Брутализмот во поранешна Југославија
За едни - архитектонски грев, за други - извонредна уметност. Брутализмот им даваше белег на цели градови во Титова Југославија. Во оваа фотогалерија претставуваме дел од тие градби со сета нивна грозна убавина.
Цик-цак-облакодери
Овие бетонски монструми се наоѓаат во Коњарник, предградие на Белград. Нивното име на српски е „тестера“, во превод - пила, токму поради тоа што потсетува на неа. Поголемиот дел од бруталистичките градби настана во 1950-те и 1960-те, во време на владеењето на Јосип Броз Тито. Фотографот на Ројтер, Марко Џурица, дел од својата работа му посвети на брутализмот во Титово време.
Јајце од стакло и бетон
Три години по Втората светска војна, Јосип Броз Тито истапи од сојузот со тогашниот Советски Сојуз. Требаше да се обноват градовите разурнати во војната. Тито играше на карта на репрезентативна, но воедно застрашувачка архитектура. Овој бетонски НЛО е белградски „Музеј на воздухопловството“, чиј архитект е Иван Штраус. Изграден е во 1969 година.
Како од научнофантастичен филм
Со зголемувањето на населението во социјалистичка Југославија, растеше и потребата од станбен простор. Бетонските облакодери никнуваа како печурки по дожд. Кулата Генекс во Белград е висока 124 метри и има 30 катови со 184 станови. Наспроти нејзе е вториот дел со 39 катови, кој е поврзан со мост.
Бизарен споменик
На овој споменик на највисокиот врв на Петрова Гора, во центарот на Хрватска, му се заканува распаѓање. Споменикот на востанието на населението од Кордун и Банија го слави и потсетува на отпорот на цивилното население против националсоцијализмот и фашистите.
Машинска естетика
Кога во 2018 година њујоршкиот Музеј на современа уметност ѝ посвети изложба на буталистичката архитектура, тој градежен стил, кого многумина со драго срце би го избришале и би ги урнале градбите, е рехабилитиран. Клиничката болница во загрепска Дубрава потсетува на голема машина. Денес таму своето умеење го тренираат студентите по медицина.
Модерен Музеј на современа уметност
Музејот на современа уметност во Белград почна со работа во 1965 година. За градење на музејот беше распишан идеен натпревар. Избрани беа двајца архитекти - Иван Антиќ и Иванка Распоповиќ, кои реализираа проект со пет изложбени нивоа. Музејот се наоѓа во зелено опкружување и се вбројува во умерените примери на бруталистичката архитектура.
Палата на модерната
Палатата на Србија, поранешната Претседателска палата, е градена од 1947 година, а отворена е во 1961 година. Таа е една од најголемите градби на бруталистичката архитектура во Белград. Посебно интересен е внатрешниот дизајн на салите, кои се разликуваат по републиките на поранешна Југославија. Мебелот, мозаиците и теписите се рачна изработка и по дизајн на познати уметници.
Пофалба на грдотијата
Станбениот комплекс Блок 28 во Нов Белград е познат како „телевизорка“ поради изгледот на прозорците кои потсетуваат на телевизори. Нов Белград никна северно од Дунав, всушност на левиот брег на Сава. Со старите делови на Белград е поврзан со шест мостови. Таков проект на новоградби на зелена површина предизвика голем интерес во светот во тоа време.
Воен споменик
Бетонскиот споменик посветен на битката на Сутјеска во Босна и Херцеговина потсетува на една од најкрвавите битки во Втората светска војна. На воздушниот напад на наци-Германците со 300 бомбардери му се спротивставија 18.000 војници на југословенската народноослободителна војска - без авиони. Споменикот е сместен во долина, во која во поново време на повеќе места имаше лизгање нз земјиштето.
Бескрајна купола
Халата 1 на Белградскиот саем е отворена за јавност во 1957 година. Нејзината купола тогаш беше најголема во светот. Сѐ до денес таа важи како посебен доказ за градежната уметност на поствоената модерна. Силните форми на брутализмот во поново време сѐ повеќе ја будат креативноста на многу инстаграмери - #brutalism е тренд со постојано нови перспективи.