Верушевски го апсолвира Мијалков од вина за прислушкувањето
10 октомври 2019Експремиерот Никола Груевски, а не поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, е виновен за скандалот со прислушкувањето, оцени денеска на судењето за предметот „Таргет-Тврдина“, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски. Откако на минатото рочиште предизвика недоумици во јавноста со ставот дека документацијата од прислушкуваните разговори „доживеала стравотна модификација и компромитирање“ по неговото лишување од слобода, Верушевски денеска избегнуваше директно да одговори на прашањата на обвинителството, додека одбраната на Мијалков се откажа од тоа право. За „модифијацијата и компромитирањето“ исто така ги обвини Груевски и двајцата избегани разузнавачи на УБК.
Единствено конкретен, Верушевски беше во однос на вината за прислушкувањето.
„Тројца луѓе, по мое длабоко убедување, се фокусот на креацијата на оваа документација, тројцата се избегани од државата и врз база на таа документација добиваат третман во државите каде што се избегани“, рече Верушевски пред судот. Поранешниот разузнавач е актуелен советник за безбедност на премиерот Зоран Заев и висок партиски функционер на владејачката СДСМ.
Тројцата виновници, според Верушевски, се експремиерот Никола Груевски, за кого смета дека требало да биде првообвинет во овој предмет, како и началникот на Петтата управа Горан Грујовски и Никола Бошкоски, обајцата во бегство во Грција.
Верушевски на моменти го критикуваше и СЈО дека погрешно ја водело истрагата за прислушкувањето, а го обвини и за бегството на Груевски, Грујовски и Бошкоски.