1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Велигден, Пасха и Рамазан – трите празници во исто време 

15 април 2022

Ретко се случува важни верски празници на христијаните, Евреите и муслиманите да се погодат во исто време, како викендов. Зошто?

https://p.dw.com/p/49yvE
Israel, Jerusalem | Tempelberg
Фотографија: Marco Brivio/Zoonar/picture alliance

Монотеистичките религии празнуваат. Додуша не заедно, ама во исто време. Овој петок христијаните го одбележуваат Христовото распетие, а во недела го слават неговото воскресение. Евреите пак ноќта во петок кон сабота го одбележуваат Пасха – напуштањето на Израелците на Египет и крајот на ропството. За муслиманите пак секој петок е посебен, а сега се совпаѓа со светиот месец Рамазан кој завршува на 2 мај. Ваквата коинциденција е невообичаена, особено близината на муслиманскиот Рамазан и велигденските пости. За разлика од христијанскиот календар, кој се води според движењето на сонцето и е прифатен во западниот свет, муслиманскиот календар се води според месечината и месечевите мени. 12 месеци во сончевиот систем траат 365 дена, во месечевата година пак само 354, па поради ова празничниот циклус на муслиманските празници во текот на три децении се „преклопува“ со христијанските празници.

„Браќа и сестри"

Пократкото траење на годината на муслиманите им нуди „шанса, Рамазан и други празници да ги доживеат во различни годишни времиња и различни климатски услови,“ вели портпаролот на Советот за координација на муслиманите, Абдасамад Ел Јазиди за ДВ. Истовремено тоа е и причината зошто празниците на муслиманите со тек на времето се поклопуваат со празници на христијаните и Евреите. „Тоа треба да нѐ потсети дека сите сме браќа и сестри во човечноста и дека сите заеднички мора да се залагаме за доброто,“ вели Ел Јазиди. Еврејскиот празник Пасха и Велигденот на христијаните често пати се блиску еден до друг и секогаш во рана пролет, но ретко кога точно се преклопуваат.

Symbolbild Christentum Judentum Islam
Различни религии и различни календариФотографија: picture alliance/Godong

Во 2022 Пасха започнува на 16 април, „светите денови“ на христијаните се исто овој викенд, односно од четвртокот до недела наутро. Разликата е во тоа што христијанскиот календар од 325 година, Велигденот го слави во првата недела по пролетната полна месечина. Во еврејскиот календар Пасха може да се падне во било кој ден од неделата.

Ерусалим слави

На ниту едно друго место во светот, празнувањето на  монотеистичките религии  не се одвива толку блиску како во Ерусалим. Во ова „интензивно време“, таму се чувствува како припадниците на сите три религии „ги исчекуваат“ овие денови, вели за ДВ, Никодемус Шнабел кој со години живее на маргините на стариот град во Ерусалим. „Градот буквално вибрира од различните аџии, како сега по коронавирусот да има потреба да се надомести изгубеното и повторно надвор да се слави и сите да се здружат за празниците.“

На крајот на краиштата, вели тој, религиите ги поврзува заедничкото искусување на верски мотивирана посета. Повеќе денови со ред, христијанските верници кружат низ стариот град.  Муслиманите пак во петок изутрина одат на петочна молитва во џамијата на ридот. Еврејските посетители се молат на Ѕидот на плачот. Со оглед на политичките тензии во земјата, вакви денови се предизвик и за безбедносните сили во градот.

BdTD | Israel Jerusaelm | Zeremonie des Heiligen Feuers in der Grabeskirche
Православен Велигден во Црквата на Христовото раѓање во ЕрусалимФотографија: Emmanuel Dunand/AFP/Getty Images

Православие

И по овој викенд, велигденските празници се уште не се завршени, ниту во Ерусалим. За  православието и некои цркви на истокот поврзани со католичката црква, одбележувањето на Воскресението христово ќе се случи дури следниот викенд. Причина за тоа е што источните христијани во 1582 година не ја прифатија реформата на календарот од папата Грегориј XIII, односно одбија да го спроведат Грегоријанскиот календар, па така почетокот на пролетта кај нив најчесто е на друг датум.

Грците, Русите и други православни христијани годинава Велигден слават една недела по католиците. И во Германија, украинската заедница се подготвува за големиот празник. Исто како и многуте христијани, кои во изминатите недели избегаа од нивната татковина поради руската агресија.