500 илјади вакцини Синовак се очекуваат неделава
14 јуни 2021Ново количество од вакцините „Фајзер“ треба да пристигне во текот на денот, а 500 илјади вакцини на кинески „Синовак“се очекува да пристигнат во С. Македонија до крајот на неделава.
Министерот за здравство Венко Филипче најави дека со половина милион вакцини од „Синовак“ ќе бидат вакцинирани пријавени лица на vakcinacija.mk. Досега 448.502 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб-платформата.
Досега вкупно се аплицирани 442.928 дози вакцини, а ревакцинирани се 187.120 граѓани. Со последните бројки, 48% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42% од населението над 65 години и 35% од населението над 60 години.
-повеќе на темата: Македонските граѓани на ревакцинација во Ниш или Врање?
Во меѓувреме, голем број македонски граѓани сѐ уште патуваат во соседна Србија, каде се отворени неколку пунктови за вакцинација, на кои можат да изберат со која вакцина ќе се имунизираат. Дел од граѓаните над 60 години, коишто ја примија првата доза на АстраЗенека во Србија, почнаа да добиваат пораки за закажани термини за ревакцинација во С. Македонија.
Вчера, за првпат по 2 септември 2020, не беше забележан ниту еден починат од Ковид-19. „Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а еднствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме“, порача министерот за здравство Венко Филипче.