1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бучковски: Изборниот резултат пак ќе ги зближи Заев и Ахмети

16 јули 2020

Дамка врз изборниот фер процес фрли тоа што за првпат лидер на опозиција не даде изјава и не го призна поразот, вели поранешниот премиер

https://p.dw.com/p/3fOHo
Nordmazedonien Wahlen Zoran Zaev
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Според последната симулација на ДИК за распоредот на освоените пратенички мандати, СДСМ има 46 пратеника, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците и Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1 пратеник. Овој распоред не се совпаѓа со пресметката на лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој прогласи „убедлива и стабилна победа, со над три мандати предност пред ВМРО-ДПМНЕ", а како што рече „и со можност за еден или два уште повеќе“. Но, симулацијата ги надмина и прогнозите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој синоќа објави победа со 12 мандати.

„Орелот се врати. Оваа победа на ДУИ е победа на Албанците и со таа победа нема да изгуби ниту еден Албанец. Ние се докажавме дека сме најуспешните во сите сфери и така ќе биде и понатаму. Албанците нема да бидат разочарани од нас. Ние обезбедивме над 100 илјади гласови, 12 мандати, а се очекува уште еден, 13-ти. Благодарен сум што имав можност да ја соопштам оваа најдобра вест за Албанците и за апсолутна победа“, рече Ахмети.

Mazedonien Demokratische Union für Integration - Ali Ahmeti
Али Ахмети: „Орелот се врати“Фотографија: DW/P. Stojanovski

Донтовата „пресуда“

Во првата симулација на ДИК по пребројани резултати од 95% од гласачките места, ДУИ имаше 16 пратеници, но по пребројаните 99 отсто гласовите таа остана со еден пратенички мандат помалку (15), а Левица од еден доби два. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, синоќа рече дека треба да се почекаат комплетните резултати, потенцирајќи дека Донтовиот модел ја прави трката сѐ уште доста неизвесна. Поради тесните резултати и аналитичарите синоќа не беа во можност да ја проектираат распределбата на мандати по изборни единици. Од денеска на оваа тема ќе се кршат копјата, а во контекст на составувањето мнозинство за нова влада, трка, во која според Јанушев од денеска влегува и ВМРО-ДПМНЕ. Во партиските штабови внимателно се анализираат изборните резултати кои вчера со тешкотии стигнуваа до јавноста, поради тоа што беше хакиран сајтот на ДИК.

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickovski
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски не даде изјава по соопштувањето на изборните резултатиФотографија: Getty Images/R. Atanasovski

Старо-нова коалиција?

Јасно е кој е победникот, вели поранешниот премиер Владо Бучковски.

„Бевме сведоци на мртва трка, во која, во фото-финишот победи СДСМ и Коалицијата ‘Можеме'. Ценам дека Заев како иден мандатар ќе направи повторно коалиција со ДУИ и ДПА. Не очекувам уцени од ДУИ, Насер Зибери да биде идниот премиер. Објективно, Заев и Ахмети во кампањата се оддалечија еден од друг, но изборниот резултат повторно ќе ги зближи! Дамка на вчерашните фер и демократски избори фрли Мицкоски, со тоа што за првпат во нашата 30-годишна историја на повеќепартиски избори, не даде изјава како лидер на опозицијата по објавувањето на првичните резултати од ДИК, и не го призна поразот. Ова ме наведува на заклучок дека денес ќе има изјава во која ќе ги спори изборните резултати и ќе бара прегласување на повеќе десетици избирачки места!“, вели Бучковски.

Повеќе:

Заев: Можеме, успеавме, потврден е патот напред!

Трилер избори во десет точки

Кој ќе се олади во врелиот 15 јули

Тој смета дека овие избори под маски, во време на пандемија, поради начинот на кој беа спроведени, ќе придонесат за зголемување на кредибилитетот на нашата држава во пресрет на отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ.

Изборната победа вчера најгласно се прослави меѓу поддржувачите на ДУИ кои славеа со зурли, тапани и ора во Тетово, Сарај, Чаир...

Од Коалицијата „Сега е време“ предводена од Алијанса за Албанците и Алтернатива, каде очекуваа убедлива победа, најавија приговори за гласањето во Сарај, каде според нив, се полнеле кутии.