Колку Лондон ќе мора да плати за разводот од ЕУ?
28 март 2017Велика Британија секоја недела во Брисел префрла 350 милиони фунти. Застапниците на Брегзит во текот на кампањата пред референдумот секојдневно го критикуваа ваквото, наводно попусто, трошење пари. Бројка која остава врежана во меморијата и покрај тоа што пријателите на ЕУ постојано повторуваа дека оваа сума не ги зема предвид ниту попустот на британскиот придонес, ниту пак парите кои земјата ги добива од бриселските фондови.
Премиерката Тереза Меј вака го интерпретираше гласањето за Брегзит: „Мислам дека тие (избирачите. н.з.) јасно ставија го знаење дека не сакаат секоја година да ѝ плаќаат на ЕУ енормни суми.“
И владата и горниот дом на парламентот им дадоа на правниците задача да ја испитаат правната ситуација, а тие дојдоа до заклучок дека штом Велика Британија ќе излезе од европскиот клуб, веќе не е обврзана да ѝ плати на ЕУ ниту една фунта. Тоа го радува пратеникот од конзервативниот табор, Џејкоб Рис-Моџ. „Немаме никакви законски обврски кон ЕУ“, вели тој.
Брегзитот најверојатно ќе биде завршен пролетта 2019 година, но тековниот буџет на ЕУ го опфаќа периодот до 2020 година, а Велика Британија даде своја согласност за него и со тоа - се обврза на плаќање. Така на работите гледа Брисел. Тука се уште и британските службеници кои работат во ЕУ и чии пензиски обврски ќе треба да ги покрие Лондон. Рис-Моџ меѓутоа има поинаков став: „Тоа се извонредни предуслови за почеток на преговори“, оценува тој.
Велика Британија е по Германија вториот најголем нето-плаќач во ЕУ. Ако Лондон плаќа помалку, товарот или ќе треба да го преземат останатите земји плаќачи, или пак земјите кои треба да добијат пари, ќе примат помалку. ЕУ како целина или одделни земји членки би можеле да го тужат Лондон доколку не си ги покрие сметките за разводот. Но, ако се мери според вештачењето на домашните правни експерти, премиерката може опуштено да гледа на ваквиот можен развој на ситуацијата, објаснува Кишвер Фалкнер, членка на горниот дом на парламентот: „Тоа е дел од преговорите, но ја зајакнува позицијата на британската влада.“
Сепак, Британците веројатно сакаат да профитираат од одделни европски програми и по излегувањето од ЕУ, како на пример програми од сферата на науката и истражувањата. Освен тоа, сакаат да си обезбедат и најдобар можен пристап до внатрешниот пазар на ЕУ. Министерката за внатрешни работи Амбер Рад во текот на викендот рече: „Треба да стремиме кон најголем можен пристап кон внатрешниот пазар. Не знаеме колку тоа ќе чини, но за тоа мора да се преговара.“
Министерот за надворешни работи Борис Џонсон ја наведе Маргарет Тачер како пример, кога во 1984 година од изнервираните европски партнери го издејствува попустот за Велика Британија: „Да се потсетиме на самитот од Фонтенбло од 1984 година, кога Маргарет Тачер си ги бараше парите. Мислам дека тоа ќе го добиеме и ние.“
Спорот околу парите веројатно ќе биде надминат дури на крајот на 2018-та или почетокот на 2019-та година, на самит на ЕУ, по преговарачки покер кој ќе трае цела ноќ.