Бугарија: Еден млад доктор сака да остане во земјата
18 септември 2018Баба Милка има висок крвен притисок. Причината за тоа можеби се „сапунските“ серии што секојдневно ги гледа, вели таа. Некои од нив ги доживува многу емотивно, а некои ја нервираат. Да го исклучи телевизорот? Тоа не доаѓа предвид. Сепак поверојатно е дека причината лежи во тоа што не ја зема редовно препишаната терапија.
„Таа мора секојдневно да ги пие лековите. Тоа е многу важно. И тоа мора да го прави наутро, а не во текот на денот," советува Шеип Панев. Тој ги завршува студиите по медицина. Денеска е во посета на едно малечко село, кое е оддалечено речиси стотина километри северозападно од главниот град Софија. Таму ги прегледува неколкуте старци кои се останати во селото. Северозападот на земјата е еден од најсиромашните региони во ЕУ. Млади луѓе тука има евентуално само за викенд, инаку по улиците има само кучиња и кокошки. Во ова село еднаш месечно доаѓа доктор – ако има среќа. Во зимските месеци сѐ зависи од времето.
Неуспехот на државата
„На ќерка ми постојано ѝ велам, ако ми се случи нешто, додека ти се јавам и ти додека да дојдеш од Софија ќе можеш само да ме погребаш. Тука немаме лекар. Постојано се молевме да доаѓа лекар барем три пати неделно. Овде во селото живее само една бабица која ја негува мајка ѝ. Ако имам болки во нозете тогаш одам кај неа да ми стави инекција," се жали баба Милка.
Повеќе:
-Бугарија се празни- Бугари сѐ помалку
Шеип Панев не може повеќе да ја толерира ваквата ситуација и се реши да дејствува. Токму затоа е тука – волонтерски и самоиницијативно. Заедно со лекари од една софиска болница ги посетува селата на северозападот на земјата. За Шеип Панев не станува збор само за стекнување практично искуство како потенцијален лекар: „Ние треба да им помогнеме на луѓето овде, бидејќи државата очигледно не може да си го дозволи тоа." Во секоја баба си ја гледам сопствената баба и секогаш ми доаѓа топло на срцето. Луѓето тука ја ценат нашата работа и мило ми е што можам да направам нешто добро и дека сум корисен. Така не живеам залудно“.
Нефункционален систем на социјални услуги
Оваа волонтерска работа на лекарите за невладината организација „Проект северозапад"е благослов. Веќе три години Јана Рупева се грижи за заборавените луѓе од овој регион. „Покрај нашата работа со постарите, ние се обидуваме и адолесцентите со интелектуална попреченост кои живеат во домови да ги интегрираме во општеството. Ние треба да ги научиме многу едноставни работи: на пример како да излезат од дома на улица, како да се возат со воз, како да гледаат на часовник," вели Јана Рупева од невладината „Проект северозапад". Во најоддалечените региони нема функционален систем за социјални услуги.
Таа креираше работилница за лица со посебни потреби - исклучиво со донации. Од државата нема никаква помош. Покрај тоа таа планира и отворање на народна кујна каде луѓето со посебни потреби ќе приготвуваат јадење и ќе им го доставуваат на старите лица.
„Старите лица не може да поверуваат дека некој воопшто се грижи за нив, и тие се неверојатно благодарни што можат да водат пристоен живот и во старост", вели Јана Рупева.
Кој ќе остане на крај кога сите ќе заминат?
Лекарите како Шејп Панев се од суштинско значење за опстанок на овие региони. Некогаш во прашање се минути за да се спаси човечки живот.„Во книгите читаме за златните пет до десет минути, во кои треба да се третираат пациентите. Во реалноста брзата помош доаѓаат по два, три а некогаш и четири часа – особено во далечните села. Умираат луѓе кои под други околности би преживеале", вели Панев. Недостастува персонал. Најголемиот дел од младите лекари сѐ почесто се селат во Западна Европа.
„Отворањето на границите, кое првично го поздравувме, донесе и негативни последици. Денес сме соочени со проблем на исселување на нашите доктори. Но не само тоа. Утре и нашите бугарски пациенти ќе заминат во Германија и таму ќе го стават под притисок германскиот здравствен систем," вели заменик претседателот на Бугарската лекарска асоцијација. Мора да се мисли на тоа пред да се повлече ефтината работна сила од Бугарија. Над 1600 бугарски доктори во моментов работат во Германија. Шеип Панев воопшто не размислува да се сели во странство. „Човек живее еднаш и секој си носи сопствени одлуки. Не можам да ги осудам моите колеги кои си заминуваат. Во Бугарија е тешко за млади доктори," вели овој студент по медицина. „Можам да си замислам да одам во Германија, но само за да специјализирам таму, но не и да останам. Се чувствувам обврзан кон луѓето во Бугарија. Сакам да се грижам за луѓето тука. Тоа е мојата мисија. Ако сите си заминеме, тогаш кој ќе остане на крајот?
По прегледот, баба Милка оди во соседното село каде пее во хор. Коленото и прави проблем, но не и гласот. За коленото ќе мора да се погрижи Шеип Панев на следната посета, вели баба Милка.