1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бон - од главен германски град до упориште на салафисти

Матиас Фон Хајн/Б. Георгиевски13 ноември 2014

Околу 450 радикални исламисти од Германија заминале во Сирија. Околу 10 проценти од нив доаѓаат од Бон. Зошто некогашниот германски главен град прерасна во центар на радикалните салафисти?

https://p.dw.com/p/1DmXP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поранешниот германски главен град Бон повеќе би сакал да биде идентификуван со институциите на ОН и големите концерни, со рајнската романтика, Бетовенфест и kарневалот. Но, во последно време мирниот Бон се’ почесто во медиумите се поврзува со салафизам, исламизам, тероризам и џихад.

Токму деновиве во Диселдорф во тек е судењето на еден конвертиран исламист од Бон, за неуспешниот бомбашки напад врз железничката станица во Бон. Франк Валендер, уредник во весникот „Бонер Генераланцајгер“, кој со години го истражува исламскиот екстремизам во Бон, потсетува и на случајот со џихадистот Бекај Харач, кој беше убиен во 2010. во Авганистан. Претходно, во интернет-видео ја величеше наводната света војна. Валендер потсетува и на браќата Јасин и Мунир Чука од Бон. И тие во видео-порака од пакистанско-авганистанската граница исто така повикуваа на напади во Германија. Кај бонскиот атентатор овие повици очигледно наишле на плодна почва.

Добра мрежа за исламистите

И ополномоштеничката за интеграции во Бон, Колета Манеман, предупредува дека градот стана центар на радикалните салафисти. Таа е загрижена поради радикализацијата на младите луѓе, но и поради опасноста од исламофобија. На прашањето, зошто токму во Бон има упадливо многу радикални салафисти, таа укажува на минатото на градот како престолнина на државата - поради тоа во Бон одамна има повеќе арапски џамии. Амбасадорите на арапските земји инсистираа на тоа, нивните вработени да имаат простор за молитва. Дел од овие џамии повремено стануваа центри за средби на екстремни муслимани. Бон им нуди на исламистите добра мрежа, наведува весникот „Бонер Генераланцајгер“ цитирајќи полициски извори.

König-Fahad-Akademie in Bonn
Академијата на Кралот Фахд во БонФотографија: DW/M. von Hein

Притоа, улога игра и фактот што арапскиот е втор најупотребуван јазик во градот. Особено тоа важи за јужниот кварт Бад Годесберг. По затворањето на исламистичките собиралишта во Хамбург и Улм, цели групи исламисти, познати на полицијата, се префрлија во Бон.

Во Бад Годесберг се наоаѓа и зградата на Академијата на Кралот Фахд. Со нејзиниот надворешен изглед, оваа саудиска школа наликува на џамија. Академијата се споменува секогаш кога ќе се постави прашањето како радикалниот салафизам успеа да пушти корења во Бон.

Директорот на училиштето Ибрахим Ал Мегрен со сите сили се обидува да го сузбие таквиот впечаток. Тој тврди дека учебниците во школата се преработуваат секоја година и дека тесно соработува со германските власти, дури со безбедносните власти во Бон. Особено е горд на фактот што неговата школа, освен саудиската матура, нуди и меѓународно признаена диплома.

Тоа не беше секогаш така. Во 2003 година, школата се најде на нишан на германската служба за безбедност. Еден од учителите повикувал на „света војна“. Одеднаш германските училишни власти дознаа и дека во школата се предава само еден час германски неделно. Саудиските учебници беа прегледани, и според извештај на весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во нив била величана „борбата против неверниците“, а на мачениците им била ветувана „награда“ во рајот. Беше забележано и нешто друго. Во школата не беа запишани само деца на дипломати и на семејства кои само привремено живеат во Германија. Две-третини од децата на Фахд-Академијата во тоа време имаа германско државјанство. Просветните власти широкоградо одлучиле таа по исклучок да се ослободи од обврската за придржување кон германските училишни правила. Ова беше причина за преселба на строго религиозни семејства од цела Германија во Бон. На Фахд-Академијата тиа сакаа децата да добијат стриктно конзервативно образование, без западно влијание. Во младоста и бонскиот џихадист Бекај Харач се школувал на Фахд-Академијата.

На екстремистите им е полесно

Во меѓувреме школата е далеку поотворена и потранспарентна. Има дури и Денови на отворени врати, се организираат поетски читања, дијалог со соседите, контакти со други училишта и религии. Можат да се забележат и жени без прекривка на главите. Притоа е забележливо и дека има многу празни места. Академијата беше изградена за 600 ученици, но во моментов настава посетуваат само околу 150. По скандалот во 2004 училишните власти се однесуваат многу порестриктивно со ослободувањето од обврската за почитување на германските училишни правила.

Dr. Ibrahim Al-Megren König-Fahad-Akademie in Bonn
Ибрахим Ал МегренФотографија: DW/M. von Hein

Строго религиозните семејства и нивните деца, сепак сѐ уште се тука. Децата сега посетуваат регуларни германски училишта. Во едно од нив, во близина на Фахд Академијата, процентот на деца со муслиманска вероисповед надминува 80 проценти. Директорката на училиштето вели дека не забележала зголемено влијание на исламските проповедници кај децата. Но, забележала зголемен интерес за верски и политички прашања, како на пример за војната во Сирија и Ирак или за ткн. Исламска држава. Некои се обидуваат да провоцираат со тези кои ги слушнале во џамиите или дома. По малку резигнирано и таа признава дека на екстремистите им е далеку полесно затоа што нудат едноставни одговори на комплицирани прашања и даваат силна ориентација со тоа што јасно кажуваат што е исправно, а што погрешно.