Богата жетва на Путин, но со загниени „плодови“?
23 декември 2016Да беше Владимир Путин земјоделец, сега би можел да слави жетварска слава. Семето кое рускиот претседател го засеа и го полеваше на крајот од годинава донесе толку многу „плодови“ како ретко кога порано. Вакво мислење споделуваа бројни западни експерти и медиуми кои 2016 ја опишуваат како „супер година“ за Кремљ (Франкфуртер алгемајне цајтунг). И во Русија дури весникот Новаја Газета, кој е критички настроен кон Кремљ, заклучи дека оваа веројатно за мнозинството Руси беше „најуспешна година“: „Година без потреси“. Ваквата проценка сепак се покажа како прерана. Путиновиот наводно розов годишен биланс беше турнат во втор план од страшниот атентат во Анкара, во кој турски полицаец го уби рускиот амбасадор во Турција. Убиецот својот чин го нарече одмазда за руската интервенција во сирискиот конфликт. Поради погребот на амбасадорт Андреј Карлов, Путин својата годишна конференција за новинари ја помести од четврток за петок.
Победа во Алепо, пораз во Палмира
Гледано од Путинов агол, она што во моментов оди добро е пред сѐ актуелната светска политика. Имаше ситуации во кои Русија играше главна улога, но и такви во кои постоеше сомневање дека Москва има вмешано прсти. А конечно, имаше и целосно случајни развоји на ситуации кои му одеа од рака на Кремљ.
Во првата група припаѓа Сирија. Воената моќ на Москва му донесе пресвртница на претседателот Башар ал-Асад, кому му се закануваше пораз во војната против бунтовниците. Како досегашен врв важи битката за Алепо.
За Јенс Зигерт, Сирија е „клучниот надворешнополитички успех“ на Владимир Путин, кој влече корени уште од 2015 година. „Русија благодарение на Путин стана играч на највисоко меѓународно ниво“, вели поранешниот шеф на московската канцеларија на германската фондација „Хајнрих Бел“.
Слично мислење има и Александер Рар, советник на Газпром и директор за истражување на Германско-рускиот форум. Рар сепак предупредува дека војната во Сирија уште не е завршена: „Улогата на Русија ќе се мери по тоа како работите ќе се одвиваат натаму во Сирија“.
А оти сѐ не се одвива според плановите на Москва, покажа Палмира. Терористичката организација Исламска држава (ИД) повторно го зазеде градот, од кој пред половина година беше протерана со помош на руската војска.
Победа на прагматизмот во односот кон Турција
И изненадувачки брзото решавање на спорот со Турција, Путин би можел да го прокнижи како победа. Инаку многу пријателските односи рапидно се влошија откако турските противвоздушни сили во 2015 година соборија руски воен авион на границата со Сирија. Русија на тоа во јуни реагираше со економски санкции. Дури писменото извинување на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го стопи мразот. Денес Москва и Анкара се повторно партнери и го усогласуваат својот однос кон Сирија. Освен тоа, Русија повторно продолжи да работи на плановите за изградба на гасоводот преку Црното Море. За Москва овој проект е стратешки важен за да се заобиколи Украина како транзитна земја.
Помирувањето со Турција за Путин е „дипломатска победа“, вели Андреј Колесников, од Карнеги центарот во Москва. Сепак, додава дека би било погрешно да се тврди дека Русија успешно ја казнила Турција. „Тоа е покомплицирано“, вели Колесников. Според него, победиле прагматичните интереси на двете земји.
Путин полага надежи во Трамп
Како најголем надворешнополитички успех на Москва годинава често се наведува победата на републиканскиот кандидат Доналд Трамп на претседателските избори во САД. Владата во заминување и поразената кандидатка на демократите, поранешната шефица на американската дипломатија Клинтон, му префрлуваат на руското раководство дека се мешало во изборната кампања преку хакерски напади. Москва го негира тоа. Победата на Трамп затоа припаѓа кон категоријата настани, во кои улогата на Москва, и пред сѐ нејзиното влијание врз конечниот резултат, е невозможно јасно да се докаже.
Стручњаците сметаат дека е неспорно оти Русија ќе профитира од резултатот на изборите во САД. Русија беше изненадена од победата на Трамп и затоа таа уште повеќе се радува, верува Рар. „Трамп е голема добивка за Кремљ“, смета тој. Доколку новиот американски претседател, како што најави, работи на приближување кон Русија и на прво место ги стави сопствените интереси наместо системот на вредности, тогаш на Русија тоа и тоа како ќе ѝ одговара
Санкциите како пораз
Ханс-Хенинг Шредер, поранешен експерт за Русија во берлинската фондација „Наука и политика“ верува дека Русија на надворешнополитички план играла ризична игра, и оти сепак на крајот би можела да победи. „Ако Трамп не ја поддржи Украина и во Сирија дејствува во соработка со Русија, тогаш ќе произлезе дека сите ризици биле храбри, но исправни“, вели Шредер.
Кога станува збор за ризиците, се мисли на санкциите кои пред две години беа воведени поради руската анексија на Крим и делувањето на Русија на истокот на Украина. Во ЕУ, во 2016 имаше многу земји, како Италија кои беа за укинување на санкциите. Во еден момент изгледаше дека санкциите би можеле да бидат ублажени. Сепак, на крајот на годината ЕУ го продолжи нивното важење за наредните шест месеци. Продолжувањето на санциите од Запад припаѓа кон ретките Путинови порази во 2016 година, смета Александар Рар, и додава дека тие тешко го погодуваат руското стопанство.
Уште поважен од укинувањето на санкциите за Москва би можел да биде развојот на ситуацијата на пазарот на нафта. Одлуката на ОПЕК и на Русија за намалување на количествата на експлоатирана нафта и на тој начин зголемување на екстремно ниските цени, за руското стопанство е од пресудна важност, смета пак Шредер.
Јалта 2 или Виенски конгрес 2?
Западниот свет, со Трамп како претседател на САД, кој ги доведува во прашање старите алијанси како што е НАТО, со Европска унија која ја преживува најдлабоката криза поради Брегзит, со бранот бегалци и тероризмот и во кој на власт доаѓаат проруски претседатели, како да речеме во Бугарија - тоа во Москва би можело да предизвика славеничко расположение. Експертите имаат различни мислења за тоа што рускиот претседател навистина сака и како го гледа новиот светски поредок. Ханс-Хенинг Шредер верува дека Путин настојува да дојде до еден вид „Јалта 2“, нова поделба на светот на сфери на влијание како во 1945 година. Украина така би потпаднала во руското подрачје на влијание. Александар Рар, од друга страна, верува дека Кремљ сака нов Виенски конгрес, како оној во 1815 година, на кој „големите сили би се усогласиле за интересите на Европа“.
Кога станува збор за извлекување биланс, експертите упатуваат на тоа дека бројните успеси на Русија годинава биле само етапни победи. Без оглед дали станува збор за Трамп на местото американски претседател, војната во Сирија или делбите на Западот, сето тоа се ситуации кои не се завршени и кои би можеле да тргнат во поинаква насока отколку што Москва се надева. „Мултиполарниот свет, може да биде инфициран од хаос“, вели Рар. Московскиот експерт Андреј Колесников резимира: Меѓу плодовите на Путиновите победи едвај да има некој кој не е барем малку гнил.