Ново поглавје во односите меѓу Скопје и Софија
18 јануари 2022Бугарија нема да ја кочи употребата на краткото име на Северна Македонија. Taa прифаќа да го користи краткото име на државата, подеднакво како и долгото.Северна Македонија преку МНР исто така испрати вербална нота до ООН во која изрично се бара и краткото и долгото име на државата да се признаат за еднакво валидни и дека немаат каква било импликација врз Република Бугарија, соопшти македонскиот премиер Димитар Ковачевски по средбата со бугарскиот колега, Кирил Петков, кој е во официјална посета на Скопје.
Тој оцени дека отстанувањето на ова прашање претставува нов чекор во новото поглавје од односите меѓу двете земји и ќе го отвори патот за подобра соработка. Двајцата премиери си дале збор дека ќе ги унапредуваат односите и дека имаат заедничка цел - да ги подобрат условите за живот на народите во двете земји, со што ќе се отвори патот за поскоро интеграција на Северна Македонија во ЕУ.
Двајцата соговорници на прес-конференција во Скопје оценија дека имале пријателска средба. „Имавме многу добар и пријателски разговор. Добрососедството на двете страни ќе се продлабочува. Отсега натака тоа ќе се мери со реални постигнати резултати. Се радувам и сакам да ги поздравам и министрите за траспорт бидејќи линијата Софија - Скопје ќе биде реалност. Кога ќе почнеме да работиме со конкретни резултати и да им овозможиме на граѓаните слободно да патуваат и да прават бизнис - со тоа многу ќе постигнеме“, порача Петков во Скопје.
Јасна дефиниција за јазикот
Бугарскиот премиер, одговарајќи на новинарско прашање во однос на спорот околу јазикот, рече дека во Договорот за добрососедство има јасна дефиниција за јазикот и во другите документи кои ги потпишаа двете земји.
„Горди сме што бевме првата држава што ја призна независноста на Северна Македонија и со тоа Бугарија го почитува самоопределувањето на сите граѓани во земјата, како и употребата на сите јазици како што се опишани во Уставот. Имаме полно разбирање за тоа и ќе продолжиме во најконструктивен дух да ги третираме сите прашања“, рече Петков.
Проекти
Тој вели дека двајцата премиери се решени да продолжат по патот на пријателството по кој се движат двете држави. Како еден од најзначајните проекти кои престојат, според двајцата премиери, е отворањето на граничниот премин Клепало со што ќе се зголеми трговијата и туризмот. За само една недела на 25 јануари ќе се одржи заедничка седница на двете влади, а во процедура е формирање на работни групи кои ќе работат на конкретни проекти за зголемување на довербата.
„Сакаме да им покажеме на нашите народи дека добрососесдството веќе има реални резултати, не само на ниво на политиката, туку и на полето на бизнисот“, порача Петков. Двајцата премиер се децидни дека фокусот во наредите неколку месеци ќе биде на нов конструктвен дијалог. Двете земји ветуваат дека ќе се фокусираат на сите работи кои ќе ги збогатат односи. „Голем оптимист сум и се надевам дека ќе имаме резултати во најскоро време“, додава Петков.
Јаболко како знак на доверба
По завршувањето на прес-конференцијата во Владата, новинарка од Бугарија му подари на премиерот Димитар Ковачевски, „здраво црвено бугарско јаболко во знак на доверба дека ќе работи на одржување на единството меѓу двете земји“.
На аеродромот во Скопје изутрината владината делегација на Бугарија ја пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи по што официјалниот дел на посетата стартуваше со церемонијален пречек со високи државни и воени почести пред Владата.
Во бугарската делегација се и потпретседателот на бугарското Народно Собрание Кристиан Вигенин, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и министерот за транспорт и врски Николај Сабев. Петков ќе има средби и со претседателот Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.Официјалната посета е предвидено да заврши во вечерните часови.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев утрово објави дека партијата организирала герила-пречек на новиот бугарскиот премиер Кирил Петков, кој е во еднодневна посета на Скопје. „Добредојдовте администратори на Цар Борис“, пишуваше на банер поставен на влезот на градот Скопје.