Брегзит: Тереза Меј ќе мора да понуди алтернатива
16 јануари 2019Ризикот дека Британија ќе ја напушти ЕУ без договор никогаш не бил поголем, изјави денеска главниот преговарач на Брисел, Мишел Барние, неколку часа откако британскиот парламент со големо мнозинство го отфрли договорот за Брегзит.
„Ни остануваат само уште 10 недели до крајот на март, односно, до моментот кога британската влада одбра да стане трета земја“, изјави Барние пред европратениците во парламентот во Стразбур.
„Денеска, кога ни преостануваат уште 10 недели, ризикот за излез без договор никогаш не бил поголем“.
Во вторникот вечерта (15.1), парламентот ѝ го нанесе најтешкиот пораз на една британска влада, гласајќи со огромно мнозинство од 432 наспроти 202 против договорот за излез од ЕУ кој премиерката Тереза Меј мачно го испреговара со Брисел.
Има ли алтернативи?
Но, гласањето не даде никаква индикација за можни алтернативни решенија од парламентот, оцени Барние.
„Сега останува на британската влада да објасни како ќе продолжи Обединетото Кралство со организација на уредно повлекување какво што бараше“.
Вечерва (16.1), Меј се соочува со гласање доверба во парламентот кое го достави опозицискиот лидер Џереми Корбин. Се очекува дека ќе успее да добие мнозинство гласови, по што ќе мора да отвори нова внатрешна дебата за патот напред.
„Заврши времето за детски игри“, изјави шефот на германската дипломатија Хајко Мас, предупредувајќи ја Британија дека времето и изминува.
Германскиот министер за економија Петер Алтмајер смета дека Британците треба да добијат шанса „да ги расчистат своите позиции“, додавајќи дека ЕУ ќе треба барем да ги разгледа новите предлози на Меј.
Британија треба да ја напушти ЕУ на 29 март. Без договор, правилата на ЕУ ќе престанат да важат во Британија преку ноќ, што пак веројатно ќе предизвика големи потешкотии за луѓето и бизнисите на обете страни.
Одложување на излезот?
По гласањето во британскиот парламент се засилија гласините дека Лондон би можел да побара одложување на заминувањето од ЕУ, чекор кој Меј досега го одбиваше.
Одложувањето на крајниот рок на 29 март ќе биде „легално и технички можно“, изјави француската министерка за Европа, Натали Лоазо, дополнувајќи дека за таквиот чекор ќе мора да се согласат и преостанатите 27 членки на ЕУ. Сепак, многу ќе зависи и од причините за барањето одложување.
„Доколку сакаат да ни кажат дека Европа ќе треба да направи дополнителни отстапки, тогаш не може многу да се стори“, изјави француската министерка.
Германската канцеларка Ангела Меркел денеска порача дека „има уште време за преговори“, но се чека да се види што ќе предложи британската премиерка.
„Веруваме дека сега британската страна, како што рече премиерката, треба да ни каже што е следно. Ние сакаме да ја ограничиме штетата, и секако дека ќе има штета, колку што е можно“, рече Меркел.