1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бон во исчекување на светскиот шах-мат

Арне Лихтенберг16 октомври 2008

Деновиве, погледот на љубителите на шахот е вперен кон Бон. Во поранешниот главен град на Германија ќе биде крунисан новиот светски шампион во шах.

https://p.dw.com/p/Fb6X
Владимир Крамник и Визванатан Ананд на првата играФотографија: AP

Кога двајцата мајстори на шах-сцената се појавија во Салата на уметност во Бон, беа заслепени од репортерски блицеви. Откако беа интонирани и химните, Русинот Владимир Крамник и Индиецот Визванатан Ананд седнаа еден спроти друг на шаховската табла. Поздравот меѓу нив беше кус, само се ракуваа без да кажат ниту збор. Акцентот го ставија на играта.

Ова светско првенство во шах не е важно само за нив двајца. И за Германија значи многу што по цели 75 години, светското првенство во шах се одржува во некој германски град. Роберт Клаус фон Вајцекер, претседател на германското шаховско друштво вели: „Ова е од големо значење за нас. Сметам дека ова ќе биде голем поттик за германскиот шах. Поминаа 75 години. Шахот како игра во Германија не е многу популарен, но оние што го играат го сфаќаат како алтернатива на постојаното сурфање на интернет или гледање телевизија“ – објаснува Фон Вајцекер.

И за шахот е потребна физичка кондиција

Deutschland Schach Weltmeisterschaft in Bonn Wladimir Kramnik gegen Viswanathan Anand
Тврдат дека знаат 90% од играта на другиотФотографија: AP

Крамник и Ананд се знаат со години. Во последниве недели се занимаваа со противникот и по 10 часа дневно. Наводно, знаат до 90% од играта на другиот. Но, не е се` во шаховскиот тренинг. Во текот на подготовките, Крамник пливаше и по неколку километри дневно. Дури и шахистите-аматери, кои го следат првенството, знаат колку е битна физичката подготовка.

„Ако сакате да постигнете резултати на шаховската табла, мора да бидете во добра форма. И самиот спортувам и знам дека кога телото ми е во добра форма, можам да дадам и добри умствени резултати.“

Дали може да се мами?

Шахистите и публиката ги дели завеса. На тој начин се спречуваат евентуалните тајни знаци од некој од публиката. Пред да влезат во салата, шахистите мора да поминат и под детектор за метали, за да се спречи да „прошверцуваат“ некакво електронско помошно средство, како на пример џебен компјутер. Покрај тоа, видео-камера ги надгледува и додека се во собите за одмор. Дали и покрај овие мерки, има шанси за некакви манипулации во шахот?

BdT Schach WM in Bonn 2008 Wladimir Kramnik
Русинот Владимир Крамник ќе се обиде да ја освои шаховската крунаФотографија: picture-alliance/dpa

„Не можам да замислам такво нешто, но да претпоставиме дека е можно. Меѓутоа, токму денешните играчи се многу култивирани шахисти. Не би ми паднало на памет дека се обидуваат да мамат“ – вели шефот на германското шаховско друштво, Фон Вајцзекер.

На крајот од првата игра, по 23 потези, двајцата противници се согласија на реми. Светското првенство е ограничено на максимално 12 партии. Новиот светски шампион во шах ќе биде познат најдоцна до 2. ноември.