Буџет: Ќе живееме или само ќе преживееме во 2018?
11 ноември 2017Помина 11 декември, бурната пролет и 27 април, 1 јуни како и 15 октомври чиј исход никој не го претпоставуваше. Сите велат дојде живот. Бурна година во која покрај големите политички настани оние од сферата на економијата останаа во втор план. Долго најавуваните реформи во даночниот систем, воведување на прогресивен персонален данок, зголемување на основицата кај платите на која се плаќа целосен износ на придонеси, долгорочно системско решение за недостигот на пари за исплата на пензии, беа дел од ветувањата на новата влада во предизборните кампањи. Сегашниот предлог буџет за 2018 ни носи зголемена акциза за дизел горива, намален буџетски дефицит, намалување на непродуктивните ставки за „стоки и услуги“
Како со животот во текот на 2018, поточно како нашата влада планира да ги троши јавните (нашите) пари во текот на идната година?
Во експертската јавност долго време се зборуваше за почнување на реформи кај персоналниот данок од доход, за што постои и неофицијална нацрт-верзија изработена во 2015 година. Оние кои ја виделе велат дека е многу подобро решение од сегашниот закон. Од првично понудената буџетска рамка, која треба како финален и многу подетален предлог да биде предадена од владата до законодавната власт на 15 ноември, прво што паѓа во очи е одложување на реформите кај персоналниот данок. Наспроти тоа како големо изненадување за пошироката јавност, но не и за оние на кои им се блиски евро-интеграциските процеси, министерството за финансии предвидело покачување на акцизата на дизелот за 3 денари, на кое кога ќе се додаде и ДДВ излегува дека 5/6 од продадените горива во 2018 година ќе бидат поскапи за 3,54 денари по литар, линеарно. Уште поинтересно е што оваа промена на актуелната законска легислатива крева најголема прашина како во стручната и академската јавност така и во бизнис заедницата, но и кај граѓаните. Ако поголемиот дел од граѓаните сакаат да ја видат Македонија во ЕУ, добро е уште од сега да ги имаат во предвид дел од препораките на Унијата. Кај акцизата како дополнителна давачка на горивата, ЕУ препорачува пресметување на дополнителни 33 центи, или околу 20 денари за литар дизел гориво, додека нашата акциза моментално е 12 денари. Нашите сограѓани мора да сфатат дека пристапувањето во ЕУ не носи само бенефиции.
Контролата на буџетскиот дефицит (разлика помеѓу буџетските расходи и буџетските приходи, изразена како процент од БДП за тековната година) е една од клучните алатки со кои најмногу ќе се придонесе кон намалување на јавниот долг на среден и долг рок. Вкупните приходи за 2018 година се проектирани на 193,5 милијарди денари или зголемување за 4,7% во споредба со 2017, вкупните расходи на 211,7 милијарди денари или раст од 4,1% споредено со претходната година. Очигледно е дека се остваруваат предизборните заложби на оваа гарнитура на власт дека ќе ги зауздаат трошењата, и ете предвидуваат дефицит од само 2,7% од БДП.
Дефицитот, секако, ќе се покрие со задолжување. За поздравување е фактот што новата влада реши еден значителен дел од јавниот долг кој треба да се врати кон странските кредитори да го замени со задолжување кон домашни кредитори по многу пониски каматни стапки. Најголем дел од тие пари се гаранциите кои нашите домашни банки долго време ги чуваа пасивизирани во НБРМ, па сега банките се задоволни што наместо парите само да им седат во трезорот ќе можат да ги оплодат со камата во интервалот од 1,45% до 1,55%.
Системот за исплата на пензии не се чепка, но некогаш ќе мора
Гледано од аспект на било која развиена земја, па и од аспект на здрав разум, расходната страна за исплата на пензиите во износ од 54 милијарди денари (25,5% од целиот буџет) во 2018 година е огромна, и секако неодржлива на било каков рок. Нормално, не очекуваме владата да посегне кон кратење на оваа ставка бидејќи знаат дека ќе се соочат со огромно незадоволство кај голем дел од популацијата. Најпрво кај 15% од населението кои се пензионери, но и дополнително на уште толкав процент од населението по слободна проценка, (синови, ќерки, внуци и сл.) кои не можат да преживеат без финансиската поддршка од пензионерите. Фондот за ПИОМ собира нешто помалку од 60% од предвидените буџетски пари за пензии, останатото го плаќаме сите ние, граѓаните. Од овде може да се заклучи дека и нашиот пензиски систем, граден брз база на т.н. Бизмарков модел, се повеќе метастазира и зафаќа дел од здравото „буџетско ткиво“ кое бавно расне во делот кој треба да овозможи поддршка на развојни политики.
Се зголемува ставката кај активните мерки за вработување за околу 100 милиони денари, или вкупно во 2018 се предвидени 988 милиони денари за оваа намена, што во превод би значело дека со овие мерки владата би креирала околу 3293 нови функционални работни места имајќи ги предвид трошоците за креирање дополнително работно место во индустријата во Македонија и методологијата по која тие се утврдуваат. За да бидам појасен, воопшто не мислам дека едно ново функционално работно место се отвора само со 5 илјади евра, апсолутно не, тоа е просечната сума субвенција по вработен која фирмите би ја добиле дополнета со низа мерки кои ќе овозможат подинамична мобилизација на работна сила. Како дополнување на претходново се надоврзуваат и предвидените трансфери од околу 2 милијарди денари од кои 1,1 за домашни и 970 милиони денари за странските инвеститори за субвенционирање на дел од нивните инвестиции во Македонија.
На локално ниво повеќе пари само за образованието
Можеби најнеочекувано е покачувањето на ставката за трансфери кон ЕЛС (општините) за само 5,2% на вкупен износ од 17,9 милијарди денари. Премиерот како да заборавил на своите ветувања дека лично максимално ќе се заложи за поголема поддршка на локалните самоуправи. Со ова зголемување од 5,2% практично се зголемува само делот за новите вработувања во детските градинки, и планираното покачување на платите во основното и средното образование кои треба да се случат од септември 2018 година. Решавање на други поголеми комунални проблеми преку давање на поголема финансиска независност на општините, со ваков буџет многу тешко може да се оствари.
Кај капиталните инвестиции кај кои министерството за финансии предвидело сума од 24,7 милијарди денари, или 5,7% повеќе од сумата за 2017, мора најпрво да се даде детален преглед за што ќе се трошат овие пари, особено во делот на патната инфраструктура. Факт е дека за изградба на патишта државава троши најмногу, а сепак е најзаостаната во споредба со земјите од регионот. Во предлог буџетската рамка стои сума од 3,5 милијарди денари за изградба на патна и железничка инфраструктура, со овие пари (околу 57 милиони евра) предвидени се следните инфраструктурни зафати: финиширање на автопатот Д. Капија - Смоквица, железничко поврзување на Битола - Кременица, изградба на железничата инфраструктура на коридорите 8 и 10, изградба на патот Градско - Дреново. Предвидените пари изгледаат премногу мали во споредба со она што се сака да се направи. Од друга страна сите овие зафати треба да бидат кофинансирани од ИПА2 програмата на ЕУ, за која не се знае дали Република Македонија има веќе склучени договори за кофинансирање, за секоја делница одделно.
Измените кај персоналниот данок треба да бидат само почеток на даночните реформи
Генерално гледано, констатацијата на владата дека конципирала реален буџет со намера за фискално консолидирање, односно проектирање на трошоците во рамките на реално остварливите приходи од даноци, е точна. Одлагањето на реформите кај персоналниот данок од доход само ќе го продлабочат проблемот со нееднаквиот даночен третман на побогатите во споредба со посиромашните слоеви од населението. Реформата на законот за персонален данок од доход не е единственото магично стапче со кое ќе се воведе процес на правично оданочување, но секако дека е најдобро избраната алатка со која треба да се тргне кон остварување на крајната цел. Но да не се застанува тука со даночната реформа, постои итна потреба од ревидирање на сите даночни ослободувања кај данокот на додадена вредност. Најбанален пример се вртоглаво скапите здравствени услуги кај неколку големи приватни болници кои замислете се изземени од плаќање ДДВ. Пензискиот систем мора радикално да се трансформира пред да ја колабира целата економија. Активните мерки за вработување и трансферите кон општините со цел остварување на рамномерен локален развој можеби треба да почне да се поддржуваат со многу поголеми средства, бидејќи за 2018 очигледно ги нема, тие мора да бидат значително зголемени во 2019 година. Капиталните инвестиции да бидат првата буџетска ставка која се планира, се уште се добива впечаток дека е една од последните и дека ќе биде прва за кратење при евентуален ребаланс доколку има потреба за намалување на целиот буџет. Тука мора да се потенцира и потребата од воведување на контролни механизми за соодветна динамика при реализација на капиталните инвестиции, за да не се повторува праксата од годините наназад кога имало слаба реализација, или најсвежиот пример каде за 9 месеци од 2017 година (75% од периодот) се реализирани само 43% од капиталните инвестиции.
Александар Талимџиоски е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.