Бојко Борисов уапсен поради сомнеж за корупција
17 март 2022Поранешниот премиер на Бугарија, Бојко Борисов и уште неколкумина негови соработници се приведени поради сомнеж за корупција во заедничка акција на бугарската полиција и европското обвинителство.
Според бугарските медиуми, приведени се и министерот за финансии во владата на Борисов, Владислав Горанов, поранешната шефица на Комисијата за буџет во бугарскиот парламент, Менда Стојанова и портпаролката на Борисов, Севдалина Арнаудова.
Како што наведуваат софиските медиуми, тие се приведени во рамките на истрага која што се води за 120 случаи за наводна злоупотреба на европски пари во Бугарија во областа на земјоделството, градежништвото и јавните набавки.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вечерва се огласи со објава на Фејсбук и порача: „Никој не е над законот”.
Полицијата го ограничила движењето на четворицата додека траат претресите, а потоа со полициска наредба ќе бидат задржани 24 часа. Подоцна европските обвинители можат да побараат од судот да ги задржи во притвор.