1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинацијата на децата не e задолжителна

ДТЗ
8 јули 2021

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ќе ги вакцинира своите деца, оти тоа е единствен начин за да се стигне до колективен имунитет. 

https://p.dw.com/p/3wDTH
Deutschland | Coronavirus | Impfstoff Schott
Фотографија: Schott

Вакцинацијата против Ковид-19 нема да биде задолжителна во Северна Македонија, но е неопходна за да се постигне колективен имунитет. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека тој ќе ги вакцинира своите деца. „Единствен начин да стигнеме до колективен имунитет е и децата да се вакцинираат“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, има земји каде вакцинацијата на децата е задолжителна и нема да ги приматдецата во училишта ако не се вакцинирани. „Кај нас нема да биде задолжителна вакцината. Но, јас да, ќе ги вакцинирам моите деца“, вели Филипче.

Теренска вакцинација

Од понеделник започнува теренската вакцинација со која ќе се дозволи вакцинирање и на деца од 12 до 16 години со вакцината на Фајзер. Оваа вакцина во моментов е единствена која е дозволена да се користи согласно препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца за оваа возраст.

-повеќе на темата: Колективен имунитет кај 85 отсто од населението ќе не спаси од Делта мутацијата

Родителите со своите деца може по своја волја да се појават директно на пунктовите за вакцинација, а во здравствените домови ќе бидат достапни и педијатри за советување.

Надлежните апелираат граѓаните да ја искористат можноста да се вакцинираат. Според нив, појавата на Делта сојот на коронавирусот покажува колку е важна вакцинацијата, со оглед на тоа дека таа штити од тешка форма на болест и од смрт.

Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Филипче вели дека ќе ги вакцинира своите децаФотографија: DW/P. Stojanovski

Епидемиолозите неодамна укажаа дека само голем опфат на населението со вакцинација може да ја смени сликата со епидемијата на Ковид-19 и новите мутации коишто се реална закана. Најновите прогнози на здравствените лица се дека е потребно да се постигне праг на колективен имунитет од 80 до 85 отсто кај населението за да се спречи ширењето на вирусот. Но, овој праг ќе може да се постигне само ако со вакцинацијата бидат опфатени и адолесцентите. 

Нема нови мерки

Филипче оценува дека во овој момент ситуацијата е мирна, нема многу прегледи и смета дека нема потреба од нови мерки. Засега нема одлука за нови рестрикции на границите, откако неколку лица се детектирани со Делта сојот во земјата. 

„За конкретни препораки ќе разговараме неделава. Ќе се зборува дали нешто треба да се препорача за критериумите за влез на граница, иако гледаме дека многу земји во регионот иако имаат некакви рестриктивни мерки. Грција, на пример, има пораст на нови случаи. Треба да се препорачаат мерки кои што навистина ќе бидат ефикасни. Во овој момент ситуацијата е мирна нема многу прегледи и сметам дека нема потреба од нови мерки“, вели Филипче.

 

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!