1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бришковска го демантира исказот на Василевски- Нинџа

БГ
6 декември 2018

Поранешната заменичка министерка за правда во изјава за Дојче Веле тврди дека денешниот исказ на еден од обвинетите за крвавиот упад во Собранието на 27 април 2017 година, Александар Василевски- Нинџа е целосно неточен

https://p.dw.com/p/39bR8
Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Билјана Бришковска- Бошковска демантира дека била дел од штабот на ВМРО-ДПМНЕ од кој се планирал упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Во изјава за Дојче Веле Бришковска објаснува: 

„Во врска со наводите пренесени во медиумите од сведочењето на обвинетото лице Александар Василевски (Нинџа, н.з.), можам само да изјавам дека сум запрепастена од невистинитоста на исказот на сведокот кој се однесува на мене и целосно го отфрлам како неточен“, вели Бришковска во кусата изјава за ДВ.

Василевски е меѓу 33 лица обвинети за упадот во Собранието минатата година. Тој на денешното рочиште во судот изнесе серија тешки обвинувања на сметка на поранешни и актуелни државни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу нив и Бришковска.

Василевски тврди дека во периодот од 18:15 до 19:15 часот вечерта, кога се одвивал нападот во Собранието, тој бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, каде на 8-от кат со целата акција управувал партиски тим. Меѓу луѓето кои ги наведува Василевски се Билјана Бришковска-Бошковска, Спиро Ристовски, Митко Чавков, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и тогашниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Василевски тврди дека од таму била раководена целата операција за упадот во Собранието и биле издавани наредби како кон лидерите на протестите, така и кон припадници на МВР и Армијата, кои наводно биле во и околу Собранието.

Mazedonien Proteste im Parlament
Упадот во Собранието бил организиран и координиран од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, тврди обвинетиот ВасилевскиФотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev

Според обвинетиот Василевски, Бришковска директно му давала наредби на тогашниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, пратениците да ги отворат вратите на Собранието.
Неговиот адвокат Звонко Давидовиќ по рочиштето изјави дека исказот на Василевски е доказ оти „командувањето од МВР се префрлило на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ“.
Давидовиќ тврди дека истата изјава неговиот клиент ја дал и пред Јавното обвинителство во јуни годинава.

Денеска и Генералштабот на АРМ објави воопштена реакција на, како што се наведува, инсинуациите „со кои упорно сака да се прикаже инволвираност во организирана форма, на Армијата на Република Македонија во случувањата на 27 април 2017 година“. Според АРМ, се работи за груби дезинформации.

Василевски во денешното сведочење, но и други обвинети за 27 април претходно, тврдеа дека добивале усни информации од луѓе од кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов, дека тој ќе прогласи вонредна состојба во државата. Според информациите на Василевски тоа не се случило поради притисок „од странскиот фактор врз Иванов“, но во Собранието и околу него на 27 април биле присутни лица од военото разузнавање.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи