Краток „вакцински самит“ кај Нетанјаху
5 март 2021Зошто данската премиерка Мете Фредериксен, австрискиот канцелар Себастијан Курц и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не остварија само видео средба - како што е вообичаено овие денови - е едно од помалите прашања покренати со трипартитната средба вчера во Ерусалим. Многу поголемите прашања се за целта на средбата.
Тројцата шефови на влади официјално објавија дека „ќе формираат заеднички фонд за истражување и развој и ќе ја испитаат можноста за заеднички капацитети за производство на вакцини“. Како што изјави Нетанјаху на заедничката прес-конференција вчера попладне во Ерусалим, ова е неопходно бидејќи никој не може да процени колку ќе трае актуелната пандемија и кога следната - настаната од мутации на Ковид-19 или од други вируси - ќе го погоди светот.
Досега, во ниту една од трите земји не е развиена вакцина против Ковид-19. Поради оваа причина, меѓу другото, многу набљудувачи во постапката на тројцата премиери повеќе гледаат политички мотиви, отколку иницијатива за заштита на здравјето на населението во нивните земји во иднина.
Избори во Израел за неполни три недели
Премиерот Нетанјаху е под притисок во Израел. Земјата избира нов парламент за неполни три недели и анкетите покажуваат дека неговата партија Ликуд нема да обезбеди мнозинство во парламентот. Една од причините за ова е корупцискиот процес против него, но тој исто така беше цел на критики и во корона-кризата.
Токму затоа за него е дотолку попогодно кога двајца странски шефови на влади доаѓаат лично да го пофалат за неговиот кризен менаџмент: Светот е инспириран од „светскиот шампион во вакцинацијата“ Израел, рече премиерката на Данска, Мете Фредериксен во Ерусалим.
Имено, повеќе од една третина од Израелците веќе се вакцинирани двапати, а повеќе од половина примиле барем една доза од вакцината - што е најголем процент во светот.
Повеќе:
-Паметната стратегија на вакцинирање на Израел
-Ковид-19: Вести кои будат надеж
-Студија: Вакцината на Бионтек/Фајзер „екстремно ефикасна“
Но, дали Курц и Фредериксен навистина допатуваа во Ерусалим за да добијат совети за сопствената кампања за вакцинација? Данскиот политиколог Марлин Винд не верува дека ова била главната причина за посетата: „Овде гледам добра доза на популизам и колку што го читам ова во данските весници, не сум единствена во тоа“.
Додека од кабинетот на австрискиот канцелар се вели дека Курц веќе не сака да се потпира на ЕУ кога станува збор за вакцинацијата, Фредериксен потенцираше: „Не гледам на ова како на кршење на европската соработка“.
Сепак, Винд верува дека и Фредериксен е заинтересирана да ги искористи критиките кон ЕУ и нејзината агенција за лекови ЕМА на јавно ефективен начин. Обвинувањата гласат: Процесот на одобрување на вакцините на Бионтек/Фајзер, Модерна и АстраЗенека траеше предолго и нарачаните количества на вакцини беа премали.
„Мете Фредериксен сака да е во центарот на вниманието“
Себастијан Курц дефинитивно има мотиви на друго место да ја бара вината за тековната корона-криза. Критичарите го обвинуваат дека нема идеја и концепт. Покрај тоа, негови сопартијци се под сомневање за корупција. Затоа, се чини опортунистички, тој да го исполира неговиот, според коментаторите избледен, имиџ на успешен и снаодлив политичар и да создава алијанси.
Но, што ја придвижува Мете Фредериксен? Таа се прослави како успешна и снаодлива менаџерка во корона-кризата и со тоа собра големи симпатии кај населението, вели професорката од Копенхаген, Винд.
„Медиумите и опозицијата остро ја критикуваат, но, кај населението, таа е една од најпопуларните премиери во изминатите неколку децении.“ Значи, таа не е под притисок, вели Винд, но „сака да биде во центарот на вниманието - пандемијата им го покажа тоа на сите Данци“.
ЕУ реагира демонстративно опуштено во врска со данско-австриската иницијатива за соработка со Израел: тие би биле заинтересирани да учат од трите земји, рекоа во Брисел. Но, Марлин Винд не може да види подлабоко значење во оваа иницијатива. Дури и ако трите земји развијат и произведат вакцина, тоа ќе мора да биде одобрена од ЕМА.
Курц бара сертификат за вакцинација
Еднострани акции може дури да ја отежнат борбата против ширењето на Ковид-19, вели Винд: „Давањето на вакцини што не се одобрени во ЕУ, како што тоа го прави Унгарија, ја загрозува стратегијата на ЕУ за дигитални сертификати за вакцинација“.
Унгарија одобри вакцини од Кина и од Русија. И Словачка нарача два милиони дози на руската вакцина Спутник V, а Полска планира да добие вакцина од Кина. Ниту една од овие вакцини не е одобрена во ЕУ.
Самиот Себастијан Курц неодамна побара сертификат за вакцинација за ЕУ. „Секако дека можете да ги критикувате ЕУ и ЕМА, но тука не изгледа како Мете Фредериксен и Себастијан Курц да помагаат за подобрување на системот“, нагласува Винд, која неодамна објави книга за „племенизацијата на Европа“.