1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле заминува, доаѓа... кој?

4 април 2011

Гидо Вестервеле се откажа од позицијата лидер на либералите и функцијата вицеканцелар, но останува на местото министер за надворешни работи. Либералите за нов шеф требаше да расправаат денеска, но се‘ е одложено.

https://p.dw.com/p/10nBP
Гидо Вестервеле ги води либералите 10 години
Гидо Вестервеле ги води либералите 10 годиниФотографија: picture alliance/dpa

Партијата на слободните демократи (ФДП) денеска го остави отворено прашањето за наследник на Гидо Вестервеле. Генералниот секретар на партијата, Кристијан Линднер, чие име, меѓу другите, се врти во медиумите за можен лидер на либералите, по седницата на партиското претседателство изјави:

„За ова прашање не разговоравме на седницата на претседателството, затоа што тоа не е вистинското место за да се разговара за одлуки што се однесуваат на врвот на ФДП. Според моите очекувања, утре ќе бидат поднесени кандидатури.“

Остана речиси сам

Гидо Вестервеле своето повлекување од врвот на либералите го објави вчера (04.04), потег што во политичките кругови беше очекуван по повеќенеделните шпекулации:

„На наредниот партиски конгрес во мај, по десет години на местото претседател на партијата, нема да се кандидирам повторно за оваа функција. Ќе се концентрирам на работата како министер за надворешни работи и и натаму со полна сила ќе работам за успех на либералите.“

Останува министер за надворешни работи
Останува министер за надворешни работиФотографија: picture alliance/dpa

Гидо Вестервеле ги извлече либералите од долга фаза во која беа во опозиција, што како што шпекулираа многумина, на партијата и‘ создаваше тешкотии да формулира нова национална политика и нејзе да успее да ја преточи во законодавството во земјата. Вестервеле, на крајот, не успеа да ги реализира визиите, како онаа за намалување на даноците. Во партијата критичките гласови се множеа. Тие станаа особено гласни откако ФДП загуби неколку покраински избори. Вестервеле, на крајот на март, по загубените покраински избори во Баден Виртемберг и Рајнланд Пфалц, рече:

„Својата работа ја работам со голем ангажман, во нејзе се внесувам целосно. Останувам на она што го реков пред изборите во неделата - ако имате одговорност, тогаш имате одговорност.“

И покрај ветриштата кои вееја наспроти него, Вестервеле до крај опстојуваше, но на крајот остана речиси сам. По десет години, ерата Вестервеле во ФДП е завршена.

СПД: Почеток на крајот на владата на Меркел

Канцеларката Ангела Меркел вели дека и покрај повлекувањето на Вестервеле од местото шеф на либералите, кои се помал партнер во владата, соработката во владеачката коалиција продолжува како и досега:

Кој ќе го наследи?
Кој ќе го наследи?Фотографија: dapd

„Чекаме на решенијата што ФДП ќе ги донесе сигурно во наредните денови. Јас, во секој случај, радо соработувам со Гидо Вестервеле како министер за надворешни работи.“

Опозиционите социјалдемократи, пак, оценуваат дека потегот на Вестервеле е почеток на крајот на ерата на Меркел.

„Владата е во криза, црно-жолтите немаат компас и курс. Мислам дека е ова почеток на крајот на владата на Меркел“, изјави генералниот секретар на СПД, Хубертус Хајл.

Автор: ЕМФ/дпа/афп/дв

Редактор: Жана Ацеска