеш

Откако влезе во кампањата на 24 ноември минатата година, Блумберг потроши стотици милиони долари на реклами. Во нив порачуваше дека ќе го совлада републиканецот Доналд Трамп на изборите во ноември, па неговата поддршка меѓу демократите и независните нарасна до 15%. Притоа тој вработи и илјадници луѓе во својата кампања, но не успеа да добие повеќе од 15% од поддршката во ниту една од 14 држави во кои се гласаше.
Но кампањата на Блумберг уште од почетокот се соочи со критики поради неговите минати политики кои многумина ги сметаа за расно дискриминаторски, како и за некои сексистички забелешки. Кога влезе во кампањата Блумберг објаснуваше дека стравува дека ниту еден од демократските кандидати нема да може да го совлада Трамп.
„Трамп ќе ги изеде“, изјави тој за телевизијата СиБиЕс, претставувајќи се себеси како „центрист“ наспроти „комунистот“ Сандерс. Блумберг остро го критикуваше Трамп, двајцата њујоршки милијардери си разменуваа навреди, а Трамп се исмејуваше со малиот број следбеници на Блумберг на Твитер нарекувајќи го „мини-Мајк“.

USA Super Tuesday | Bernie Sanders und Joe Biden ARCHIV
Останаа двајца во битката за претседателската номинација кај демократите, Берни Сандерс и Џо БајденФотографија: picture-alliance/dpa/M. Rourke

Своето богатство кое се проценува на околу 60 милијарди долари, Блумберг го заработи преку медиумската империја која ги снабдува фирмите на Вол Стрит со финансиски информации.

Иако во поголемиот дел од животот беше демократ, тој ја промени страната во 2001 кога беше избран за градоначалник на Њујорк со помош на републиканците. Во 2007 стана независен, а потоа во 2018 повторно се врати во јатото на демократите.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема