Дали букмејкерите се попаметни од истражувачките институти?
21 јуни 2016Обложувањето на ЕУ-референдумот не е толку популарно како обложувањето на победа на коњот на кралицата во Ројал Аскот или фризурата на ЕП на фудбалската ѕвезда Герет Бејл. Политичките настани како овој референдум се само делче од пазарот, но се возбудливо делче, вели Греам Шарп од обложувалницата „Вилијам Хил“:
„Околу две третини од парите кои се ставаат на облозите кај нас отпаѓаат на останок во ЕУ, но повеќе од 70 проценти од поединечните облози се ставени на брегзит. Значи има многу луѓе кои со малку пари се обложуваат на излез од ЕУ и малку луѓе кои со поголеми суми се обложуваат дека Велика Британија ќе остане во ЕУ.“
Кај конкурентот „Педи Пауер“ сликата е слична. Луис Дејви информира колку пари луѓето ставиле на облози за останување во ЕУ:
„Во изминатите недели неколкумина богати се обложија на по 5.000 фунти дека Обединетото Кралство ќе се одлучи против брегзит.“
Додека во анкетите некогаш водат застапниците на брегзит, некогаш застапниците на ЕУ, букмејкерите со месеци константно предвидуваат дека Британците ќе гласаат за останување во ЕУ. По убиството на пратеничката Џо Кокс квотите отсликуваат ситуација во која веројатноста да биде така е дури и зголемена. Разликите со истражувањата на јавното мислење Шарп ги објаснува вака:
„При обложувањето не се водите од расположението на еден ден, туку трезвено се размислува како целата работа навистина ќе заврши.“
Луѓето што се обложуваат често можеле да намирисаат вистински исход. Така беше на парламентарните избори минатата година. Тогаш истражувањата на јавното мислење предвидуваа трка рамо до рамо на конзервативците и лабуристите. Кај букмејкерите пак, непосредно пред гласањето веројатноста за самостојна влада на конзервативците се зголеми. И, така и излезе. Премиерот Дејвид Камерон остана на Даунинг стрит 10. Сега, една година потоа, многумина се обложуваат дека тој нема да може да се држи уште долго на функцијата, сеедно каков ќе биде исходот од референдумот. Како фаворит за негов наследник, кај букмејкерите, важеше про-ЕУ министерот за финансии Џорџ Озборн, вели Шарп:
„Џорџ Озборн важеше за фаворит на ториевците кога почна кампањата за референдумот. Денес фаворит е Борис Џонсон.“
Лицето на брегзит и поранешен градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, во меѓувреме го претекна Озборн. На шкотскиот референдум пред две години истражувачите на јавното мислење предвидуваа тесен исход, додека обложувалниците беа прилично сигурни дека Шкотланѓаните ќе се одлучат против независност и за останување во Обединетото Кралство. И, имаа право. Луис Дејви од „Педи Пауер“ укажува на тоа дека најголемит дел од облозите доаѓаат во последните неколку денови пред гласањето: „Очекуваме хаос до референдумот“, потенцира тој.
Но, и букмејкерите можат да се излажат. Дека Лестер Сити ќе стане англиски фудбалски првак едноставно ни тие не сакаа да веруваат, сѐ до пред освојување на титулата.