Бундестагот го усвои заострувањето на законот за азил
4 јули 2014Земјите од Западниот Балкан, Србија, Македонија и Босна и Херцеговина во иднина во Германија треба да се сметаат за сигурни земји на потекло. Барателите на азил од овие земји побрзо ќе можат да бидат вратени во нивната татковина.
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие укажа на тоа дека уште сега се одобруваат само помалку од еден процент од барањата за азил од трите балкански земји, бидејќи на тие лица ниту им се заканува политички прогон, ниту измачување или нечовечки третман. Ова важи и за Ромите. Германија со законските промени го спроведува истиот чекор како и други држави на ЕУ како Белгија, Франција, Австрија и Велика Британија. Големите трошоци за сојузот, покраините и локалните власти ќе бидат намалени, изјави Де Мезие. Со новата регулатива би требало да се ослободат капацитети за прием за бегалци на кои навистина им е потребна заштита, како на пример од Сирија.
Опозицијата го кириткуваше овој потег на владата. Наместо луѓето набрзина да се одвраќаат, би морало темелно да се проверат причините за бегство, рече Ула Јелпке од Партијата на Левицата. Партијата на Левицата и Зелените гласаа против заострувањето на законот за азил.
Како опозицијата, така и организациите Дијаконија и Про азил укажаа на дискриминација посебно на Ромите во трите држави.
Законот предвидува и барателите на азил и странците чиј престој во Гермнија е толериран по три месеци да можат да почнат да работат. Досега еден барател на азил смееше да добие работа во Германија по девет месеци, додека странци кои се толерирани во земајта по една година.
Причина за заострувањето на правилата за азил е зголемниот број на баратели на азил од балканските држави, по укинувањето на визната обврска.
За промените во законот дозвола треба да даде и Бундесратот. Но, таму мнозинство се покраините во кои покраинските влади имаат по еден партнер кој е против законот.
Германскиот Бундестаги исто така ги усвои промените во законот за двојно државјанство. Децата на странци во иднина ќе смеат да поседуваат двојно државјанство, ако се родени во Германија и до 21 година од животот живееле во Германија најмалку осум години или посетувале тука училиште најмалку шест години. Досега тие најдоцна до 23 година мораа да се одлучат за едно државјанство. Опозицијата смета дека реформата е недоволна и бара поголеми промени.