1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борис Џонсон: заминувањето на еден кловн

Барбара Везел/превод: БГ1 јули 2016

Борис Џонсон беше лицето на кампањата за „Заминување“. Делуваше како да е печен за премиер, сѐ додека сојузниците не му го препречија патот. Малку среќа и за Британија, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1JHC0
Фотографија: Reuters/M. Turner

Британците го нарекуваат „русокоса бомба“. Тоа помалку се однесува на неговата сексуална привлечност, а повеќе на неговата коса и неговиот политички настап. Борис Џонсон приредуваше силни претстави каде и да се појавеше. На партиските конвенции на конзервативците, се издвојуваше со својата провокативна природа, собирајќи големи аплаузи. Џонсон можеше да ги убеди птиците да се симнат од дрво, и тие се уште ќе се смееја додека им ги виткаше вратчињата. Ја забавуваше публиката со своите говори, латински поговорки, пофалби и шеги на сметка на противниците. И Британците го сакаа поради тоа.

Човекот кој го овозможи брегзит

Токму Борис Џонсон придонесе за брегзит да помине на минатонеделниот референдум. Заедно со Дејвид Камерон, тој е најголемиот виновник за одлуката на Велика Британија да ја напушти ЕУ. Премиерот знаеше дека неговите шанси за победа драматично се намалија во моментот кога Џонсон одеднаш се појави на другата страна. Ниту неговите пријатели не се сомневаа дека само личната амбиција го натера поранешниот градоначалник на Лондон да го преземе овој чекор. Ривалството меѓу Џонсон и Камерон датира од деновите на нивното привилегирано школство на Итон и Оксфорд. А Џонсон отсекогаш сакал да биде крал на светот.
Џонсон е гениј кога се работи за популизмот, човек кому не му е гајле за каква цел го става својот талент на располагање.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Пост-фактичко време

Соочени со кампањата за заминување полна со лаги и искривувања, многумина во медиумите почнаа да говорат за живот во „пост-фактичко“ време. Што во суштина не е ништо друго туку еуфемизам за крај на обврската за вистина во политиката. Борис Џонсон секогаш имаше комплицирана врска со вистината. На почетокот на кариерата како новинар во Брисел, систематски и со години ја напаѓаше ЕУ на страниците на еден британски таблоид. Едноставно ќе измислуваше анегдоти или ќе ги извртуваше фактите како што и одговараат на природата на приказната која ја пишуваше. Но, во политиката забавниот лажго е опасен. Многу луѓе веќе не можат да направат разлика меѓу ТВ шоу и реалност. Секој кој ќе успее да ги насмее веќе победил, без разлика колку глупави и апсурдни тези ќе искаже. Во тој контекст, паралелите со Доналд Трамп не се случајност. На крајот, токму Мајкл Гоув, најблискиот сојузник на Џонсон во кампањата за Брегзит, му го зари ножот затоа што не поверува на ветувањата на Џонсон за место во идната влада.

Опасен популист

Инсајдерите кои соработувале со Борис Џонсон додека овој беше градоначалник на Лондон одамна знаат дека тој не е прикладен за повисока политичка функција. Еден биограф неодамна напиша дека тој ретко чита документи, мрази детали, тешко донесува одлуки и, во суштина, избегнува да работи. За време на брегзит кампањата, Британците беа заведени од талентиран популист кој сега не сака да има ништо со последиците од таквата одлука. Британските весници го нарекоа „Борискони“, алудирајќи на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони. И тој беше многу забавен, но всушност екстремно штетен за својата земја. Борис Џонсон успеа да го оствари истото, дури и без да стане премиер.