1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брановите бегалци во Украина се зголемуваат

О.Индухова/Р.Гончаренко/ЕМФ12 јуни 2014

Анексијата на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија и борбите во источниот дел на Украина тераат се‘ повеќе луѓе во бегство. Точни бројки нема. Повеќето бегалци, се чини, остануваат во земјата.

https://p.dw.com/p/1CHHN
Фотографија: DW/A. Ainduchowa

Јевхенија Калашник не може да ги запре солзите. „Се пукаше од сите страни, се‘ поблиску до нашата куќа“, раскажува 26-годишната жена од источноукраинскиот град Славјанск. Украинската армија таму од април годинава се бори против проруските сепаратисти. „Не може да се опише колку е застрашувачки“, вели Јевхенија. До крајот на мај со сопругот и двете деца на возраст од 4 и 6 години секоја ноќ се криела во подрумот. Потоа веќе не можеле да издржат, се качиле на автобус и заминале.

Денес семејството живее во селото Бухајивка, на околу 60 километри северно од Славјанск. Во селото е уште едно семејство бегалци, нивни пријатели. Четворица возрасни и четири деца - сите прво биле сместени во мала куќичка во која живее постара жена, која им е роднина. Мажите нашле работа како возачи во земјоделско претпријатие. Општината на двете семејства им ставила на располагање празна куќа и им помогнала да ја наместат. „Бев изненадена, зашто досега е сум доживеала таква подготвеност за помош“, вели Јевхенија.

Бројот на бегалци е спорен

И голем број други семејства, исто како семејството Калашник, ги имаат напуштено своите домови. Точни бројки нема. Русија тврди дека десетици илјади Украинци се во бегство и дека земјата е на работ на хуманитарна катастрофа. „Повеќе од 5000 Украинци годинава имаат поднесено барање за статус на бегалец“, изјави во интервју за весникот „Росијскаја газета“ во средата (11.06) раководителот на рускиот уред за миграции ФМС, Константин Ромодановскиј. Во мај, ФМС имаше проценка дека вкупниот број украински бегалци изнесува повеќе од 140.000. Повеќето, како што се вели, избегале во руските погранични региони.

Ukraine Flüchtline aus der Ostukraine
Бегалци од источна Украина во ХарковФотографија: DW/A. Ainduchowa

„Тешко е да се даде точна бројка“, вели за ДВ Владимир Шарихин од московскиот институт за ЗНД-студии (ЗНД - Заедница на независни држави, н.з.). „Проблемот е во тоа што меѓу Русија и Украина нема обврска за визи“, нагласува експертот, додавајќи: „Многумина во Русија не се регистрираат како бегалци.“ Повеќето би сакале брзо да се вратат повторно дома, вели Шарихин.

Украинските власти сметаат дека наводите на руските колеги се претерани. Повеќето бегалци од источните региони на Украина би претпочитале да останат во земјата и да се сместат кај роднини, се вели од украинска страна. И бројката што ја дадоа ОН на крајот на мај е значително пониска. Во бегство се нешто повеќе од 10.000 Украинци, соопшти Високиот комесаријат за бегалци во Женева.

Порошенко нареди коридор за бегалци

Први бегалци во рамките на Украина беа кримските Татари, во март годинава. По анексијата на Крим од страна на Русија, многу кримски Татари поради својот проукраински став беа изложени на непријателства од страна на етничките Руси. Според наводи на украинските медиуми, илјадници луѓе побегнаа во соседните јужни региони на Украина, потоа во Киев, но и во Л‘вов, во западна Украина. Сепак, голем дел од околу 300.000 кримски Татари не сакаат да го напуштат полуостровот.

Ukraine Präsident Petro Poroschenko Vereidigung 07.06.2014
Порошенко нареди создавање бегалски коридориФотографија: Reuters

Најголемиот дел од бегалците во Украина, меѓутоа, денес се луѓе од источните региони Доњецк и Луганск, каде проруските сепаратисти прогласија „народни републики“. Таму се‘ уште се водат тешки борби. Бројот на жртвите, меѓу кои и деца, се зголемува. Со оглед на ова, новиот украински претседател Петро Порошенко во вторникот (10.06) нареди создавање коридори за бегство на цивилите во регионите каде што се водат борби.

Камп за бегалци, сепак, во Украина се‘ уште нема. Затоа, преку социјалните мрежи, се формираа групи доброволци кои помагаат со станови, транспортни средства или едноставно донираат пари. Но само наша помош не е доволна, вели за ДВ киевскиот активист Олександер Кљашторниј. „Нашите капацитети не се доволни за да излеземе на крај во ваквиот бран луѓе“, додава тој и нагласува дека владата во Киев би морала подобро да се грижи за бегалците.

Повеќе украински бегалци во Полска

Бројот на украински бегалци во ЕУ се‘ уште е мал. Полските власти јавуваат за 600 бегалци од почетокот на годинава досега. Сепак, во последните недели има драматично зголемување, соопштија полските власти во вторникот (10.06).

Во Германија досега речиси и нема украински бегалци. Но тоа може да се промени. Министерот за внатрешни работи Томас де Мезие во мај не исклучи дека е можно зголемување на бројот на бегалци од Украина.