„Ватиликс“ - екс-собарот на папата пред суд
29 септември 2012Зад ѕидовите на Ватикан денеска започна судскиот процес за аферата „Ватиликс“. Обвинет е поранешнот собар на папата Бенедикт Шеснаесетти, Паоло Габриеле поради тешка кражба. 46 годишниот Габриеле, кој припаѓаше на најблиското опкружување на поглаварот на римокатоличката црква, е обвинет дека украл доверливи документи од домот на папата и ги копирал. Истите потоа дојдоа во рацете на медиумите. Габриеле ги призна обвинувањата, се извини и го замоли папата за прошка.
Габриеле денеска присуствуваше на првиот ден од почетокот на процесот. Според правните правила на Ватиканската држава, присуството на обвинетиот не е задолжително. На Габриеле, кој беше уапсен во мај годинава и во јули беше пуштен во домашен притвор, му се закануваат до четири години затвор.
Истражните органи во приватниот стан на Габриеле конфискуваа повеќе кутии со копии од документи, кои би можеле да потекнуваат од бирото на папата Бенедикт Шеснаесетти. Освен ова таму пронајдоа и книга, парче злато и чек издаден од папата Бенедикт Шеснаесетти на преку 100.000 евра.
Поради пружена помош мора да одговара и информатичарот во Државниот секретаријат на Ватикан, Клаудио Скјарпелети. Кај него беше пронајден пликот со доверливите документи, а освен ова самиот се заплетка со противречни изјави. Скајрпелети не присуствува на процесот. Тој е застапуван од неговиот бранител Џанлука Бенедети. Нему му се заканува најмногу една година затвор.
Трибуналот е прва инстанца во ватиканскиот правосуден систем. Кога судот со кој претседава Џузепе Дала Торе ќе ја изрече пресудата, е отворено прашање. Доколку обвинетите добијат затворски казни, истите ќе мора да ги издржуваат во италијански затвор. Папата има можност да ги помилува.
Од почетокот на годинава постојано во јавноста продираа бризантни документи од Ватикан. Меѓу другото стануваше збор за корупција и матни зделки на ватиканската банка како и наводен комплот за убиство на папата. Зад аферата „Ватиликс“ се претпоставува дека се водат интерни борби за превласт. Авторот на книгата во која се објавени тајните документи, Џанлуиџи Нуци, повеќепати изјави дека екс-собарот на папата бил „еден од неговите извори“.