Бучковски: Немаме поголем сојузник од Бугарија
1 мај 2020Бугарскиот премиер Бојко Борисов упати сериозен удар врз противниците за приближувањето меѓу Бугарија и Македонија. Ова го изјавил поранешниот македонски премиер Владо Бучковски во интервју на ТВ „Европа“, пренесе бугарската новинска агенција БГНЕС.
Интервјуто на бугарскиот премиер за „Сител“ дадено пред неколку дена, Бучковски го оценил како подадена рака. Пораките во него „нанесуваат силен удар, особено во Македонија, врз кампањата на противниците за зближување меѓу двете земји“, смета поранешниот македонски премиер.
Клучна е работата на Комисијата
„Со задоволство го слушнав интервјуто на вашиот премиер Борисов на ТВ Сител. Го прочитав со внимание и интервјуто за порталот мкд.мк што го даде европратеникот Андреј Ковачев. Мислам дека со нивните ставови потврдија нешто многу важно, дека во овој момент клучна е работата на експертската историска комисија, која треба да одговори на прашањата за тоа кои се тие личности и настани што потврдуваат дека имаме заедничка историја. Денес е неспорно дека ние Македонците зборуваме македонски јазик кој изгледа слично на бугарскиот, но дефинитивно македонскиот јазик е еден од белезите на нашиот идентитет. Мислам дека секој што ќе се обиде да го загрози нашиот јазик и нашиот македонски идентитет, вклучително и во Бугарија, е противник на зближувањето меѓу нашите два братски народи“, изјавил Бучковски.
Повеќе:
Македонско-бугарскиот спор не може да има „победник“
Гоце Делчев ќе говори низ факсимили во македонско-бугарски зборник
На прашањето дали во Скопје би ја прифатиле тезата дека некогаш сме биле еден народ, Бучковски одговори: „Според мое мислење, ако се тргне од Договорот за пријателство и добрососедство, ние формално прифаќаме дека имаме заедничка историја. Ова е неоспорен факт. Но, тврдењето дека ние сме всушност еден народ во две држави, во овој момент, во Република Македонија, доколку се прифати оваа теза, би се направило повеќе штета отколку добро. Јас сум приврзаник на оние кои не се мнозинство. Тврдиме дека во моментот немаме поголем сојузник од Република Бугарија“.
Бучковски во разговорот наведува дека историски, Србија и Грција отсекогаш се плашеле од зближување меѓу Софија и Скопје. Тој предупредил дека треба да се биде многу внимателен, затоа што во последните неколку месеци се отвори место за сите оние кои се исплашија од создавање на сојуз меѓу Македонија и Бугарија.
„Иако многу зборуваат за 30-годишната независност на Македонија, забораваат дека силната пропаганда ги оддалечи природните сојузници како што се Македонците и Бугарите“, коментирал Бучковски за ТВ „Европа“.
Свртени кон иднината
На истиот ТВ-канал во емисијата „Слободна зона“ минатонеделното интервју со професорот и прв македонски министер за надворешни работи, Денко Малески, предизвика бројни реакции во домашната јавност.
Здружението за надворешна и меѓународна политика „Совет на амбасадори“ вчера преку соопштение изрази големо изненадување и крајна загриженост за почетокот на жестоката дебата поттикната од неколку ставови и изјави за македонско-бугарските односи, со еднострани толкувања за македонскиот народ на првиот македонски министер за надворешни работи, професорот Денко Малески. Од Советот потсетуваат на нивното соопштение, објавено на 24-ти декември 2019 година, по повод ставовите на бугарското собрание објавени во форма на резолуција, а кои се однесуваат на македонскиот народ и македонскиот јазик. Тогаш Советот зазеде став дека условот Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ не би требало да биде таа да ја прифати интерпретацијата на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и македонскиот јазик како единствена историска вистина, туку да се заснова на заедничката вистина утврдена од комисиите засновани со цел да се унифицираат разликите во толкувањето на заедничкото историското минато, врз основа на научни аргументи.
„Советот на амбасадори и во оваа прилика смета дека единствениот пат на зајакнување на меѓусоседските односи меѓу двете земји и пријателството меѓу двата народа е почитувањето и имплементирањето во двете земји на Договорот за добрососедски односи и соработка, склучен меѓу премиерите Бојко Борисов и Зоран Заев. Минатото нѐ научи дека треба да бидеме свртени кон иднината, без условувања, туку напротив со отворена поддршка како што е заедничката заложба во Договорот и чесните изјави дека треба да ги отпочнеме преговорите и побргу да ги исполниме условите за полноправно членство во ЕУ. Таквиот чин ќе биде во прилог на зајакнувањето на пријателството и соработката меѓу двете земји и двaта народа како и на конечна стабилизација на севкупните односи во регионот и пошироко“, оценува Советот на амбасадори.