1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бомбата пред расплет, Македонија пред конфронтации?

Катерина Блажевска31 јануари 2015

Лидерот на СДСМ осомничен за шпионажа демантира дека „бомбата“ ја добил од странски служби, македонската јавност е во исчекување, а аналитичарите прогнозираат период на конфронтации

https://p.dw.com/p/1ETyx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ова што се случи денес, е дрзок обид на власта да го спречи објавувањето на доказите според кој згазен е Уставот и законите од страна на Груевски, рече вечерва во своето обраќање лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој заедно со уште три лица денеска беше осомничен за обид за шпионажа и насилство кон претставници на највисоките државни органи. Како одговор на обвинувањата од премиерот дека материјалите кои Заев ги поседувал ги добивал од странски служби, лидерот на СДСМ изјави: „Вистината е дека доказите што ги поседуваме, се добиени од службите во Република Македонија под контрола на Груевски и неколку поединци околу него, што е уште еден доказ дека системот на контрола на ВМРО-ДПМНЕ се распаѓа. Во Македонија има чесни и одговорни луѓе кои си ја сакаат сопствената земја. Патриоти, граѓани на оваа земја! Лага е тоа што го вели Груевски, дека сум го уценувал. Јас никогаш никого, ниту сум уценувал, ниту ќе уценувам. На Никола Груевски јасно и прецизно му кажав дека поседуваме докази за неговото криминално владеење, а на цела Македонија и‘ ветив дека никој нема право вистината да ја сокрие од граѓаните на нашата татковина“, рече лидерот на СДСМ. Тој најави дека во периодот што следува јавноста ќе биде запознаена со сите докази што ги има опозицијата, за тоа како власта ја уништува Македонија. Заев ја повика и меѓународната заедница, будно и внимателно да го следи целиот процес и да реагира, бидејќи се работи за држава кандидат за членство во ЕУ.

Контрадикторни информации

Кривичните пријави против четири лица, меѓу кои и Заев, „експлодираа“ порано од долгонајавуваната „бомба“ на опозицијата. Она што во јавноста создаде забуна, се контрадикторните информации. Од една страна се тврди дека Заев добивал материјали од одредена странска служба, а од друга, дека класифицирани информации биле обезбедени на незаконски начин со цел да им бидат предадени на странска држава или организација. Поради овие, но и други нејаснотии, аналитичарите со голема резерва се однесуваат кон тврдењата дека станува збор за шпионажа, со цел да биде извршен државен удар, односно насилно преземање на власта од демократски избраните институции.

Според Арсим Зеколи, фактот што преговорите или разговорите помеѓу Груевски и Заев траеле речиси три месеци, укажува на обемноста на наводните материјали.

„Но, тоа укажува и за намерата на Заев да се даде можност на власта преку предложената техничка влада да се избегне политичка и државна криза. Очигледно, желбата на водачот на опозицијата била сета ситуација да се реши институционално и системски. Претпоставувам дека обемот и цврстината на доказите се премногу силни за менталниот склоп на една власт навикната на автократско просудување, која и по долгиот процес на лустрирање на политичките опоненти, сега сама се најде на столбот на срамот и бива темелно лустрирана од опозицијата, но сега веќе неминовно и од јавноста“, смета Зеколи.

Mazedonien Luftverschmutzung in Skopje
Фотографија: DWS. Toevski

Според него, денешното обраќање и отворените закани кон Заев од страна на премиерот Груевски се индиректно признание за сериозноста на аргументите на Заев.

„Ова е очаен обид преку испукување на прв куршум во двобојот, да се оттргне вниманието од де факто доказите за Владата и приказната да се сврти кон наводните 'скриени' намери или морални квалитети на Заев. Секако, Груевски и Ахмети ја имаат медиумската доминација во етерот, но сепак таа е недоволна за да се задуши љубопитноста на граѓаните за содржината на пакетот на Заев за (не)делата на власта.На крај, премиерот сосема греши кога тврди дека за овие 24 години независност ниеден политичар не направил вакво нешто, значи да објават информации за власта. Она, што во овие 24 години се нема случено, е премиер да се заканува со апсење на легитимен опозициски водач кој има уставна, граѓанска и политичка обврска пред граѓаните, државата и историјата да алармира за злоупотребите на власта и аргументите ги даде на увид на јавноста. Оттаму, евентуалното апсење на Заев и неговите соработници е акт на рушење на уставниот поредок и де факто државен удар изведен од страна на власта“, категоричен е Зеколи.

Категорична е и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која уверува дека безбедносните органите располагаат со цврсти докази за случајот.

„Задоволни сме од материјалните докази во прилог на кривичната пријава и оставаме органите да одлучат врз основа на силината на документите“, изјави Јанкулоска.

Расплет на „бомбата“

Македонската јавност со љубопитство, но и со загриженост го очекува расплетот на овој случај.

Вниманието е насочено кон СДСМ и следниот чекор на партијата. Односно, дали Заев ќе ја обелодени „бомбата“ или под закана на кривичното дело ќе мора да ги премолчи сознанијата. Аналитичарот Сашо Клековски смета дека „бомбата“ на СДСМ влегува во завршна фаза, но прогнозира и конфронтирачки расплет.

„Денешната изјава на премиерот Никола Груевски е показател дека разговорите водени далеку од јавноста не вродиле со резултат и дека следува расплетот. Зоран Заев и СДСМ го одлагаа објавувањето на 'бомбата' најверојатно и поради фактот дека кој и да ги обезбедил наводните докази, едно е сигурно - дека тие се обезбедени на незаконски начин. Објавување на наводни докази обезбедени на незаконски начин, на пример, со прислушување на премиерот, што и да биде содржината на доказите, покрај штети за премиерот, ќе има негативни последици и по тој што ги објавува. Кои и какви ќе бидат законските последици ќе следиме понатаму. Од друга страна, со денешната изјава на премиерот Груевски јасно е дека 'бомбите' ќе влезат во конфронтирачки расплет. Веројатно и двете страни, со необјавувањето од една страна, и непотегнувањето на кривични пријави од друга страна, досега се обидувале да најдат политички излез, свесни дека кој било друг излез ќе нанесе штети на сите. Влегуваме во високо конфронтирачки, високо конфликтен период“, прогнозира Клековски.

Правните експерти се воздржуваат од коментари се‘ додека не видат точно со какво обвинение ќе излезе Обвинителството. Според едни, дотогаш Заев има „слобода“ да ги објави сознанијата, според други, не би смеел да го стори тоа.

Но, пред било што да стори опозицијата, вечерва, околу три илјади граѓани, наводно, спонтано организирани преку социјалните мрежи, се собраа за да го изразат револтот од „предавничкиот чин“ на Заев, а потоа се упатија и кон седиштето на СДСМ. Владејачката партија преку соопштени ги повика на разум и мудрост.

„Го разбираме гневот и незадоволството на граѓаните по информацијата за последната акција спроведена од институтициите, но сме уверени дека ќе преовлада разумот, мудроста и зрелоста кај граѓаните. Потребно е да се дозволи, целокупната постапка која е комплексна, сензибилна и повеќеслојна, да биде препуштена на надлежните инстутуции кои треба да ја изведат во законска, транспарентна, професионална и отворена доказна постaпка преку која ќе се дознае вистината“, апелираше ВМРО-ДПМНЕ.

Протестот заврши мирно, откако учесниците беа спречени од полициски кордон да пристапат до седиштето на СДСМ, каде вечерва пристигнаа и симпатизери и членови на опозицијата за да му дадат поддршка на лидерот Заев.

Поддршка, пак, на премиерот му даде неговиот колициски партнер, Социјалистичката партија на Македонија. „За граѓаните на Република Македонија се неприфатливи активности на шпионирање, насилство врз највисоките претставници на државните институции и помагање во тоа. Наместо организирано дејствување на опозицијата во Собранието, сведоци сме на нејзино организирано дејствување, злоупотреба на одредени информации по нелегален пат за да се изврши притисок врз претседателот на Владата“, рече Љупчо Димовски од СПМ. Во владејачката ДУИ засега не се изјаснуваат за случајот „Пуч“.

Тешки обвиненија

Зоран Заев, поранешниот директор на ДБК Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска и Бранко Палифров, вработен во општина Струмица, се осомничени за насилство кон претставници на највисоките државни органи. Според МВР, Заев, кој добивал податоци од Верушевски, во октомври и ноември 2014, четири пати се сретнал со премиерот Груевски, при што му упатил сериозни закани дека поседува докази од компромитирачки карактер за носители на високи јавни, службени и државнички функции. За да не ги објави податоците, Заев побарал формирање техничка Влада и распишување предвремени парламентарни избори. Првоосомничен во случајот кој доби оперативно име „Пуч“, е Верушевски. Според МВР, во четирите компјутери и шесте мобилни телефони запленети во неговиот дом, биле пронајдени информации за разговори меѓу повеќе личности од јавниот и политичкиот живот, криптирани доверливи документи од повеќе институции, службена коресподенција со странски држави, документи од истраги од судски инстанци, кривични пријави, деловни разговори... Според МВР, во тоа му помагале сопругата и 53-годишниот локален функционер од Струмица. Полицијата поднесе кривични пријави против четворицата. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе предлог на тројцата да им се одреди притвор, а на Заев да му се определи мерка на претпазливост: повремено јавување кај надлежниот државен орган и привремено одземање на патната исправа.

Веста за кривичната пријава против лидерот на опозицијата со обвинувањата за обид за шпионажа, државен удар и уривање на уставниот поредок, ја пренесоа сите медиуми во регионот.