Болсонаро до Меркел: Пошумувај си во Германија!
15 август 2019Жаир Болсонаро ја отфрли заканата од Германија дека министерството за животна средина ќе го замрзне финансирањето на проектите за заштита на регионот на Амазонија. Новиот бразилски претседател по преземањето на функцијата експресно дозволи дефорестација на регионот, што пак, доведе до големи критики во светот.
„Сакам да и порачам на драгата Ангела Меркел. Земи си ги парите и пошумувај си ја Германија, во ред? Многу повеќе се потребни таму одошто овде“.
Германската министерка за животна средина Свења Шулце викендов најави дека Германија ќе блокира 35 милиони евра од фондовите за поддршка на проекти во Амазонија откако владата на Болсонаро повторно дозволи масовна сеча на дрвја. Болсонаро, кој се залага за ставање крај на заштитениот статус на регионот на Амазон, претходно ја обвини Германија дека се обидува да го „измами“ Бразил со блокадата на фондовите.
Вербална војна
Ова не е првпат Амазонија да се најде во центарот на судирот меѓу Германија и Бразил. Меркел и претходно изразуваше загриженост за заштитата на природата и човековите права во регионот. Болсонаро тогаш и возврати дека Германија има огромен финансиски профит од фактот што е еден од најголемите загадувачи во светот- и, додека тоа не се реши, нема право да го критикува Бразил.
Според истражувања на бразилските институции, од доаѓањето на Болсонаро на власт, сечењето на шумите во Амазон е зголемено за 278 проценти. Болсонаро експресно му даде отказ на шефот на институцијата која го спроведе истражувањето.
Амазонската шума уште се нарекува и „бели дробови на Земјата“, поради нејзината клучна улога во апсорбирањето на емисиите на јаглерод и производството на кислород.