Британците панично купуваат бензин
28 септември 2021„Ги повикуваме сите да купуваат онолку бензин колку што купуваат вообичаено“, гласи заедничкиот апел на нафтените компании БП, Есо, Шел и други претпријатија во браншата. Значи, да не се создаваат резерви, зашто, како што се вели, гориво има доволно и со британската влада се работи на тоа да има бензин на располагање во целата земја.
Недостигот на бензин се јави како последица на недоволно возачи кои го транспортираат горивото до бензинските пумпи. Откако дел од бензинските пумпи мораа да затворат поради недоволно гориво, дојде до верижна реакција - пред бензинските пумпи кои работеа се создаваа сѐ подолги редици, во кои купувачите чекаат со часови.
Армијата на готовс
Доколку во текот на наредните денови состојбата не се подобри, британската влада има намера да ангажира возачи на армиски цистерни со цел „да се стабилизира синџирот на снабдување“. Станува збор за „ограничен број“ возачи и за мерка која ќе биде само привремена, најави Министерството за економија во Лондон.
Според наводи на Petrol Retailers Association, асоцијација која застапува илјадници независни бензински пумпи, во моментов две третини од нејзините членки немаат гориво. Претседателот на асоцијацијата, Брајан Мадерсон, за тесното грло во снабдувањето го обвинува „паничното купување“ бензин.
Најголемиот синдикат во јавните дејности Унисон побара со бензин прво да се снабдуваат работници во клучни бранши, како лекари наставници и полицајци. „Владата би можела сега да го реши овој проблем со тоа што би издала наредба за ургентни состојби и би ги обврзала бензинските пумпи да им продаваат бензин само на вработените на клучни позиции“, изјави генералната секретарка на Унисон, Кристина Мекејниа.
Со цел да ја реши кризата со снабдување во земјата, од која се погодени и супермаркетите, владата на премиерот Борис Џонсон минатиот викенд донесе одлука за олабавување на критериумите за добивање виза за странски возачи на камиони и стручњаци од други бранши. Ваквото олабавување е јасно отстапување од рестриктивната политика на доселување која ја следи Џонсон од излегувањето на земјата од Европската унија.