1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вазалството на ДУИ кон ВМРО ДПМНЕ ги разочарува гласачите

Костадин Делимитов29 декември 2015

Резултатите од последните анкети за (не)расположението на албанскиот електорат не ги изненадува аналитичарите. Довербата во власта е сериозно разнишана предупредуваат дел од нив.

https://p.dw.com/p/1HUsz
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Депримираност и апатија кај албанскиот дел од гласачката популација покажуваат последните мерења на јавното мислење. Анкетата на Институтот за Истражување на политики и добро владеење, во која дури 60% од испитаниците се изјасниле дека нема да излезат на гласање на претстојните предвремени парламентарни избори, според познавачите е сериозен аларм за разочараноста која владее кај албанската популација во Македонија. Растечкиот тренд на незадоволството според експертите не е изненадување, туку напротив, континуитет на генералната состојба на незадоволство на албанските гласачи која кулминира во последниов период:

„Ова се реални бројки, ние имаме опаѓање кај Албанците во излезноста уште од 1990 година. Тоа е тренд кој трае и е рефлексија на разочараноста и на недовербата во капацитетот на албанските партии да ги спроведат ветувањата. Во моментов тоа е можеби дополнително поизразено пред сѐ поради разочараноста од инертноста на двете парламентарни политички партии на Албанците - ДУИ и ДПА, околу нивното учество во пржинскиот процес, односно нивната релативна инертност во целиот овој процес“, коментира политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Колку е сериозен сигналот за незадоволство според упатените доволно покажува фактот дека ДУИ како владејачка партија со само 14,6% сѐ уште ужива речиси двојно поголем процент на поддршка од своите конкуренти. Ваквата состојба за дел од експертите е сериозно предупредување за разнишаното тло на владејачката коалиција:

„Податоците за оние кои што не одлучиле да гласаат, односно нема да гласаат е еден фрапантен процент кој покажува дека гласачите Албанци се длабоко разочарани од актуелната власт, посебно од последното владеење на ДУИ. Тука имаме дијаметрален пресврт, од една голема доверба кон политички субјект кон тотална недоверба. Јас мислам дека таа бројка, тој процент е уште поголем ако се земат предвид клиентелизмот, условувањето, но и стравот кој постои кај граѓаните. Ваквата апатија е резултат и на помалите опозициски партии кои немаат сила ниту енергија да ги анимираат гласачите или граѓаните во однос на некоја поздрава опција. Но, генерално сметам дека незадоволството кулминира поради економска, социјална депримираност, Рамковниот договор, невработеноста, но клучно како последица на вазалистичката политика, фактот дека ДУИ е вазал на ВМРО ДПМНЕ и тоа ги иритира дополнително гласачите“, коментира за Дојче веле политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.

Mazedonien Regierungskrise Ali Ahmeti und Menduh Thaci
Има разочараност од интертноста на ДУИ и ДПА, велат аналитичарите (на фотографијата - лидерите на ДУИ и ДПА, Али Амети и Мендух Тачи)Фотографија: MIA

Македонските партии ќе профитираат од незадоволното албанско гласачко тело?

Интересен е фактот дека 2,7% од испитаниците се изјасниле дека на изборите во април би гласале за СДСМ. За ВМРО ДПМНЕ пак - 0,7%. Дали ова е сигнал дека можеби македонските политички партии можат да „ќарат“ од незадоволството кај албанското гласачко тело? Според Муслиу можно, но малку веројатно:

„Гледаме дека декларативно има поголема подготвеност кај албанските гласачи да глассаат за СДСМ и тоа не е изненадување, тоа го покажуваат и претходните анкети. Ова со ВМРО ДПМНЕ ме изненадува и можеби е резултат на анкета од оние региони, каде премиерот покажа поголема активност после поплавите. Но сепак, СДСМ е левичарска партија и не е за чудење таа разлика. Но, не верувам дека сме стигнати до тој степен на развој, поголем дел од Албанците да гласаат за некоја од македонските партии. Но, не велам дека тоа не е можно, посебно во урбаните средини, или во средини кои се поекстремно разочарани од активностите на албанските политички партии. Што се однесува пак до албанскиот блок, не е неочекувано дека ДУИ има водство и тоа е главно рефлексија на неорганизираноста на опозицијата во албанскиот политички блок, но тоа не значи дека ситуацијата ќе остане ваква до изборите. Имаме две партии кои го поминале изборниот процес - на Руфи Османи и на Зијадин Села. Тие веќе се во алијанса. Ако успеат да се консолидираат сите вонпарламентарни партии или евентуално да им се приклучи парламентарната ДПА, тогаш комоцијата на ДУИ ќе биде многу мала, иако јас не верувам дека по овие избори ќе имаме некоја влада со полн мандат. Евентуалното здружување ќе биде незгодно за ДУИ, но ако не се промени ништо значајно, мислам дека тие пак пак ќе бидат победници.“

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/Stojanovski

Фактот што СДСМ ужива поголеми симпатии кај албанското гласачко тело не го изненадува ниту Биљали. Конечниот расплет, посебно во албанскиот политички кампус според него ќе зависи од волјата, односно организираноста, пред сѐ на вонпарламентарните структури:

„Јас претпоставувам дека помал дел може да гласаат и за СДСМ, сѐ зависи како ќе се организираат помалите албански политички партии. Ако се направи одреден блок, тогаш тој процент би бил помал од претпоставеното, односно она што е евидентирано, а ако не се појавува некаков блок, тогаш тој процент ќе биде поголем. Гледам дека нема расположение за обединување, со оглед на пораките и со негативен контекст, што не е препорачливо за опозициски блок, бидејќи нивни реални противници се ДУИ и ДПА. Ако се обединат, а за тоа има напори, многу веројатно е победата да биде нивна“, смета Биљали

Во анкетата која Институтот за Истражување на политики и добро владеење ја спровел телефонски со 1000 испитаници ДУИ ужива поддршка од 14,6%. Втора е Беса со 7,8% пред ДПА, за која се изјасниле 5,6% од испитаниците. Дел од упатените коментираат дека доколку ваквите состојби се задржат и до изборниот процес неминовно ќе се случи и намалување на бројот на албанските пратеници во Собранието на Република Македонија.