Велигден во егејското гето
25 април 2022Дури и самиот збор Велигден за мене остана длабоко поврзан со споменот на моите егејски баби и со именденот на татко ми. Го славеше на денешен ден, на Велигденскиот понеделник. Кога бев дете, за мене долго време остана тајна како името на татко ми Ташо беше поврзано со зборот Велигден. Тоа имаше врска со историјата на грчките имиња, кои при крштевањето ги добиваа моите егејски роднини, родени по Балканските војни. Бидејќи новороденчето во фамилијата обично добиваше име во спомен на некој починат роднина, тоа за моите егејски роднини беше „вистинското“. Иако грчкиот поп при крштевката не го прифаќал или, откако ќе му го кажеле, го заменувал со некое грчко име, само тоа име за нив беше „своето”. Затоа што беше на „нивниот” јазик, кој во Грција беше забранет. Никогаш не прашав кога татко ми го „завикале“ Ташо, иако добро паметам дека дедо ми, неговиот татко, го викаше „Насташ”, по лерински.
Мајка ми, родена во Бапчор, не го познаваше тоа име. Дури кога пораснав дознав дека крстеното грчко име на татко ми било Анастасиос, во славјанската форма, Анастас. И затоа од него дедо ми направил Насташ. За мене никогаш немаше причина да го прашам татко ми дали неговото име Ташо е неговото „официјално”, крстено име, зашто уште не ја знаев историјата на „двојните” имиња во егејските фамилии: тоа од „грцкијо поп” и тоа што родителите го избрале за детето. Можеби името Ташо била желбата на баба ми Кица? Можеби таа така го викала од милост, си велам додека ја пишувам колумнава. Тоа, сепак, ќе остане тајна. Не само за името на татко ми, туку и за името на мајка му, по која сум крстена. Кога среде ноќ се одлучиле да пребегаат преку границата од Овчарани во Битола, моите роднини по татко не ги понеле со себе личните документи. Ги оставиле „дома”, скриени од татко ми на скришно место на таванот. Верувале дека таму, во куќата, тие ќе бидат „на сигурно”. Како што верувале и дека ќе се засолнат во Битола само на некое време, а потоа пак ќе се вратат „дома”. Се прашувам и денес кога ќе видам украински бегалци, дали тие со себе ги понесуваат сите лични документи и фотографии, затоа што се свесни дека напуштениот дом брзо ќе биде ограбен, некогаш од првите соседи? Ние немаме семејни фотографии од животот зад границата. Документацијата на нашиот семеен живот почна со егзилот во Југославија.
Во егејските фамилии имињата најчесто ја раскажуваат сложената историја на регионот Македонија, со сите трагични последици од војните и од асимилаторските политики на соседните држави. Така е и со името и со именденот на татко ми, кое не го чува во себе само мојот спомен на Велигденскиот понеделник, туку и тој на „тајните” и на официјалните имиња на Македонците од Егејска Македонија. Веќе бев возрасна кога сфатив дека грчкото име „Анастасиос” и славјанското Анастас потекнуваат од грчкиот збор „ανασταση”, што значи „воскресение”. Името Анастасиос значи „воскреснатиот“. Иако сега го знам значењето, именденот на татко ми остана за мене засекогаш поврзан со тајната радост на Велигденскиот понеделеник. Не зборуваа многу моите роднини, како и дали го славеле именденот на татко ми во првите години од егзилот кај своите Македонци. Во крајната беда во која ги доведе војната, тие на почетокот Велигден сигурно го обележуваа само со црвени јајца.
Најважната ука
Имав баби само по мајкина страна, затоа што баба ми по татко не го преживеа бегството, а тие, мајкините роднини, го напуштија Бапчор во август 1948-та. Во бегалскиот логор во Браилово, во првата есен во Југославја, тие го направија само поменот за дедо ми Трајко, кој почина една година пред нивното бегство од Грција. Првиот Велигден во Југославија го дочекале во второто бегалско сместувалиште во селото Поменово. Таму сите мои баби станале „аргатки” кај „тукашните”. Така тие до крајот на животот ги викаа вардарските Македонци. Секоја баба работела за една фамилија. Ткаела, плетела, шиела за „тукашната” домаќинка. А тие, жените од Поменово, со егејските бегалци ги поврзувале истите стереотипни слики на кои и ден-денес асоцираат бегалците од војните. Тие биле уверени дека тие биле „голтари” и зад границата, па затоа можеле да го напуштат домот. Тој што не доживеал војна, не може да си го замисли стравот за голиот живот кој ги тера бегалците да ја напуштат татковината. Затоа селанките од Поменово се чуделе на вештината, мудроста и дарбата за организација на домаќинството на моите баби. Тие не знаеле дека во Бапчор прабаба ми имала куќа на неколку ката, слична на куќите во Крушево или Лазарополе. Дека имале неброени буљуци овци. Дека имале вработени момоци и овчари, но и аргати за жетвата. Таму, во селото Поменово, моите баби мора да го прославиле првиот Велигден. Како бегалци, како луѓе без дом и без земја.
За нив, пак, беше најважно тоа што никој не можеше да им го одземе – нивната вера во Бога. Не ја изгубија ниту во најголемата беда и страдање. Напротив, постојано се наоѓаа во состојба на искупение, на покајание. Особено мојата прабаба по мајка, Софка, беше харизматичниот столб, моралниот авторитет во фамилијата. Таа денот го започнуваше со споменот на светителот кого црквата го слави тој ден. Беше неписмена, а го знаеше наизуст Евангелието, научено на богослужбите во Бапчор. И веруваше дека за човека тоа била најважната ука. Била позната по мудроста во цел Бапчор и околината. Кога костурскиот војвода Митре Влао ќе дошол со комитите во селото, селаните го известувале кој бил „наклонет” на другата страна, што значело дека бил предавник. Пред да ја донесе конечната пресуда, Митре Влао барал да се викне Софка Шарина, таа да му каже дали тоа е вистина. Прабаба ми не стравувала да ја каже вистината, дури и кога таа не му се допаѓала на прочуениот војвода, кој ширел страв и трепет кај обичните луѓе.
„Шо носи саато, не носи годината“
Моите егејски баби на Велигден во егејското гето крај Скопје, блису до Автокоманда и до селото Маџари, зрачеа бескрајна радост и љубов. Кога се враќаа од службата на Велики четврток од црквата во Маџари, ми се чинеше дека нивните лица блескаа со тајна сила. Прабаба ми Софка на Велигден секој гостин го дочекуваше во својата бегалска одаја како да е ангел божји. Со срце полно радост и срдечна љубопитност. Дури подоцна сфатив дека силината на мојата прабаба Софка беше нејзината силна вера во Бога. Таа во најголемата неволја не губеше надеж дека, сепак, сѐ може да се смени на подобро, дека човекот секогаш има можност да направи дури и најмалечко добро дело. Веруваше дека добрината никогаш не останува незабележана од Бога. „Бог може да забави, ама не и да заборави”, ги тешеше очајните и нестрпливите. Затоа што нејзината парола беше - „шо носи саато, не носи годината”. Секако, и добро и зло. Сепак, ми се чинеше дека таа секогаш веруваше само во добриот крај на нештата.
- повеќе од авторката:Да се биде во ЕУ и без ЕУ-членство?
Две недели пред Велигден роднините почнуваа да ги подготвуваат бегалските одаи за празникот. Ги белосуваа не само „стисовите” внатре, туку и „плетовите”, дрвените огради од бегалските градини, но и прастарата фасада на бегалската барака. За Велигден сѐ мораше да блеска од чистота и белина, затоа што тоа требаше да ја симболизира темелната преобразба на животот по Христовото воскресение. Сѐ требаше да дарува светлина, дури и бегалските одаи, кои на Велигден мирисаа на јагнешкото печено, на јагнешката супа на мајка ми, со ориз и киселец, на ликерот од кајсии за гостинките, на питите и корите бапчорски со сирење и праз.Во радоста велигденска, тие беа обедините со споменот на сите починати роднини, чии гробишта останаа отаде границата. Со сите ближни, кои Граѓанската војна ги расеа насекаде низ светот.
- повеќе од авторката: Кое е заедничкото македонско граѓанско „ние”?
И ден-денес, Велигденскиот понеделник за мене го повикува мирисот на бегалските одаи. А со мене се сите мои роднини, кои ми даруваа толку посебно, богато детство! Зборот Велигден е и мојот помен од љубов за сите нив, затоа што стана и моја лична тајна на љубовта која е посилна од смртта. Христос воскресна, ми вели и сега радосно прабаба ми Софка, додека ме дарува со првото црвено јајце. А јас трепетливо ѝ возвраќам – навистина воскресна!