Брунбауер: Делчев бил етнички Бугарин, а политички Македонец
30 ноември 2020Зад бугарските блокади на Северна Македонија во ЕУ се крие една политика закотвена во времето на комунизмот, но и прикриена претензија, вели австрискиот историчар Улф Брунбауер во интервју за весникот Ноје цирхер цајтунг (НЦЦ). Брунбауер е директор на Институтот Лајбниц на германскиот универзитет во Регенсбург и експерт за Балканот.
На прашањето на НЦЦ како го коментира фактот што една држава и го наметнува на друга својот историски наратив, Брунбауер вели дека тоа е невообичаено, но објаснува дека во бугарскиот парламент постои широк консензус за тоа прашање.
„Исто толку невообичаено е што овој парламент (бугарскиот, н.з.) на својата земја и наметнува еден историски поглед. Тука очигледно недостасува свеста како се создава историјата во едно плуралистичко општество, имено, во слободно и отворено истражување“, вели Брунбауер.
„Декларација на бугарскиот парламент многу потсетува на комунистичката пропаганда од раните 1970 години“, вели натаму Брунбауер.
„Уште тогаш режимот го доведуваше во прашање постоењето на македонскиот јазик и идентитет. Тоа покажува колку длабоко во бугарското општество е закотвен национал-комунистичкиот историски поглед."
-повеќе на темата:Македонско-бугарски спор: Каноните на Тодор Живков
Прашан да ја коментира бугарската теза дека „македонската нација била измислена од Тито“, Брунбауер го наведува следното:
„Тоа не е целосно погрешно. Една широко распространета свест и идентификација со македонската нација се разви меѓу населението по 1945 година. Но, се разбира, тоа беше засновано врз постојните локални идентитети. Од друга страна, Бугарите тврдат дека подоцнежните нации не се 'вистински' нации.
...Македонците ја имаат несреќата на ’доцначи’: Сите настани и личности веќе биле зафатени од другите нации. Но изградбата на нивните нации не е повистинска, туку едноставно постара."
Фантомската болка на Софија
Дали бугарското отфрлање на постоењето на македонската нација претставува и територијална претензија кон соседот, прашува НЦЦ.
„На некој начин (Неискажано), да“, вели Брунбауер. „Се работи за фантомската болка на Бугарија што Северна Македонија повеќе не и припаѓа како во периодот на двете светски војни. За Софија, Македонија е дел од бугарската историја се додека во 1944 година не стана југословенска и презема еден ’вештачки идентитет’. Во овој наратив, Македонците се всушност Бугари.
Од аспект на идентитетската политика се чува една отворена опција затоа што многу Македонци во последните години земаа бугарско државјанство за да станат ЕУ граѓани. Секако, никој денес во Бугарија не говори за промена на границите. Но нештата можат да се променат.
-повеќе на темата: Брунбауер: Бугарија провоцира глупав конфликт за целосно измислени проблеми
Токму затоа, контроверзата меѓу Бугарија и Северна Македонија, не е само уште еден бизарен балкански спор. Доколку Бугарија и го блокира европскиот пат на својата соседна земја, тоа е опасно. Во самата Северна Македонија растат тензиите, затоа што лојалноста на Албанците кон државата нема да е сигурна, доколку нема ништо од членството во ЕУ. Доколку притоа и прикриените бугарски претензии станат повидливи, тоа е една можна експлозивна мешавина“, објаснува Брунбауер.
Историчарот се осврнува и на прашањето за етничкото потекло и политичката мисија на Гоце Делчев, кого и Македонците и Бугарите го сметаат за свој револуционер.
„Може да се каже дека Делчев бил Бугарин. Тој така се нарекувал. Политички, пак, бил Македонец. Неговата политичка визија била автономна Македонија како дел од една републиканска балканска федерација. Ништо не го врзувало за тогашната бугарска монархија. Како револуционер нему етничкото потекло му било помалку важно од неговиот политички идентитет“, вели Брунбауер во интервјуто за швајцарскиот НЦЦ.