1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарскиот подарок за македонизмот

28 април 2022

Рамковната позиција е сеопфатен документ, но е нефункционален, никој во Европа не го чита, стана како ѓувеч, изјави поранешниот бугарски претседател Георги Прванов.

https://p.dw.com/p/4AXai
Bildkombo Flaggen | Mazedonien und Bulgarien
Фотографија: Uwe Scholz/teamwork/imago images

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив Ле Дриан, во телефонски разговор вчера (27.04) дискутирале за засилување на поддршката на Македонија и Албанија во напорите да станат дел од Европската унија, соопшти портпаролот на Стејт департменот, Нед Прајс. Двајцата соговорници размениле мислења и за состојбите во Украина, но не се објавени никакви други детали околу прашањата што ги тангираат Скопје и Тирана.

Со голема воздржаност и веќе слушнати фрази вчера заврши и посетата на еврокомесарот за проширување Оливер Врахеји на Скопје, но без никакви одговори за медиумите околу можноста и начините за деблокирање на македонскиот интеграциски процес. Повеќе одговори не може да се насетат ни во Софија, особено не во период кога по прашањето за симнување на ветото за РСМ постои големо разногласие меѓу коалициските партнери во бугарската влада. Во општествени кругови темата се анализира со голем интерес, а пример за тоа е деветтата годишна конференција „Балканот во 21 век - бугарски поглед“ на тема „Односите меѓу Бугарија и Северна Македонија: Каде оттука натаму“.

„Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година дал стабилна основа и можности за продолжување на дијалогот со конкретен фокус, но не произвел резултати“, изјави на оваа дебата поранешниот бугарски претседател Георги Прванов (2002-2012).

Борел: С. Македонија може да почне преговори со ЕУ до јуни

„Според мислењето што го изградив врз основа на претходни документи и настани, но и на она што значи Договорот од Преспа, нашиот договор од 2017 година е една јалова декларација (...) Потоа дојде еден друг документ т.н. Рамковна позиција усвоена од владата и потврдена од парламентот, кој е обемен и сеопфатен документ, но е нефункционален. Стана малку како ѓувеч, се извинувам за грубата споредба. Не сум слушнал и не знам некој во Брисел, во некоја европска престолнина или во регионот, да го прочитал тој документ. А врз негова основа владата требаше да води успешни преговори за да го финализираме тој процес. Досега тоа не се случи, што покажува дека тој документ бил наменет само за да демонстрира висок патриотски набој, насочен кон домашната публика“, изјави Прванов.

Тој порача дека сите идни стапки на зближување треба да се прават без надворешно влијание од ЕУ.

„Ако се оттргне антибугарската жила на македонизмот, ако тоа се постигне - тогаш сме постигнале многу. Многу молам да не ни се мешаат во работата. И ако ние направиме промена, да речеме дека тоа го правиме затоа што сме најблискиот народ до народот на Северна Македонија, а не затоа што некој нѐ притиснал да го направиме тоа“, порача поранешниот бугарски претседател.

Изгубени позиции

На истата конференција, европратеникот и известувач за PCM во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, предупреди дека за Бугарија ќе се зборува како за проблематично дете на Европската унија, особено ако се пристапи и кон развојување на Скопје и Тирана во пристапниот процес.

„Многу е опасна тезата за разделување на двете држави. Ќе биде многу тешко во иднина да ѝ објасниме на Северна Македонија како сме дозволиле Албанија да започне преговори, а не сме ѝ дале поддршка и зелено светло на братска Северна Македонија. Ако сега го дозволиме тоа, потоа многу тешко ќе биде враќањето на двете држави во еден процес (...) Допрва треба да се донесат важни одлуки, донесени од сите“, изјави Ќучук, потсетувајќи дека Романија и Бугарија на ист начин заедно се натпреварувале во исполнувањето на критериумите на патот кон ЕУ.

Türkei | Ilhan Kyuchyuk
Ќучук: Многу е опасна тезата за разделување на Северна Македонија и АлбанијаФотографија: Muhammed Selim Korkutata/AA/picture alliance

Според дипломатот Лубомир Ќучуков, Бугарија досега веќе изгубила многу можности.

„Бугарија го загуби влијанието во регионот, ги загуби придобивките од своето претседавање со Советот на Европската унија, ги комплицираше односите не само со РСМ, туку и со Албанија, а и со другите земји од Западен Балкан“, оцени тој.

Според него, ефектите сега се спротивни од очекуваните.

„Бугарија му поднесе огромен подарок на македонизмот. Јас се плашам дека веќе може да зборуваме за победувачки македонизам. Ако со столетија граѓаните на Македонија беа убедувани дека немааат ништо заедничко со Бугарија, сега веќе не ни сакаат да имаат нешто заедничко со Бугарија“, изјави дипломатот.

Излезот од сегашната ситауцијата Ќучуков го гледа во „евентуално пишан документ, кој на еден или друг начин е инкорпориран во преговарачките услови за членство на РСМ во ЕУ и на кој би му биле дадени неопходните гаранции што ги бараат двете страни“.

- повеќеШто навистина сака Бугарија

Надвор од преговарачката рамка

Но, тому внесувањето на билатералните прашања во преговарачката рамка, а не во процесот за стабилизација и асоцијација каде што им е местото, во иднина можат да значат бескрајна агонија за РСМ и безброј натомошни блокади од страна на Бугарија. На ова предупредува поранешниот шеф на македонската дипломатија, Никола Димитров.

Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Димитров: Ако Бугарија бара да го отвориме Уставот за да ги почнеме преговорите, треба да се прашаме што ќе бара за да ги звршиме Фотографија: Imago/A. Parsons

„Не може во преговарачката рамка историјата да биде поважна од борбата против корупцијата“, рече Димитров.

„Ако Бугарија бара да го отвориме Уставот за да ги почнеме преговорите, треба да се прашаме што ќе бара за да ги звршиме (...) И Европската комисија, и многу земји членки, сметаат дека овој тип на билатерални прашања мора да ги држат настрана од пристапниот процес. Таков е и португалскиот предлог. Но, кога Петковвели - ‘разговараме со македонската страна дали промената на Уставот да биде услов за првата меѓу владина конференција или за отворање на првиот кластер’, тоа е во директна спротивност со изјавата на министерот Османи дека ние сѐ уште се држиме за португалскиот предлог. Во португалскиот предлог нема ниту едно прашање од билатералата во европскиот процес. Тие работи ги држи во друг процес“, рече Димитров на ТВ „Сител“.

Според него, во моментов политиката на Бугарија кон РСМ не е пријателска, бидејќи „со такви пријатели не ни требаат непријатели“.