Бремиг: Македонија не е самопослуга
12 декември 2016ДВ: Дали очекувавте ваков исход од изборите?
Клаус Бремиг: Не, во анкетите национално-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ беше во водство. Тесниот исход од изборите, меѓутоа, е показател на внатрешнополитичката криза, односно поделеноста на Македонија. Се зборува за нерегуларности, но тесниот изборен исход дава реална слика на актуелните општествени односи. Во основа, ме радува што изборите - по повеќекратно одлагање - воопшто се одржаа.
Што очекувате од новата влада?
Клаус Бремиг: Имам многу мали очекувања. Една социјалдемократска партија, која всушност има комунистичка номенклатура и која на крајот на социјализмот се обогати преку приватизации стои наспроти една националконзервативна партија која дејствува сѐ поавторитарно и која во последните години паѓаше в очи со корупција и злоупотреба на власта. Се надевам дека од тесниот исход на изборите произлегува сигнал дека Македонија не е самопослуга и дека земјата сѐ уште му припаѓа на народот.
Како гледате на идната германска соработка со Македонија?
Клаус Бремиг: Според мое мислење, Германија треба и натаму да се обидува да ѝ дава поддршка на евроатлантската интеграција на Македонија. Меѓутоа, изборниот исход не ја олеснува ваквата политика.
Дали резултатите од изборите влијаат врз евроатлантската интеграција на Македонија?
Клаус Бремиг: За членство во ЕУ и НАТО одлучувачки не се само геостратешките размислувања. Темелните демократски вредности би требало да имаат предност во НАТО и ЕУ. Тоа значи дека Македонија треба брзо да ги спроведе реформите кои се неопходни за приклучување. Авторитарната демократија и корупцијата не се дел од заедничките вредности. Ние, Германците, според мене, во тој дел сме во стапица на аргументирање и во однос на Турција. Помошта при затворањето на Балканската рута во бегалската криза, на Македонија сигурно ѝ донесе симпатии во многу европски земји. Доверливоста во внатрешната и надворешната политика треба да биде највисоката цел за земјата да може да се стабилизира и да ѝ се отвори вистинска перспектива за членство во ЕУ и НАТО.
Клаус Бремиг е долгогодишен пратеник во Бундестагот од редовите на владејачката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) и член на раководството на пратеничката група на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) во германскиот парламент