Ќе му преседнат ли на Џонсон забавите за време на локдаун?
12 јануари 2022„Сакам да се извинам од сѐ срце, некои работи не ги направивме правилно и за тоа сакам да ја преземам одговорноста“, изјави Борис Џонсон денеска во британскиот парламент. Тој призна дека учествувал на спорната забава во градината на премиерската резиденција на Даунинг стрит на 20 мај 2020 година – околу 25 минути, како што тврди.
Во ова време во Англијабеше во сила првиот локдаун поради пандемијатана коронавирус, социјалните контакти беа редуцирани на минимум. Џонсон изјави дека го разбира гневот поради излегувањето на виделина на забавата и впечатокот кој тоа го создава.
Лидерот на опозицијата Кир Стармер од Лабуристичката партија побара Џонсон да си поднесе оставка. „Забавата е завршена, премиере“, изјави Стармер. Сега се поставува само прашањето дали од функцијата ќе го исфрли британскиот народ, неговата партија или тој ќе го направи единствениот пристоен потег и сам ќе си даде оставка, порача Стармер.
Борис Џонсон со недели е мета на критики поради односот на неговата влада за време на периодите во кои во Велика Британија владееше локдаун. Нему му се префрла непочитување на епидемиолошките правила, кои тој самиот ги донесе. Најновиот пример е забавата на 20 мај 2020 година, за која неговиот приватен секретар преку електронска пошта поканил преку 100 лица. Според некои медиуми, присутни биле околу 40 соработници.