Бугарија: Членка на ЕУ или мала копија на путинова Русија?
10 мај 2021Да се „изгребе“ ГЕРБ од власта не е исто како да се избришат вулгарни натписи од нечија фасада. Дури и идниот премиер да не знае да игра бељот со некој од најбогатите бизнисмени, дури и да одбива подароци во форма на златни шипки, системот повторно ќе преживее- освен ако не биде урнат. Во Бугарија секогаш било полесно да се стигне до некого „од горе“ отколку да се следат правилата. А со ГЕРБ и Борисов, овој модел беше утврден речиси како единствен што функционира. Со санкции од „високо место“ се решаваат сите спорови и проблеми- за бизнис територии, со царините, даночните и регулаторни комисии, агенциите. Дури и сместувањето во одредена болница за време на пандемијата.
Кога една држава ќе стане позната под името на тој што ја раководи, тоа е повеќе смалена копија на Путинова Русија, одошто земја-членка на Европската унија. Моделот е ист - контролиран бизнис, подредени медиуми, послушно обвинителство. Преку Црното Море, џудо- партнерите на претседателот растат и се богатат, а тука се луѓе од друштвото за бељот. И тука и таму, лидерот е постојано на телевизија. И тука и таму, обвинителството е чувар пред портите на автократијата. И тука и таму, владата ја изгуби способноста за дијалог со неистомислениците.
Бугарија е како малата кукла матрошка (бабушка, н.з.), што излегува од внатрешноста на големата. И се чини дека само овој чекор ја дели од тоа целосно да заличи на неа - моделот на владата, коментиран од руската амбасадорка Митрофанова на следниов начин: „Вие сте парламентарна република, тоа е прилично сложена форма, можеби е најлогична за богатите земји со одржливи механизми и партиски системи“. Дали тоа значи дека логичен облик на влада за Бугарија, неизговорен од Митрофанова, е претседателска република?
Разбравме, исто така, дека „сојузничката солидарност“ (според Митрофанова), што произлегува од членството на Бугарија во ЕУ и НАТО, ја попречува добрата соработка со Русија. Меѓутоа, во основата на тие два сојуза се демократските вредности кои еродираа „матрошките“ - солидарност, владеење на правото, еднаквост пред законот, медиумски плурализам, толеранција, граѓанско учество.
Бугарскиот пример
Ќе биде тешко да се „изгребе“ моделот што е толку погоден за интересите на силите туѓи на евро-атлантизмот. Сепак, успехот ќе биде чекор напред и ќе ги охрабри другите во ЕУ. На пример, во Унгарија, каде владеењето на правото е сериозно нарушено од владеењето на Виктор Орбан. Но, дури и Унгарија, каде независните медиуми се затвораат еден по друг, е рангирана на 92-то место на Репортери без граници. Додека ситуацијата во Бугарија е вистинско свлечиште со години, а земјата дојде до срамната 112-та позиција. Најголемите ТВ станици сè уште ги прекинуваат своите програми со цел да ги пренесуваат оригиналните видеа на премиерот во оставка Бојко Борисов.
Враќањето на владеењето на правото и демократијата во Бугарија значи многу повеќе од „бришење“ на ГЕРБ - тоа гарантира задржување на земјата во орбитата избрана во 1997 година со декларацијата за членство во ЕУ и НАТО. Ова е и тест за идната влада и фундамент на платформа за управување. Алтернативата е по Борисов да имаме „колективен Борисов“.