1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинирање во Бугарија: Млад, здрав и - вакциниран!

Александар Детев
26 февруари 2021

„Ќе ги вакцинираме сите кои тоа го сакаат“, наредил бугарскиот премиер Бојко Борисов. Нашиот репортер Александар Детев беше подготвен да се вакцинира.

https://p.dw.com/p/3puQY
Bulgarien Corona-Impflkampagne
Во Бугарија сега дневно се вакцинираат помеѓу 10.000 и 15.000 лицаФотографија: BGNES

21 февруари, 15 часот. Пред Военомедицинската академија во Софија, најголемата медицинска установа во главниот град на Бугарија, има долга редица. Подготвен сум на чекање од неколку часа. Кога, еден маж доаѓа и ми вели: „Секој, кој не е на списокот, а сака да ја прими вакцината на АстраЗенека, може да влезе директно.“ За две минути седам во голема просторија за вакцинирање и пополнувам формулар - единствен услов за да се биде вакциниран. Објаснувам дека ми се познати можните нуспојави од вакцината на АстраЗенека и дека ќе се јавам веднаш доколку настапат. „Не заборавајте да го внесете Вашиот телефонски број! Ќе Ве контактираме за 6-7 недели“, ме потсетува медицинската сестра.

Готов сум со пополнувањето на формуларот и ми велат дека треба да седнам во кабината број 4. По една минута доаѓа лекарот и ме прашува како се чувствувам „Перфектно“, одговарам. „Алергии, претходни болести?“ „Немам.“ Ја зема вакцината. „Во ред, ти си млад и здрав. Затоа е можно да дојде до силна реакција, пред се' треска, замор или главоболки. Доколку траат подолго од 12 часа, јави се веднаш. Досега не сме имале таков случај, но сепак...“ Дознавам дека младите луѓе по правило реагираат поинтензивно на вакцината отколку постарите, поради тоа што имаат поактивен имунолошки систем. Океј, се' е јасно! Ме вакцинираат. „Смеам ли да направам селфи?“, го прашувам лекарот. Едноставно, мора да го овековечам овој момент. „Да, повелете!“

За месец и пол, значи, треба да ми се јават за да утврдиме термин за втората доза. Немам тешки нуспојави. Само замор и пецкање на раката. Исто како и кај секоја друга вакцина. Мои пријатели имаа зголемена телесна температура, но само во првите 24 часа.

Bulgarien Sofia | Impfzentrum | Alexander Detev
Александар Детев по примањето на вакцината во СофијаФотографија: Alexander Detev/DW

Да се вакцинираат сите што сакаат!

„Чекаат, се колебаат или не сакаат. Додека се колебаат, ќе ги вакцинираме сите кои тоа го сакаат“, рекол бугарскиот премиер Бојко Борисов во текот на изминатиот викенд. Оттогаш има зелено светло за сите граѓани кои сакаат да примат вакцина. Сосема е сеедно дали сте биле во некаков список на чекање вакцина или не. Едноставно се оди во центрите за вакцинација и готово! Како е тоа воопшто можно? Една од главните причини е што многу Бугари кои смееја да примат вакцина во првите три фази на вакцинација, тоа го одбиле. Скепсата кон вакцинирањето против коронавирус во Бугарија е голема.

Повеќе:

Проверка на фактите: Дали вакцините против Ковид-19 предизвикуваат смрт?

Бугарија со „чисто срце“ ќе донира дел од вакцините за Северна Македонија 

Праведна распределба на вакцини за сите, по секоја цена!

Шведска и Данска планираат пасоши за вакцинираните

Во вторникот (23.02) во земјата се регистрирани 1925 новоинфицирани со коронавирус - рекорд во оваа година. И покрај растечкиот број заболени и хоспитализирани пациенти, бугарската влада донесе одлука за отворање на гастрономијата на 1 март. Премиерот Борисов, кој сака да биде реизбран на изборите на 4 април, очигледно се обидува да постигне рамнотежа помеѓу олабавувањето на корона-мерките и зголемениот број на новоинфицирани.

Минатата есен Бугарија беше соочена со преполни болници и пациенти за кои немале слободни кревети. Затоа премиерот сега полага надежи во масовна имунизација. Освен тоа, се приклучи и на барањата за европски пасош за вакцинирани.

Bulgarien Sofia | Impfzentrum | Schlange stehen
За АстраЗенека не мора да се чека (фото: редица пред центар за вакцинирање во Софија кој работи 24 часа)Фотографија: Alexander Detev/DW

Ќе има ли доволно вакцини?

Во моментов за пациентите кои не се дел од групите кои имаат приоритет, на располагање стои само вакцината на АстраЗенека. Вакцините на Бионтек/Фајзер и Модерна им се даваат само на лицата кои учествуваат во организација на парламентарните избори. Објаснувањето за тоа е дека е покус интервалот помеѓу двете дози. Тоа значи дека до 4 април двете дози од вакцината може да ги примат сите членови на изборните комисии, набљудувачите на изборите и слично.

Сите други кои сакаат да примат вакцина на Бионтек/Фајзер или Модерна, мора да се стават на списокот на чекање. Кога ќе има доволно вакцини од овие производители, ќе добијат термин за вакцинација. Во Бугарија сега дневно се вакцинираат помеѓу 10.000 и 15.000 лица. Здравствените власти се уверени дека има доволно вакцини. „Бугарија порача доволно дози за да има за секого“, изјави бугарскиот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев во едно радио-интервју.

Со просечно 1,72 вакцини на 100 жители Бугарија останува на дното во ЕУ. Но, доколку останат новите правила за вакцинирање, тогаш тоа наскоро би можело да се промени - повеќе од една четвртина од сите вакцини против корнавирус во последните 4 дена се дадени во државите од југоисточна Европа.

На почетокот на мај треба да ја добијам и втората доза од АстраЗенека. Меѓутоа, според известувањето на Институт за здравство од вчеравечер, вакцинирањето ќе мора да паузира поради одолговлекување на доставувањето вакцини од страна на АстраЗенека. Но, се тврди дека масовното вакцинирање ќе продолжи од наредната недела. Најдоцна до лето, според надежите на многумина во Бугарија, во земјата треба да се постигне колективен имунитет.