Бразил е на пат кон корона-катастрофа
19 мај 2020На викендот во квартот Лапа во Рио де Жанеиро повторно владееше парти-расположение меѓу младите луѓе. Долж плажата, на променадата, млади луѓе уживаа во пиење пиво, најчесто без предвидената заштитна маска. По два месеца полни со ограничувања, многу луѓе во добро ситуираните квартови се однесуваат лежерно.
За разлика од нив, многу луѓе во сиромашните квартови, каде беснее вирусот, живеат во страв. „Маска и постојано дезинфицирање на рацете, тогаш ништо нема да ти се случи", се надева вработен во една мала продавница за храна, кој со велосипед им доставува продукти на муштериите во карантин. Неговата жена, која инаку чисти во домовите на богати семејства, од страв со месеци останува дома. Одвај излегуваме на крај, вели човекот.
На удар на коронавирусот посебно се сиромашните, кои без оглед на опасноста не можат едноставно да останат дома и кои во случај на инфицирање не може да се надеваат на модерна приватна клиника.
Со 241.000 регистрирани инфицирани и преку 16.000 мртви, Бразил вчера (18.05.) се наоѓаше на четврто место во глобалната корона-статистика. Темната бројка на починати е веројатно двојно поголема, а на инфицирани и до петнаесет пати повисока. Но, поради недостиг од тестови, експертите можат само да нагаѓаат. Бидејќи пак јавните болници се преполни, сѐ повеќе луѓе умираат дома, без да бидат тестирани.
Повеќе:
Хлорокин: Можниот лек против Ковид-19 смртоносен во поголеми дози?
СЗО: Некадарна или неопходна институција во борбата против Ковид-19?
Листата на симптоми на коронавирусот непрекинато се шири
Коронавирус: Направен од човек и од лабораторија?
Дури и официјалните бројки се доволно застрашувачки. Дневно моментно се регистрираат до 15.000 нови инфекции и преку 800 мртви. Кривата на графиконот оди стрмно нагоре, подобрување не е на повидок. Сликите на масовни гробници во Манаус и Сао Паоло го обиколија светот. Во средиштето на медиумските извештаи е претседателот Жаир Болсонаро, кој се чини не е многу загрижен за умирањето на граѓаните.
Од „мал грип“ до жариште
Болсонаро, и покрај сѐ, коронавирусот го смета за „мал грип", а претпоставува дека зад „хистеријата“ се крие Кина. Намерата е да му се наштети нему и на американскиот претседател Доналд Трамп, смета Болсонаро. Тој во март демонстративно го посети својот американски колега во Флорида. По враќањето, преку 20 члена на делегацијата беа позитивни на тест за коронавирус. ПР-катастрофа за Болсонаро.
Претседателот свесно ги игнорира препораките на Светската здравствена организација и неговото министерство за здравство за препорачано физичко дистанцирање. Демонстративно прави селфи и се ракува со своите симпатизери, кои секоја недела протестираат пред претседателската палата барајќи укинување на мерките против коронавирусот. Јас сум поранешен спортист, вирусот ништо не ми може, се фали Болсонаро.
Во поголемите градови во земјата приврзениците на Болсонаро организираат автомобилски корза. Тие јавно ги критикуваат гувернерите на сојузните држави и градоначалниците кои ги затворија трговските центри и продавниците кои не се од животно значење. Додека противниците на Жаир Месијас Болсонаро ги истакнуваат високите бројки на жртвите, тој лаконски одговара: „Што треба да направам? Јас навистина се викам Месијас, но чуда не можам да направам."
Молитви и средство против маларија
Сепак, претседателот ги повика своите сонародници да се молат против коронавирусот. Освен тоа, исто како и Трамп, препорача користење на хлорокин, средство против маларија. На лабораториите на бразилската војска им наложи производство милиони таблети. Откако министерот за здравство Луиз Енрике Мандета одби да издаде дозвола за употреба на спорниот медикамент, мораше да ја напушти функцијата на средината на април. Но, и неговиот наследник Нелсон Теич, онколог, не сакаше да одобри користење хлорокин кај пациенти со Ковид-19. По 28 дена на функцијата, тој во петокот се повлече.
Досега не е докажано дека хлорокинот делува против Ковид-19. Кај многу пациенти напротив тој доведува до срцева аритмија. Лекарите претпоставуваат дека стотици Бразилци умреле дома во изминатите недели, третирајќи се на своја рака со хлорокин, без лекарски надзор. Сепак, Министерството за здравство оваа недела планира официјално да го одобри користењето на ова средство.
Болсонаро против сојузните држави
Министрите за здравство Мандета и Теич паднаа во немилост поради нивната поддршка на мерките за социјално дистанцирање воведени од гувернерите и градоначалниците. Болсонаро напротив сака „сѐ повторно да биде отворено" заради спас на бразилската економија. Да не му се припишуваат нему милиони невработени, предупреди тој, за тоа одговорност сносат локалните влади.
Но, на Болсонаро му се врзани рацете, зашто за мерките за олеснување на рестрикциите се надлежни локалните влади и градоначалниците. Бидејќи во некои региони јавните болници се преполни, сѐ повеќе локални влади воведуваат драстични мерки. Во некои делови од Рио де Жанеиро пак веќе се воведени строги рестрикции. Истото се најавува и во сојузната држава Сао Паоло, каде има поголем број жртви отколку во Кина.
Финансиски инјекции против рецесија
На инсистирање на Конгресот, владата донесе одлука за исплаќање помош за работници и самохрани мајки. Секој треба да добие по околу 100 евра за три месеци. Околу 50 милиони Бразилци, речиси секој четврт граѓанин, имаат право на оваа помош. Навалицата е огромна, хаотичната исплата на првата рата со недели предизвикува долги, збиени редици пред банкарските филијали, носејќи веројатно уште многу нови инфекции.
Но, заканувачката рецесија може да го спаси Болсонаро, доколку му успее вината за економската мизерија да им ја припише на локалните влади.