1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Вардар заслужено на врвот на Европа

Златко Калински
5 јуни 2017

Скопје е обземено со ракометна треска, победнички емоции, еуфорија предизвикана од шампионскиот подвиг на ракометарите на Вардар. Македонија е меѓу малкуте земји која има победничко име во европската Лига на шампиони.

https://p.dw.com/p/2e7ov
Deutschland Knapper Sieg gegen Paris: Skopje holt Champions-League-Titel
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Од моментот кога во Келн „Вардарци“ го кренаа победничкиот пехар, почнаа да се слеваат колоните радосни лица кон Градскиот плоштад во Скопје. Долго ечеа автомобилските сирени, татнеа пукотниците во воздух, одекнуваше „Шампиони, шампиони“ и „Ој, Вардаре македонски“... До доцна во ноќта се споделуваше големата спортска радост. Слики кои потсетија на незаборавните моменти врзани за подвизите на ракометарките на Кометал Ѓорче Петров, на успесите на ракометните и кошаркарските селекции. Скопјани вечерта им ја посветија на своите спортски херои, на новите европски шампиони. Настапот на Вардар во Келн никого не го остави рамнодушен. Особено поради начинот на кој стигна до ѕвездите. Долго ќе се памети драмата во два чина, полуфиналето против Барселона со победа од 26:25, а потоа и финалето против ПСЖ со триумфални 24:23. Тоа беа две големи битки, многу неизвесни и ретко возбудливи со трилер завршници, кога со звукот на сирената наидуваше огромниот бран на спортска среќа.

Deutschland Knapper Sieg gegen Paris: Skopje holt Champions-League-Titel
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Успехот на Вардар не е изненадување

Завршниот турнир во Келн е круна на долгата и исклучително успешна сезона во Лигата на шампионите.Откако победнички ја заврши групната фаза, Вардар во четвртфиналето се соочи со германски Фленсбург и со две победи над екс европскиот првак се избори за првото свое учество на завршниот турнир.

„За мене оваа титула на Вардар не е изненадување. Видовме еден зрел Вардар, кој сакаше да се искачи на врвот на европскиот ракомет и во секој момент знаеше што сака. Одигра мајсторски против ПСЖ во финалето. Беше беспрекорен во одбраната на чело со Арпад Штербик, одличен во нападот под лидерството на Лука Циндриќ. Заслужи да ја понесе титулата европски шампион. Многу сум среќен поради овој успех на Вардар, клубот чиј дрес го носев речиси една деценија“, е првата реакција на Стевче Алушевски.

Deutschland Knapper Sieg gegen Paris: Skopje holt Champions-League-Titel
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Со сличен став е и Ристо Магдинчев, кој беше близок соработник со Сергеј Самсоненко на почетокот на проектот за европскиот формат на Вардар.

„Вардар на завршниот турнир играше без комплекс. Имам впечаток дека без премногу респект влезе во битките против големите ракометни имиња. Вардар беше фокусиран на својата игра. Играчите во мечевите влегуваа со верба дека се подобри од противникот. Играа како колектив, го имаа на голот феноменалниот Арпад Штербик. Беа одлично водени од тренерот Раул Гонзалес. Но, ќе повторам, вербата во сопствените можности и колективната игра ги крена на врвот на Европа“, вели Магдинчев.

Титулата е одраз на добрата клупска политика, смета Стевче Стефановски.

„Заслужен триумф, како последица на  вложувањата во изминатите неколку години и финансиите и во начинот на работењето во клубот. Сето тоа конечно се исплатеше. Квалитетот на Вардар внимателно одбиран и граден, на крајот победи. На спротивната страна, можеби имаше индивидуално посилни и побогати играчи, но срцето, колективот и одличната тактика на Раул Гонзалес пресудија на страната на Вардар. Посакувам тука да не се застане, македонскиот ракомет да не мора да чека толку долго на нов ваков успех.“

Deutschland Knapper Sieg gegen Paris: Skopje holt Champions-League-Titel
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender

Вардар - афирматор на македонскиот спорт

Титулата на Вардар е еден од најголемите успеси на македонскиот спорт.Македонија е шестата земја која има победник во Лигата на шампионите, покрај Шпанија, Германија, Франција, Словенија и Полска. Првото македонско учество на фајнал-фор турнирите го имаа одбојкарите на Вардар, точно пред 40 години, во 1977-та година. Учесник беше Владимир Богоевски, кој сега во својство на спортски директор на Македонскиот оллимписки комитет воодушевено коментира:

„Ова е момент кога цела спортска Европа зборува за Македонија. Многу ми е мило што Вардар од македонски израсна во европски ракометен бренд. Инспиративно е да се игра пред 20 илјади гледачи, сигурен сум дека и атмосферата ги понесе ракометарите на Вардар да дадат сѐ од себе и да го остварат овој успех. Им честитам и надевам дека Вардар и во другите спортови ќе тргне по патот на ракометарите."

Ракометарите на Вардар остават зад себе сезона за паметење со четири освоени победнички пехари: во првенството и во Купот на Македонија, во СЕХА лигата и во Лигата на шампионите.