1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ватикан- шпионажа и интриги

Јирген Ербахер/Зоран Јордановски14 јули 2012

Ватикан - центар на Католичката црква, место кое привлекува преку 10 милиони туристи и верници годишно. Најчесто останува тајна што се случува зад високите ѕидишта

https://p.dw.com/p/15Osg
Фотографија: Andrei Badau/Fotolia

Но, во бедемот има дупка: веќе со месеци постојано на виделина излегуваат доверливи документи.

Станува збор за приватни белешки на Папата и неговите најблиски соработници.

Верниците на аџилак во Рим се збунети од новиот скандал.

„Сметам дека е лошо што сево е изнесено во јавноста, оти мислам дека Папата има доверба во луѓето околу себе и таа доверба е многу злоупотребена“.

„Населението денес има потреба да биде информирано, тоа се гледа кај интернет-генерацијата. Илјадагодишната традиција за чување на информациите во тајна, веќе нема уште долго да функционира“.

Новинар го отвори скандалот

Скандалот го започна новинарот Џанлуиџи Нуци. Тој во јануари за прв пат објави интерни работи од Ватикан. Кон средината на мај веќе беше издадена цела книга со доверливи документи.

Papst Benedikt XVI.
Папата Бенедикт 16.Фотографија: ECKEHARD SCHULZ/AP/dapd

Џанлуиџи Нуци, новинар, автор на книгата:

„Посебноста, возбудливоста на книгата е во тоа, што во неа имаме досега необјавени документи на Папа, кој уште е на чело на Црквата. Досега никогаш не беа видени документи кои покажуваат како Црквата се обидува да се меша во италијанската политика“.

Нуци известува за тајна вечера на Бенедикт 16-ти со претседателот на Италија, кога станало збор за италијанската семејна политика. Тој пишува за кавги меѓу кардиналите, за корупција и лош менаџмент во Ватикан.

Божиќна честитка за Папата од познат телевизиски водител, со чек од 10 илјади евра. Пост скриптум: Кога би можеле да се сретнеме со Папата за да го поздравиме?

Документи има и за спорот околу новиот курс на Банката на Ватикан. Бенедикт 16-ти е против перење пари и сомнителни финансиски акции.

Кој е информантот?

Еторе Готи Тедески беше поставен за шеф на Надзорниот одбор на банката за да ја спроведува политиката на Папата. Сега му се префрлува дека ја бојкотирал.

Неколку дена по објавувањето на книгата беше уапсен Паоло Габриеле. Наводно, батлерот на Папата бил информантот. Овде го гледаме за време на генералната аудиенција, непосредно пред апсењето.

Vatikan Kardinal Tarcisio Bertone
Кардиналот Тарчизио БертонеФотографија: picture-alliance/dpa

Како и секогаш во близина на Папата е шефот на полицијата на Ватикан. Неколку часа подоцна тој го уапси батлерот.

Од овде, од работната соба на Бенедикт 16-ти, се земани документите.

Поради експлозивноста на аферата, портпаролот на Ватикан, Федерико Ломбарди, речиси секојдневно ги кани на брифинг меѓународните медиуми. Нема многу факти, постапката не е јавна. Затоа има шпекулации за борби за превласт и кој стои во заднината на настаните.

Бернд Хагенкорд, свештеник, Радио Ватикан

„Постојано има спротивставувања - тоа многу јасно се забележува; содржински, а можеби и лични, не знам точно. Но, сигурно е дека има расправии, дека се пишуваат и се примаат писма. Лошо е што е тоа изби во јавноста. Значи, веќе воопшто не ќе може во доверба да се разговара за некои работи, кога не се знае дали тоа утре нема да стои во весниците“.

Папата во одбрана на потчинетите

Во фокусот на критиката се најде вториот човек на Црквата, државниот секретар кардинал Тарчизио Бертоне. Тој има премало дипломатско искуство, речиси ни не зборува странски јазици и понекогаш со лакташење ја спроведува својата политика.

Сандро Маџистер, новинар, експерт за Ватикан

„Тарчизио Бертоне, според мене, е еден од најодговорните за сегашната катастрофална ситуација на ватиканските власти. Тој покажува дека не може да ги води како премиер“.

Gebäude Vatikanbank
Ватиканската банкаФотографија: AP

Треба ли да биде сменет од функцијата поради објавените документи? Бенедикт 16-ти постојано го штити својот долгогодишен сопатник.

Папата Бенедикт 16-ти:

„Се намножија подметнувања, проширени од некои медиуми, кои беа целосно неосновани и одеа далеку над фактите. Тие оддаваат слика за Светата столица, која не е содветна на реалноста“.

Во аферата сега Бертоне оди во офанзива со интервју за италијанската телевизија.

Кардинал Тарчизио Бертоне, државен секретар на Ватикан:

„За да се знае целата вистина за настаните, не е доволно да се знаат и да се објават неколку документи. Разјаснувањата често пати се плод на дијалог, на лични односи и на конверзија на срцата - тие не доаѓаат од актите и од бирократијата“.

Тоа значи: има дискусии за курсот на Црквата, а кардинал Бертоне останува на функцијата; привремено, шпекулираат познавачите на Ватикан.

Сандро Маџистер, новинар, експерт за Ватикан:

„Претходникот беше сменет на 78 години. Бертоне на крајот од годинава ќе има 78. Значи, можно е да биде заменет уште во оваа година“.

На Ватикан му претстојат турбулентни недели. Кризата налага промени во персоналот и структурите. Скандалот им нанесе штета на Папата и на Католичката црква.