1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел лекомислено си игра со Шенген

Катрин Мартенс
29 септември 2017

Границите во Шенгенскиот простор остануваат отворени, но и натаму жестоко се контролира. ЕУ лекомислено се откажува од еден од своите основни принципи, оценува Катрин Мартенс.

https://p.dw.com/p/2kwax
Schild Schengen Ortsausgang

Не пречи. Малку контрола речиси не паѓа в очи. А, нема ни рампи. Тогаш, зошто толкава возбуда за најновиот заклучок во Брисел околу граничните контроли во Шенгенскиот простор?

Проблемот е во тоа што пречи! Со најновото ДА за продолжување на контролите, кои се укинати веќе 25 години, Европската Комисија си прави мечкина услуга. Со тоа Комисијата потклекнува пред дифузниот страв на многу земји земји членки. Потклекнува пред Орбанова Европа и, да, и пред една Германија која сѐ уште трепери од новата пратеничка група на десните екстремисти.

ЕУ-правила според национален вкус

Комисијата сега дозволува државите кои се дел од Шенгенскиот простор уште цели три години да постапуваат според национален вкус по прашањето на безбедноста на границите. Зависно од тоа што изгледа опортуно дома - во Будимпепшта, Париз, или Копенхаген. „Сериозните закани по јавниот ред или внатрешната безбедност“ како основа за воведување внатрешни контроли се за среќа одамна минато. Но, драг Бриселу, ќе мора да ја земете предвид „заканата од тероризам“.

Martens Catherine Kommentarbild App PROVISORISCH
Катрин Мартенс

Да се попушти пред ваквата желба на земјите членки е проблематично поради две причини. Брисел ќе им даде полет на и онака постоечките политистички сили во Европа. Зашто, со ваквиот заклучок се сугерира: вие бевте во право. Поинаку не можеме да се справиме со проблемот (оној со терористите и оној со бегалците). Исто толку проблматично е исклучоците да се прогласуваат за правило. Колку подолго трае вонредна состојба, колку подолго не доаѓа до инциденти, толку посилно ќе се всадува размислувањето: само вака! Што значи, напуштањето на исклучокот ќе станува сѐ потешко, а враќање кон Шенгенски простор без контроли ќе се третира како безбедносен ризик. Исклучокот ќе стане нормалност. Шенген на долг рок нема да биде ништо повеќе од бескорисен лист хартија.

Тоа во никој случај не може да биде цел на Европската Комисија. Ако институцијата на Јункер не се заложи цврсто за слободни граници, тогаш кој? АфД? Новите француски патриоти? Сигурно не! Каде е европската храброст која до пред една недела стоеше на потсетникот на Жан-Клод Јункер? Каде е европската безусловност кога станува збор за нескршливите принципи на Европската Унија? Навистина не пречи малку контрола?

Лекомислено откажување од една основна идеја

Пречи! Меѓу другото и затоа што многу ќе се промени секојдневието на европските граѓани. Се работи за големата целина. Слободните граници не се нешто што нервира или старомодно, туку се дел од благородните основи на Унијата, а токму со нив Брисел лекомислено си игра.

Ако ЕК толку евтино го прави Шенген неважен, тогаш уште поевтино изгледа ако Шенгенскиот простор сега великодушно се отвора за Романија и Бугарија. Еј, ние ги наполнивме панталоните, но вие сега смеете да станете дел од Шенген! Ваквиот тајминг е во секој случај проблематичен. Шенген-лајт за европските популисти, брзи отстапки за државите од Вишеградската група - Брисел дели таблети за смирување наместо уверувања. За повеќе е неопходна храброст, а храброст нема.