Борис Џонсон повторно се извлече
7 јуни 2022Едната порака е дека „замастеното прасенце“, како што поранешниот премиер Дејвид Камерон има обичај да го нарекува својот пријател Борис Џонсон, повторно им се провлече низ прсти на своите противници. Другата порака меѓутоа е дека британскиот премиер, при гласањето доверба кај своите конзервативни сопартијци, помина полошо отколку неговата претходничка Тереза Меј пред три години. Ништо повеќе не може да го лути Џонсон.
Победа која носи пораз во себе
Историските примери не се баш охрабрувачки за премиерот. Тереза Меј поднесе оставка шест месеци откако само уште 60 проценти од нејзините пратеници ѝ дадоа доверба. Нејзината политичка ситуација стана неиздржлива, токму од причина што извесен Борис Џонсон толку долго интригираше во позадина, додека таа не ги загуби нервите и не се откажа. Џон Мејџор пак го „преживеа“ гласањето доверба поради Европските договори од Мастрихт во 1993 година, а на следните избори доживеа дебакл. Предзнаците не навестуваат ништо добро за Борис Џонсон.
Исходот од изјаснувањето во својата партија британскиот премиер всушност треба да го сфати како предупредувачки сигнал. Но, мајсторот на краткорочноста во Даунинг стрит е брилијантен меѓу другото и во сопствени толкувања на политичките факти. Тоа што сепак 59 проценти од сопартијците му искажаа доверба, ќе го презентира како победа со налог да продолжи како и досега. Конечно, сега една година е сигурен од натамошни напади од сопствените редови.
Или како што формулираше министерот за Брегзит, Џејкоб Рис-Мог: и мнозинство од еден глас е мнозинство. Тоа е токму по вкусот на Борис Џонсон, но е заблуда. Најдоцна со ова гласање, тој ја загуби својата посебна политичка сила, имено онаа на сјаен, вечен политички победник. Лакот на премиерот е непоправливо оштетен. Колку долго и да остане на функцијата, Џонсон во најдобар случај и натаму ќе куцка, наместо да прави големи скокови.
Изјаснување за карактерот
Како изјаснување за карактерот на овој премиер, исходот претставува дебакл. Зашто, повод за растечкото незадоволство во сопствените редови беше скандалот со локдаун-забавите во Даунинг стрит. Не еднаш, туку повеќепати Борис Џонсон и неговите најблиски соработници ги прекршиле строгите правила за изолација, кои тие самите им ги наметнаа на граѓаните. Социјалните медиуми се преплавени од извештаи на гневни Британци, принудени за време на пандемијата да ги остават сами своите сакани на смртна постела во болниците, додека во владиното седиште се организирале весели забави. Во дебатата која следеше во Долниот дом на парламентот, премиерот уште и ги лажеше пратениците, порекнуваше било какво кршење правила. Самото тоа е доволна причина за оставка или исфрлање од функцијата.
Кога Џонсон стапи на функцијата, поранешниот уредник на блискиот до Ториевците весник „Телеграф“, за својот поранешен соработник Борис Џонсон напиша – при целата негова надареност како политички шоумен, тој е „најдлабоко неспособен“ за висока владина функција и воден од суета и сопствените интереси. И на пријателите и на непријателите во Конзервативната партија им е позната оваа оценка, многумина сигурно и ја делеа. Но, по неговата убедлива изборна победа пред две и пол години, тие беа спремни да им прогледаат низ прсти на сите мани на Борис Џонсон.
Меѓутоа, во меѓувреме 60 проценти од Британците сметаат дека тој мора да си поднесе оставка или да биде избркан од функцијата. Комуналните избори во мај донесоа горчливи загуби за Ториевците, а пораз се заканува и на следното гласање. Од големите проекти на премиерот, од економскиот напредок во британскиот север до реформа на здравството, не стана ништо. Наместо тоа, владата се соочува со растечки трошоци за живот и заканувачко осиромашување на населението.
Лоши времиња...
...за некој како Борис Џонсон, кој повеќе се профилира со самобендисани настапи отколку со политичка супстанција. Секое изјаснување во Долниот дом за него во иднина ќе претставува проба, а драмата во Лондон ќе продолжи. Премиерот не може да го испорача она што од него го бараат земјата и многумина негови партиски пријатели – сериозна политика. Борис Џонсон беше медиумска ѕвезда пред да влезе во политиката и не успеа да стане политичар. Неговиот специјален популистички модел доживеа неуспех синоќа, при гласањето на британските конзервативци.