1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија: Малку фудбалски, многу политички топки

2 јуни 2022

Државниците да не се обидуваат да ја префрлат оваа опасна топка кон народот (референдум за РСМ), туку да си ја понесат нивната одговорност, е една од пораките до бугарските власти

https://p.dw.com/p/4CAuN
Deutschland Bulgarien Präsident Rumen Radev zu Besuch in Berlin
Фотографија: Presseamt des Präsidenten

Стигнуваат првите реакции по ставот на бугарскиот претседател  Румен Радев,  дека последна инстанца за решавање на прашањето со Северна Македонија не е парламентот, туку народот и дека постојат уставни механизми за негово консултирање.

„Секогаш е добро политичарите да ги навиваат своите часовници консултирајќи сѐ со народот. Но, не да ги мијат рацете. Надворешна политика не може да се прави со референдуми“, пишува во редакциски коментар влијателниот „24 часа“.

„Ако тргнеме со  референдум за Македонија и народот каже ‘не’ за соседите, тоа не значи ништо друго освен да се замразиме со Македонците барем еден век. Затоа што ќе станеме лошите Бугари, кои им ја запреа нивната европска интеграција и развој. Ништо нема да добиеме, само ќе загубиме со сигурност (...) Државниците да не се обидуваат да ја префрлат оваа опасна топка кон народот, туку да си ја понесат нивната одговорност. Претседател, влада и парламент - се институциите кои треба да одлучат што треба да прави државата во вакви критични ситуации. Во спротивно, утре некој ќе нѐ турне кон референдуми за членството на Бугарија во НАТО и ЕУ, како што впрочем веќе сакаат сѐнародно изјаснување за воведување на еврото (...) Но, нели токму затоа државниците се избрани од народот - да му ја решаваат иднината“, коментира „24 часа“.

Весникот предупредува дека секој референдум повеќе или помалку подлежи на манипулации, а како пример го посочува рефендумот за „Брегзит“, по кој сите морале ја испијат горчливата чаша.

Времето истекува

Има или нема  француски предлог  на масата - е второто прашање од интерес на јавноста. Голем дел од бугарските медиуми вчерашната изјава од Кабинетот на македонскиот претседател ја прочитаа и пренесоа како „потврда дека има француски предлог “.

„Проактивниот пристап на француското претседателство со ЕУ е добредојден за претседателот на државата Стево Пендаровски, кој се надева дека истиот би можел да придонесе за изнаоѓање решение со кое би ѝ се помогнало на земјава побрзо да ги отпочне пристапните преговори за членство во ЕУ“, беше наведено во одговорот на кабинетот на шефот на државата за МИА, на прашањето дали има француски предлог за решавање на  спорот меѓу Скопје и Софија.

„Француската Република како актуелен претседавач со ЕУ уште при преземањето на претседателството во јануари оваа година го најави засилениот ангажман во насока на изнаоѓање решенија за отворените прашања на Западниот Балкан. Оттука, активностите на француската дипломатија во изминатите шест месеци, односно средбите на политичко и експертско ниво не се некаков нов обид за пробив, туку се целосно на линија на декларираните приоритети во однос на претседавањето со ЕУ. Целта на сите активности е да се направи исчекор во дијалогот со Бугарија во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан и на Европскиот Совет, најавен за последната недела од овој месец во Брисел“, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Frankreich | Abschluss der Konferenz zur Zukunft Europas in Straßburg
Ќе помогне ли францускиот претседател Емануел Макрон за укинување на бугарското вето? Фотографија: Ludovic Marin/REUTERS

Дел од медиумите со соседство веќе прават „пресметка“ дали има доволно време за некаков исчекор до самитот на Европскиот совет (23-24 јуни), со оглед дека заседанието на Комитетот на постојани претставници на земјите членки на ЕУ (Корепер) е закажано за 15 јуни, а за 21-ви јуни и Советот за Општи прашања, кој е претставен од шефовите на дипломатиите. Според анализите, доколку има промена во бугарската позиција кон РСМ, таа би требало да биде усогласена и потврдена (од парламентот) најмалку една недела пред седницата на Корепер.

А според дипломатски извори, тој „календар“ и не мора да биде пресуден доколку до последен момент има можност нештата да се придвижат кон решение. Засега такво нешто нема на повидок, но има шпекулации дека не е исклучено поместување на  Софија од одредени позиции, во интерес на стабилноста и интеграциската перспектива на Западен Балкан, но и врз основа на актуелни политичко-економски причини. Според она што вчера го објави Бугарското национално радио (БНР), точка на топење може да биде финансирањето што  Бугарија очекува да го добие според Планот за закрепнување и отпорност.

„Според извори на ‘Хоризонт’ (програма на БНР - н.з) од владејачката коалиција, средствата што очекуваме да ги добиеме од него (Планот за закрепнување и отпорност - н.з.) ќе бидат врзани за нашиот став за случајот  Северна Македонија.  Вакви пораки веќе се добиени на средба со претставник на француската влада со пратеничките групи на владејачката коалиција“, објави Бугарското национално радио.

Љубов, а не омраза

Единственото нешто што денеска накратко ќе го сврти вниманието од политички на спортски терен, е фудбалскиот меч од Лигата на нациите меѓу Бугарија и Северна Македонија, вечерва во 18 часот на стадионот „Лудогорец Арена“ во североисточниот град Разград.

„Тензиите на политичко ниво меѓу Бугарија и Северна Македонија во последните месеци нема да се префрлат на теренот“, изрази надеж селекторот на бугарската фудбалска репрезентација, Јасен Петров.

„Фудбалот е најголемата игра во светот. Спорт, кој радува многу луѓе. На фудбалот гледаме само како на игра. Мора да има љубов, а не омраза. Јас не сум политичар и нема да давам мислење за односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Но, се надевам дека утре ќе победи играта и фер-плејот. Го прифаќаме противникот со почит, но сакаме да победиме. Тие се фаворит? Браво, но и ние имаме свои аргументи! Почит за противникот, но сакаме да победиме“, рече Петров.

Од бугарскиот фудбалски сојуз, најавија голем број мерки за одржување на јавниот ред и мир за време на натпреварот, потенцирајќи дека стадионот има систем за видео надзор со што прекршителите веднаш ќе бидат идентификувани.