1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија не се пишмани за ветото

ДТЗ
22 јуни 2021

Нема промена на позицијата на Софија за преговорите на Скопје со ЕУ по состанокот на Советот за општи работи во Луксембург. Бугарскиот министер на состанокот уште еднаш ја потврдил познатата бугарска позиција.

https://p.dw.com/p/3vNMr
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Бугарија го потврди својот став за европската перспектива на Република Северна Македонија за време на денешниот редовен состанок на Советот за општи работи во Луксембург, но истовремено е отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање меѓусебни прифатливи решенија. Ова го соопшти попладнево прес-центарот на бугарското Министерство за надворешни работи. Веста ја пренесоа бугарските медиуми, кои со големо внимание го следеа состанокот на министрите за европски работи на ЕУ кои дебатираа за усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија.

Бугарија беше претставена на состанокот од заменик-министерот за надворешни работи Румен Александров. „Александров потврди дека позицијата на Советот на министри од 9 октомври 2019 година за европската перспектива на РСМ, поддржана од декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година, останува на сила“, се додава во соопштението.

-повеќе на темата: Три сценарија – сите со полна торба неизвесност

Во него се посочува дека „Бугарија ги продолжува своите консултации со Скопје за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. „Приоѓаме конструктивно и со добра волја, но очекуваме РСМ да започне во пракса да ги спроведува преземените обврски на високо ниво на 17 јуни 2021 година во Софија, што ќе ни овозможи да се движиме во позитивна насока“, вели Александров.

Според него, „ова вклучува експлицитно одрекување на РСМ од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/ споменици коишто поттикнуваат омраза кон Бугарија во РСМ, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани поради тоа што се Бугари. Без оглед на нашиот билатерален дијалог со РСМ, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на РСМ треба да е вклучено меѓу условите во идната рамка за преговори за пристап на Скопје во ЕУ“, вели Александров. Бугарија, според тамошните медиуми, ги пофалила достигнувањата на Албанија во реформскиот процес и ја потврдила поддршката за усвојување на рамката за преговори на земјата.

ЕУ си пука во нога 

Нема промена на позицијата на Софија за преговорите на Скопје со ЕУ. Скопје очекува лоши вести од Брисел. Ова се само дел од насловите на текстовите коишто ги објавија денеска бугарските медиуми. Тие го пренесоа текстот на македонската државна агенција МИА, која повикувајќи се на дипломатски извори од ЕУ од Брисел, прва јави дека Бугарија одбила да попушти. Според дипломатите, дебатата за проширувањето претпладнево на министерскиот состанок во Луксембург била прилично жестока, посебно во однос на Северна Македонија и бугарската блокада, а според присутните, Германија покажала силна заложба за почеток на преговорите со Северна Македонија. Бугарската страна, меѓутоа, и натаму одбивала и покрај предупредувањата од земјите членки дека со оваа блокада „ЕУ си пука во нога“.

На Софија ѝ било посочено дека во прашање е кредибилитетот на целата Европска Унија, а критиките од земјите членки кон позицијата на Бугарија биле „многубројни“, велат дипломатите во ЕУ. Бугарскиот претставник порачал дека „ЕУ не ја разбира длабочината на проблемот“ помеѓу Скопје и Софија, дека овој спор е европско прашање и дека притоа Бугарија се наоѓа во „специфична ситуација“ поради претстојните избори во јули.

Претходно, и Бугарското национално радио, повикувајќи се на свои извори, објави дека не се очекува промена на позицијата на Бугарија во однос на ветото за Северна Македонија. Бугарските медиуми објавуваат бројни написи во кои и од политички, но и економски аспект се обидуваат да отсликаат дека „нема напред со Скопје по однос на исполнување на Договорот за добрососедски односи во целост“.

Michael Roth - Mitglied des Deutschen Bundestages
Ладниот туш од Луксембург пристигна и покрај повикот на шефот на германската дипломатија Михаел Рот пред почетокот на расправата за Македонија и за Албанија во ЕУ, билатералните прашања да не ја блокираат Унијата.Фотографија: Aris Oikonomou/AFP//Getty Images

Студениот туш од Луксембург пристигна и покрај повикот на шефот на германската дипломатија Михаел Рот пред почетокот на расправата за Македонија и за Албанија во ЕУ, билатералните прашања да не ја блокираат Унијата. „Оставете билатералните прашања да се третираат билатерално, без да се блокира целата ЕУ да се движи напред. Да размислуваме стратешки и да сфатиме дека треба да ги исполниме нашите обврски кон Албанија и кон Северна Македонија СЕГА. Немаме интерес да оставиме стратешки вакуум во овој регион“, напиша Рот на Твитер.

Разочарување во Скопје

Најавите дека Софија се уште не е подготвена да го омекне својот став кон Скопје, пристигнаа уште минатата недела кога привремениот бугарски премиер Стефан Јанев во интервју за БНТ рече дека не мисли дека Бугарија е во ситуација да отстапи или да направи компромис со својата позиција.

„Не само привремената влада, туку и парламентот, со својата Декларација од 2019 година, даде јасни упатства каква е бугарската национална позиција“, рече Јанев. И премиерот Зоран Заев пред посетата на Софија не изрази оптимизам дека до 22 јуни може да се реши проблемот со Бугарија. Според него, една од причините е одржувањето на изборите во соседството закажани за 11 јули. 

-повеќе на темата: Заев во Луксембург: Навистина сме огорчени

Шведската министерка за надворешни работи, Ан Линде која во рамките на шведското претседателство со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), е во еднодневна посета на земјата,  изрази загриженост што Република Бугарија и понатаму не го дава потребното зелено светло за почеток на преговорите со Европската Унија. Линде вели дека Северна Македонија ги има исполнето сите услови за почеток на преговорите, а тоа е и ставот на останатите министри за надворешни работи на ЕУ, освен на министерот на Бугарија.

„Јас цврсто верувам дека преговорите требаше да бидат почнати и ЕУ во март 2020 требаше веќе да донесе едногласна одлука. Унијата има свои обврски кон С. Македонија и треба да ги исполни тие обврски. Потребен е дијалог за да се решат овие дипломатски прашања, јас ги поттикнувам сите дипломатски напори за решавање на ова прашање. Бугарија не треба да го блокира патот на вашата земја. Билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите. Не би требало да бидат граѓаните обесхрабрени, иако има причина за да бидат разочарани“, порача Линде на средбата со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.

Според Османи, интегрирањето на земјата кон ЕУ, не е само наш интерес, туку и на Европската Унија, и додаде дека Унијата не е целосна без Западен Балкан, така се отвора можност за дестабилизација и причина за слаби економски односи.

„Граѓаните очекуваат конкретни резултати, после 16 години од кандидатски статус и 20 години чекање треба да започне следната фаза за нашата земја. Треба да ги убедиме нашите стратешки партнери дека ова не е само интерес за нашата земја, туку е интерес на целата Европска Унија. Европа без Западен Балкан не е комплетна, има голема дупка во нејзиното срце, која може да биде причина за дестабилизација, причина за слаби економски односи. Мислам дека и покрај очекувањата дека со техничката Влада на Бугарија ќе се влошат односите, јас го очекувам обратното“, оптимист е Османи.

Кој е виновен?

Претседателот Стево Пендаровски смета дека раководството на Европската Унија и европските партнери се одговорни за одложувањето на процесот на интеграција на земјата, како и на Турција, кои со години имаат статус на кандидати, пренесува агенцијата Анадолија. „За жал, европските приказни за двете земји не се успешни. Никој не е виновен. Би сакал да барам вина од нас, но не можам да избегнам да зборувам за голата вистина. Нашите европски партнери и Брисел се одговорни за тоа“, изјавил Пендаровски за турската новинска агенција.

Пендаровски вели дека спротивно на традицијата на интегративните процеси, некои историски теми постојано се ставаат на маса. „Се обидуваме да ги надминеме блокадите, на некој начин, и да го започнеме процесот на преговори што е можно поскоро. Во овој контекст, можеме само да изразиме надеж. Нашата единствена надеж е да го започнеме процесот што е можно побрзо и дека, по неговото завршување, можеме да станеме полноправна членка “, нагласува Пендаровски.