1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцинирани, а заразени – ефикасни ли се вакцините?

Астрид Пранге
6 ноември 2021

Бројот на луѓе кои се вакцинирани, а заразени со коронавирусот во Германија постојано расте. Дали таканаречениот пробив на вакциналната заштита е доказ дека вакцините се неефикасни?

https://p.dw.com/p/42SpM
Сѐ повеќе пациенти на одделенијата за интензивна нега во Германија
Сѐ повеќе пациенти на одделенијата за интензивна нега во ГерманијаФотографија: Waltraud Grubitzsch/dpa/picture alliance

„Пробиена заштитата од вакцина во старечки дом: 15 заразени, двајца починати“ – вакви наслови влеваат страв и вознемирување кај многу луѓе. Дали корона-вакцините сепак не се толку ефикасни како што првично мислевме?

 За пробиена заштита од вакцина се смета ако луѓето и покрај тоа што имаат добиено двојна доза сепак заболуваат и развиваат симптоми на Ковид-19. Според Роберт Кох Институтот, РКИ, кој е централната институција во Германија што ја следи состојбата со пандемијата, во Германија од 1 февруари годинава се регистрирани вкупно 117.763 најверојатни пробивања на вакциналната заштита (состојба до 28.10.21). Во оваа статистика не се регистрирани случаи на вакцинирани, а инфицирани, кои не појавиле симптоми.

Дали пробиената вакцинална заштита значи дека вакцините се неефикасни?

Не. Тврдењето дека пробиената вакцинална заштита е доказ оти вакцините се неефикасни или неефективни, која најчесто се шири на социјалните мрежи, е погрешна. Од друга страна точно е дека ниту една од вакцините до сега не нуди 100% заштита од зараза. Според студија на американските здравствени власти, ЦДЦ, заштитата од повторна зараза на вакцинирани варира меѓу 85% и 95%. Во Германија, според РКИ во просек ефективната заштита од вакцината кај лица на 18 до 59 годишна возраст во изминативе девет месеци е 83%. Кај оние над 60 години старост, просечната заштита од можна зараза е 81%. Сепак изминативе недели заштитата е опадната и тоа кај старосната група од 18-59 на 75%, додека кај оние над 60 години околу 73%.

Факторот време исто така влијае на тоа колку е ефикасна заштитата од вакцината. „Сè уште немаме лица кои се вакцинирани барем една година, па не можеме да кажеме колку долго држи заштитата од вакцинација,“ објаснува за ДВ Кристине Фалк, претседател на Германското здружение за имунологија, ДГфИ. Во меѓувреме е јасно дека количеството антитела опаѓа по шест до девет месеци од вакцинирањето.

„Тоа не би ме вознемирувало да ја немаше делта варијантата на корона вирусот која е значително позаразна од претходните соеви на вирусот,“ вели Фалк.

„Ако имунолошката одбрана со изградени антитела против спајк протеинот, така да речам, повеќе не стои како збиена одбрана, тогаш вирусот може да ја пробие одбраната и да навлезе во една клетка и од таму да ја развие инфекцијата во телото. Тогаш настапува пробив на вакциналната заштита,“ појаснува Фалк, која е инаку имунолог и предава на Институтот за трансплантациона имунологија на медицинскиот факултет во Хановер.

Сепак и ако заштитата од инфекција со тек на време се намалува, заштитата од развој на тешка форма на болеста и хоспитализација и понатаму е висока. Според студијата на американските здравствени власти, ЦДЦ – вакцинираните „осум пати помалку се под закана да се заразат и 25 е помала опасноста да завршат во болница, или да починат како последица на болеста.“

Најновиот неделен извештај на РКИ во Германија го потврдува ова. Од оние над сто илјади вакцинирани, а заразени од 1 февруари до сега, само 0,55% морале да бидат третирани на интензивна нега. Заштитата од хоспитализација е 94% кај оние на возраст меѓу 18 – 59, односно 92% кај оние над 60 години.

Се зголемува ли бројот на вакцинирани, а заразени?

Да. Според РКИ институтот, кај лицата на возраст меѓу 18 и 59 години од 27 септември до 24 октомври се регистрирани 40.467 вакви случаи, што е за 10.9% зголемување на вакцинирани, а заразени со симптоми на Ковид-19, кај оваа старосна група од почетокот на вакцинацијата во Германија.

#dw_BalkanBooster: Да се вакцинирам или не, прашање е сега!

Ако се погледнат само последниве четири недели овој процент е уште поголем – 37,5% е уделот на вакцинирани, а заразени во оваа возрасна група. Од нив на интензивна нега завршиле 3,2% од почетокот на годинава, но дури 12% во просек во последниве четири недели до 24 октомври.

Зголемување на ваквите случаи има и кај оние над 60 години. Од почетокот на вакцинацијата, уделот на пробиена вакцинална заштита со симптоми на Ковид-19 кај оваа група е 16,1%, но ако се земат само изминативе четири недели тој процент е многу поголем и изнесува 58,9%. Исто така и бројот на лица постари од 60 години кои завршиле со хоспитализација се зголеми на 33,4%. Според РКИ, ваквиот тренд на зголемена пробивност на вакциналната заштита е „очекувана бидејќи во моментов сè повеќе лица се вакцинираат, но и вирусот повторно се шири со зголемена брзина, па оттука има поголема веројатност и целосно вакцинираните да дојдат во контакт со него,“ се вели во нивниот неделен извештај.

Дали невакцинираните се одговорни за пробивот на вакциналната заштита?

Не. Но, нивното однесување има страшно влијание врз текот на пандемијата и оптоварувањето на многу здравствени системи низ светот.

„Според неделниот извештај на РКИ, зголемувањето на хоспитализациите е речиси исклучиво кај невакцинирани лица над 60 години кои заболеле од Ковид-19,“ вели имунологот Фалк и додава дека „многу малку има хоспитализирани кај групата над 60 години кои се вакцинирани, а заразени.“

Луѓето во старечките домови се и натаму најзагрозени од Ковид-19 иако повеќето се целосно вакцинирани
Луѓето во старечките домови се и натаму најзагрозени од Ковид-19 иако повеќето се целосно вакцинираниФотографија: picture-alliance/dpa/SvenSimon

Доколку есенва повторно порасне бројот на заразени, главно ќе настрадаат невакцинираните. Фалк предупредува дека и вакцинираните може полесно да се заразат „бидејќи многу поголема количина на вирусот ќе циркулира меѓу населението.“

Колку дејството на вакцината се намалува по извесно време?

Заштитата што ја пружа вакцината не се променува на ист начин кај секој човек, туку зависи од многу фактори како возраста, претходните заболувања, интервалите меѓу вакцините и кој тип вакцина е примена. Особено кај возрасни и кај многу стари лица, како и пациенти кои боледуваат од рак или имале трансплантација на органи заштитата се намалува побрзо отколку кај други групи.

Затоа Постојаната комисија за имунизација, Стико, на 7-ми октомври препорача да се освежи заштитата кај над 70-годишните со уште една доза. Истото важи и за персоналот во домови за стари лица и болници.

Во Германија според Институтот Роберт Кох веќе 1,8 милиони лица примиле и трета доза. Тоа се 3,26% од 55те милиони целосно имунизирани лица во земјата.