1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борби кај Доњецк - одложена акцијата на меѓународниот полициски тим

ЖА/дв/дпа/афп/ртре27 јули 2014

Невооружените холандски и австралиски полицајци не можат да стигнат до локацијата на која падна малезискиот авион во Источна Украина. Украинската армија се обидува да го освои местото на несреќата на авионот кај Доњецк.

https://p.dw.com/p/1CjZL
Фотографија: Reuters

Меѓународната истрага за падот на малезискиот авион во Источна Украина доживеа нов удар. Холандските и австралиските невооружени полицајци, кои пристигнаа во Украина, денеска не отидоа на местото на несреќата на малезискиот авион, бидејќи во регионот продолжуваат битките.

„Не можеме да преземаме ризици. Состојбата на патот кон местото и самото место не е за невооружена набљудувачка мисија“, изјави Александар Хаг, претставник на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Тој истакна дека експертите ќе се обидат утре да отидат до местото каде на 17 јули се урна малезискиот авион со 298 патници и членови на екипажот.

Претходно, кабинетот на малезискиот премир Наџиб Разак соопшти дека малезиските власти постигнале договор со проруските сили во Источна Украина на полицајците од повеќе држави да им се овозможи пристап до местото на падот на авионот.

Во соопштението се истакнува дека на полицајците ќе им биде дозволено да влезат во конфликтното подрачје во Источна Украина „за да обезбедат заштита на меѓународните експерти за истрагата за падот на авионот“.

Лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република, Александар Бородај утрово се согласил да го прифати доаѓањето на меѓународните полицајци.

Борби кај Доњецк

Фотограф на француската новинска агенција Франс прес сведочи за артилериски оган во близина на местото на падот на авионот, кое досега го контролираа проруските сепаратисти.

Укринските сили извршиле артилериски напади врз јужните делови на Доњецк, јавија и руските медиуми повикувајќи се на тврдења на проруските сепаратисти од градот. Ова се први информации за напади во јужните делови на Доњецк, бидејќи досега судири меѓу украинските сили и сепаратистите се водеа во северните и западните доњецки предградија. При нападот украинските сили користеле ракети од типот „Град“, но засега нема инфромации за ранети или загинати.

Артилериски напади имало и во градот Хорвик, во близината на Доњецк, додека во Луганск биле вклучени сирените за опасност од воздушен напад, но градот не бил бомбардиран. Според тврдењата на сепаратистите, при напади на украинската армија врз градовите под нивна контрола во петокот, загинале 19 лица, а околу 60 биле ранети.

Ukraine MH17-Absturz Wrackteil vom Flugzeug
Локацијата на урнатиот авион недоволно безбедна за странските истражителиФотографија: picture-alliance/AA

Идентификувана првата жртва од малезискиот авион

Форензичарите вчера ја идентификуваа првата од 298 жртви од патничкиот авион Боинг 777 на компанијата „Малезија ерлајнс“, кој минатата недела се урна во Украина, соопшти холандската влада.

„Идентификувана е првата жртва од летот МХ17, објави холандското Министерство за правда, додавајќи дека жртвата е Холанѓанец и оти за тоа е известено неговото семејство и градоначалникот на градот каде живеел. Но, Министерството за правда не го открива идентитетот на жртвата.

Холандија е задолжена за идентификација на сите жртви од авионската несреќа што се случи на 17 јули. Меѓу загинатите, 193 жртви биле холандски државјанин. Во Холандија се префрлени 227 тела. Во холандскиот град Хилверсум над 200 експерти работат на идентификување на жртвите од малезискиот авион на летот МХ17, кој падна во Источна Украина.

Два воени авиона од Австралија и од Холандија вчера (26.07.2014) донесоа уште 38 ковчези со посмртни останки во холандскиот град Ајндховен. Тоа беше четвртиот транспорт од источноукраинскиот град Харков. Холандската влада претпоставува дека на местото на несреќата се‘ уште има неоткриени жртви. За да биде овозможено нивното пронаоѓање, во Харков ористигнаа 40 невооружени холандски воени полицајци.

Русиот претседател Владимир Путин и австралискиот премиер Тони Абот апелираа да им се овозможи непречен пристап на меѓународните експерти до местото каде се урна малезискиот авион на 17 јули. Путин и Абот во телефонскиот разговор вчера се заложија за објективна и независна истрага за трагедијата на Боинг 777 на „Малезија ерлајнс“, кој леташе од Амстердам до Куала Лумпур, при што загинаа сите 298 патници и членови на екипажот. Телфонскиот разговор бил на иницијатива на австралискиот премиер. Местото каде што се урна малезискиот авион се наоѓа во регионот кој го контролираат проруските сепаратисти. Се претпоставува дека авионот бил соборен со ракета земја-воздух.