1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вевчани и Брајчино - македонска понуда на саемот во Берлин

Силвера Падори11 март 2009

На Меѓународниот саем за туризам во Берлин светот ја претставува својата туристичка понуда. Меѓу 11.000 излагачи од 187 земји е и Македонија. Земјата ќе привлекува гости со рурален туризам.

https://p.dw.com/p/H9w8
Македонскиот штанд на ИТБФотографија: DW

Меѓу медитеранските туристички велесили - Хрватска, Италија, Малта, Црна Гора, во една од саемските хали Министерството за економија ја претставува Македонија. Презентацијата е скромна, без видеобимови, големи знамиња и реклами. Но, со нов пропаганден материјал и за првпат со водич за Македонија на германски јазик.

Промоција во кризно време

Зоран Николовски, раководител на Секторот за туризам во Министерството за економија, потврдува дека светската криза се чувствува и тука на туристичката берза во Берлин. Целта на Македонија е својата туристичка понуда да ја промовира и во странство. Лани туристичкото стопанство во Македонија забележа пораст од 13,5 проценти. Во кризна година како оваа, успех ќе биде доколку се обезбеди и половина од минатогодишното, велат од министерството.

Karneval in Vevcani, Mazedonien, 13.01.2008
Вевчани е познато и по својот карневалФотографија: DW/MIA

Македонија е мала. Нема море, ниту евтин авионски превоз до нејзините дестинации, што значи дека земјата не може да го развива масовниот туризам. Но, работниците од оваа бранша својата шанса ја гледаат на друга страна.

„Сакавме малку да излеземе од стандардната понуда и презентација само на Охрид. За првпат нудиме рурален туризам: селата Вевчани и Брајчино. Во преговори сме со Турција, а со туристичката агенција ’Фортуна’ од Хрватска соработката е веќе договорена. Во април пристигнуваат првите пет групи. Се нудат 80 куќи и еден мал приватен хотел во Вевчани. Местото нуди забава, добра храна и пијалоци,” вели Алекасандар Коневски, заменик претседател на Туристичката комора на Македонија.

Привлечни цени за Европа

Првиот човек на Комората, Драги Поп-Стојанов поконкретно објаснува дека Брајчино е пример на рурален туризам и претставува нова перспектива за самовработување на локалното население.

„Сакаме да се вклопиме во светскиот тренд. Во време на рецесија да понудиме поевтини и нови дестинации за туристите од Западна Европа. Тие би биле среќни да платат половина од она што нормално го даваат за одмор. Кажано низ бројки - ноќевање со појадок во Брајчино чини меѓу 8 до 10 евра. Ноќевање со полн пансион може да се обезбеди за 15 до 20 евра што е мошне солидна цена”, истакнува Поп - Стојанов.