1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Дали е користено хемиско оружје во Мариупол?

ЖА /АФП
12 април 2022

Велика Британија се обидува да изврши проверка на извештаите според кои руската војска во напад врз опколениот украински град Мариупол, наводно употребила хемиско оружје.

https://p.dw.com/p/49oOM
Ukraine | Kriegseindrücke aus Mariupol
Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

„Постојат извештаи дека руските војници при нападот врз жителите на Мариупол користеле хемиско оружје. Со партнерите работиме на итно расветлување на деталите“, напиша министерката за надворешни работи Лиз Трас синоќа на Твитер.

„Секоја употреба на вакви оружја би претставувала опасна ескалација во овој конфликт, за што ќе го земеме Путин и неговиот режим на одговорност“, напиша Трас.

Портпаролот на американското Министерство за одбрана Џон Кирби, синоќа изјави дека и Вашингтон има непотврдени информации за хемиски напад врз стратешки важниот град. „Доколку овие информации се покажат за точни, тогаш се исклучително загрижувачки“, рече Кирби, укажувајќи на „сомневањата“ на американската војска дека Русија може да примени во Украина „различни средства за растурање протести, посебно солзавец помешан со хемиски боеви отрови“.

Украинската пратеничка Ивана Клумпуч на Твитер напиша дека Русија во  Мариупол употребила „непозната супстанција“ која кај луѓето предизвикала проблеми со дишењето – „веројатно хемиско оружје“.

Петро Андрушченко, советник на градоначалникот на Мариупол, преку Телеграм соопшти дека „информаците за користење хемиско оружје засега не се потврдени“. Се очекуваат детали и разјаснување, тој ќе ги сочека „официјалните информации од војската“.

Украинскиот полк „Азов,“  кој се бори во Мариупол, вчера на Телеграм објави дека руски дрон фрлил „отровна супстанција“ врз украинските трупи и цивилите. Кај погодените настапиле проблеми при дишењето и невролошки проблеми. Основачот на полкот, Андреј Билетски во видео порака објасни: „Три лица имаат јасни знаци на труење со боеви хемикалии, но без катастрофални последици“. Новинската агенција АФП не можела да ги верификува овие наводи.

Претставникот на проруските сепаратисти, учесници во борбите во Мариупол, Едуард Басурин, вчера ја спомена можноста од употреба на хемиско оружје во градот, истакнувајќи – сепаратистите би можеле да се обратат „до трупите за хемиско оружје, кои би принашле начин да ги истераат кртовите од нивните дупки“, како што цитира руската новинска агенција РИА Новости.

Мариупол не се предава

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во најновото видео обраќање истакна дека на Украина ѝ недостигаа тешки оружја за ослободување на  Мариупол.  „Доколку имавме авиони и доволно оклопни возила и потребна артилерија, можевме да успееме“, рече Зеленски. Истовремено, изрази уверување дека Украина, кога и да е,  ќе го добие оружјето кое ѝ е потребно. „Но, не е загубено само време, туку и животи на бројни Украинци“, а за тоа се одговорни оние кои не испорачуваат оружје, смета Зеленски.

Седум недели по почетокот на руската инвазија врз Украина, Мариупол очигледно е пред пад – преостанатите украински трупи во градот вчера соопштија дека се подготвуваат за „последната битка“, просруските сеператисти од регионот Доњецк објавија заземање на градското пристаниште.

Мариупол е под руска опсада со недели. Градот со некогаш 400.000 жители е речиси уништен, а хуманитарната ситуација катастрофална. Зеленски зборуваше за најмалку десетици илјади мртви – жртви на руската опсада на градот.