Бугарија претседава со ЕУ во тешко време
1 јануари 2018Претседавањето со ЕУ за Бугарија е голем предизвик. Преговори за Брегзит, дебата за заедничка бегалска и мигрантска политика, подготовки за финансиската рамка од 2020 година натаму - ова се само три од тешките задачи. Надлежната министерка Лилјана Павлова ја претстави програмата на Бугарија за претседавањето со ЕУ и во бугарскиот и во Европскиот Парламент. За успешно престедателство со ЕУ се неопходни политички консензус, дијалог и разбирање, рече таа. Зачувување на единството и стабилноста на ЕУ за Софија се најважните предизвици, но има и други тежишта, најави Павлова.
Важни пред сѐ се прашањето на иднината на младите, кое е директно поврзано со идниот буџет 2020-та и со Брегзитот. ЕУ-перспективата на Западен Балкан, безбедноста и стабилноста во однос на бегалците и миграцијата, заедничката европска одбрана и економскиот пораст, фокусиран на единствен европски дигитален пазар - така изгледа нецелосниот список во времето на претседателството на Бугарија со ЕУ.
Ангажман за Западен Балкан
Списокот со тежишта се менуваше повеќепати, пред сѐ затоа што бугарската влада мораше да ги усогласи своите високо поставени цели со институциите на ЕУ и со реалноста. Во меѓувреме на Софија ѝ е јасно дека за време на претседателството земјата повеќе ќе координира и хармонизира, а помалку ќе води и дека супер проблемите Брегзит и бегалци ќе се третираат со помош на бугарско посредство, но земјата тука нема да ја има раководната палка.
Што се однесува до темата која е важна за Софија - Западен Балкан, земјата се обидува да се профилира како компетентен и конструктивен посредник и планира дури и екстра самит на ЕУ, на 17 мај 2018 година. Поранешниот државен министер во Министерството за надворешни работи и претседател на Германско-бугарскиот форум, политичарот на СПД Гернот Ерлер, за ДВ вели: „Бугарија ќе стави големо тежиште на Западниот Балкан и на политиката на проширување и на интеграција. За такво нешто земјата со своите билатерални односи во регионот има добри предуслови.“
Поранешниот претседател на ЕП, Ханс-Герт Петеринг, кој неофицијално важи за главен советник на бугарската влада по прашањето на ЕУ-претседателството, е претпазлив. Според него, пораката би требало да гласи: „Не можете да станете членки многу бргу, мора да се реформирате, да се борите против корупцијата и да градите правна држава. За сметка на тоа, во одделни сфери, како што е намалувањето на роамингот или прашањето на дигитализацијата, би можеле можеби да бидете третирани како и останатите држави на ЕУ.“
Темната страна на претседателството со ЕУ
Земја, која сѐ уште е под мониторинг на ЕУ, го презема претседавaњето со Унијата - нешто што, како што вели Јохана Дајмел, заменик раководител на Друштвото за ЈИЕ во Минхен, е „новитет“. Последниот извештај во рамки на постапката за соработка и контрола (ЦВМ), како што оценува Дајмел, бил „многу алармантен“, зашто „се зборува за директен напад врз независноста на судството, минирање на независноста на судиите, па дури и за закони спротивни на Уставот“. Ако сето тоа се има превдид, Бугарија не може да биде пример, нагласува Дајмел: „Ако постојат вакви основни дефицити, како тогаш земјите од Западен Балкан да се мотивираат на реформи на правосудството и правната држава, на борба против корупцијата и организираниот криминал?“ Дајмел потсетува на проблемите со кои се соочуваат медиумите во Бугарија и заклучува: „Дали Бугарија е вистинскиот претседавач со ЕУ кој ќе се соочи со овие основни прашања и ќе ги стави на агендата? Се сомневам.“
Повеќе на темата:
- Бугарските проблеми за претседавање со ЕУ
- Заев: Македонија не загуби ништо со договорот со Бугарија
- Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо
Сомнежите во спососбноста на Бугарија да раководи успешно со ЕУ се оправдани и поради една друга причина. Дел од бугарската влада се ултранационалистите од сојузот „Обединети патриоти“. Според Даниел Кадик од фондацијата „Фридрих Еберт“, тоа е проблематично: „Познати ксенофоби, нациналисти и протекционисти ќе претседаваат со различни совети. На пример, таков е случајот со вицепремиерот Валери Симеонов, кој не ја крие својата омраза кон малцинствата, и Ромите јавно ги нарекува 'диви мајмуни'.“
Ханс-Герт Петеринг меѓутоа очекува на премиерот Борисов да му успее да го дисциплинира коалициониот партнер, „за да може да продолжи со својот проевропски курс“. Притоа може да се потпре на мнозинството на населението. Според Галуп Интернационал, 62% од Бугарите имаат доверба во ЕУ, што е пораст од 12 проценти во споредба со декември 2016-та.