Бон - германски центар на ОН
11 јули 2006Бон има амбиции да прерасне во еден од поголемите меѓународни центри на организации и агенции на светската организација. Тие амбиции се нагласени и со денешното свечено предавање во употреба на новиот, заеднички дом на претставништвата на ОН досега расфрлани на повеќе места во некогашниот главен германски град.
Свеченоста се одржа во непосредно соседство на Дојче Веле: од денеска синото знаме со белиот грб на ОН се вее пред зградата која сега е официјално седиште на 11 од вкупно 12 подорганизации на ОН, колку што ги има во Бон. Знамето беше кренато на јарбол во присуство на генералниот секретар на ОН Кофи Анан и германскиот канцелар Ангела Меркел, кои со заедничко сечење на лента симболично го предадоа објектот во употреба.
На свеченоста и’ претходеше и средба на Меркел со Анан, по која тој изјави дека Германија игра една од водечките улоги во светската организација. „Германија е една од идеалните земји-членки“ истакна Анан. Многу е охрабрувачки што може да се смета на нејзина трајна подршка, нагласи Анан. Генералниот секретар ја означи Германија како еден од столбовите на мултилатерализмот, кој се потпира врз меѓународна соработка, наместо издвоени индивидуални чекори. Анан во ова пригода побара и реформа на ОН и проширување на Советот за безбедност, кој – според него – мора да биде подемократски и порепрезентативен, прилагоден на новата реалност. „Неприфатливо е многу големи држави да не се застапени во него“ смета Анан. Меѓу тие држави ја вбројува и Германија, но избегна директно да ја предложи за постојано место во Советот за безбедност.
Канцеларот Ангела Меркел го потврди големиот германскиот интерес за реформа на ОН, кои – според неа – мора да останат способни да дејствуваат во конфликтни ситуации. Германија и натаму е подготвена да презема меѓународна одговорност рече Меркел и нагласи: „Но, ние не сакаме да се преценуваме“. Таа истакна дека по сегашниот ангажман на Бундесверот во Конго не е безусловно подготвена и за учество во можен ангажман на ОН во кризната суданска провинција Дарфур.