Брегзит трагедија: Да се одложи референдумот!
17 јуни 2016Велика Британија е во шок. И повеќе од тоа. Многу Европејци кои се интересираат за британскиот референдум и многу Европејци кои носат одговорност во Брисел се ужаснати. Се наметнува прашањето: дали вреди сето тоа? Како е можно политичкиот спор за курсот на Велика Британија да однесе жртва?
Кукавчкиот убиец, изгледа дека убил од омраза. Така на тоа гледа и ужалениот сопруг на убиената пратеничка Кокс. Омраза против политичката класа, против естаблишментот, против една целосно погрешна слика за ЕУ.Тоа не беше само подмолно, бесмислено убиство на една мајка, на еден политички талент. Злосторството беше и напад врз демократијата во Велика Британија. Како можеше да дојде до тоа?
Со ретка жестина, со неверојатни валкани игри, лаги, лажни бројки, апсурдни тврдења и сеење страв, двете страни ја затруја политичката клима. Заговарачите на брегзит ги искористија Адолф Хитлер, Советскиот сојуз, инвазиските фантазии и азилантските бранови, за да им влеат страв на луѓето. Противниците на брегзит ги гледаат во опасност светскиот мир, благосостојбата и Европа во целина. И тие сееја стравови, кои меѓутоа не беа ни оддалеку толку драстични како оние на десничарските популисти од кампањата "Leave". Демагогот Најџел Фараж од Партијата за независност би требало да се запраша дали не претерал.
Уште подалеку отиде десноекстремистичката партија "Britain First", која според информациите од сопствента интернет презентација ги мрази белите левичари и критички настроените новинари. Сѐ уште не е јасно дали убиецот при извршувањето на гнасното злосторство се повикал на партијата "Britain First", но има сведоци кои го тврдат токму тоа. Портпарол на оваа партија си дозволи да демантира секаква врска меѓу "Britain First" и да ги нападне медиумите поради нивното известување.
Во Велика Британија партиите и таборите во вжештената референдумска борба не сносат правна вина за злосторствата, но сепак сносат одговорност. Одговорност за агресивната атмосфера која можеше да го поттикне убиецот. Обединетото Кралство доживеа политички убиства за време на судирот со северноирските терористи. Но, последното злосторство врз некој парламентарец е извршено пред 26 години.
И во Германија политичкото расположение станува поагресивно. Политички мотивираното насилство од десно и од лево е сѐ поприсутно во судирите околу политиката кон бегалците. И во Германија имаше слични напади. Последен во редот беше оној од минатата година врз сегашната градоначалничка на Келн, Хенриете Рекер, која за време на предизборната кампања беше неколкупати прободена со нож од напаѓач, незадоволен од политиката на Германија кон бегалците. Рекер за среќа го преживеа тој напад.
За помалку од една седмица, гласачите во Велика Британија треба да одлучат дали ќе ја напуштат Европската унија или не. Дали тоа сега е воопшто возможно? Заговорниците на останувањето во ЕУ ја прекинаа својата кампања на 24 часа. Противниците го сторија истото. Но, еден ден на примирје не е доволен: британскиот референдум би требало да се одложи за неколку недели, за да се смират духовите, а стравот и омразата да се истераат од предизборната кампања. Сега би требало да отстапат чекор назад и да се запрашаат: како можеше да се отиде толку далеку? Сакаме ли навистина и натаму да постапуваме вака? Велика Британија барем толку ѝ должи на Џо Кокс и на нејзиното семејство.